Почитувани,

Во изминативе неколку недели, кога како дел од глобалното светско семејство се соочуваме со новата закана наречена Kovid 19, би сакал со Вас да споделам некои факти и мои размислувања со цел заедно со Вас што полесно и со помали последици да ја надминеме ситуацијава. Не чека тежок период во кој нашиот начин на живот, иако веќе во многу сфери променет, ќе треба максимално да го прилагодиме на новите услови. Дозволете на почетокот со Вас да споделам дел од фактите и состојбите во градот и регионот кој го покрива Центарот за Јавно здравје Битола.

✅Од појавата на првиот позитивен случај на Kovid19, на 27.03. па се до денес во Битола се регистрирани вкупно 6 случаи, од кои првите 3 припаѓаат на еден кластер а останатите 3 меѓусебно не се поврзани. Во изминатиов период на наше барање повеќе од 100 лица се ставени под здравствен надзор во самоизолација преку ДСЗИ и уште многу повеќе во самоизолација по основ на патување во странство и сл. Земени се примероци и тестирани се над 80 лица, најголем дел по епидемиолошки индикации, а дел преку пунктот преку Мој Термин и матичните лекари. Во градот и околината во објектите на државните карантини, сместени се преку 150-тина наши сограѓани кои се вратиле во земјава со организирани транспорти.

✅Од самиот почеток, уште пред појавата на првиот случај, заедно со колегите од центарот активно сме во тек и се подготвуваме, организиравме, екипиравме за што поспремни да се соочиме со новата ситуација. Нашата установа, нашата специјалност поконкретно, Епидемиологијата е првоповикана, како превентивна гранка дел од јавноздравствениот сектор, да се соочи, препознае, едуцира и да помогне во организирањето и спречувањето на појавата и ширењето на Kovid 19. Во оваа заедничка борба активно се вклучени Клиничката болница и Здравствениот дом со сите свои расположиви капацитети, како човечки така и материјални. Обезбедени се изолациони оддели во Инфективното одделение и соби за изолција на сите одделенија.

✅Почитувани пријатели, сето ова ќе биде залудно без Ваша помош и поддршка, вклучување и БЕЗУСЛОВНО почитување на препораките и мерките кои Ви ги препорачуваме. Бројот на заболени и починати денес е резултат на нашето “ПОВЕДЕНИЕ ВЧЕРА“ (во изминативе десетина дена), а Нашето однесување, придржување и “ПОВЕДЕНИЕ ДЕНЕС” ќе ги даде резултатите после десетина дена. Значи, само од нас и од никој друг не зависи бројот на заболени и починати. Ние и само Ние со нашето однесување денес, ќе одлучиме за судбината на нашите најмили утре. Нека не ве заведува “малиот број” на заразени во Градов, зошто бројката не е воопшто битна, вирусот присутен, тука е помеѓу нас. Со нашето неодговорно однесување бројката за час може да се удвои. Не треба да се биде лекар за да можете да го согледате и споредите однесувањето и последиците од тоа однесување на граѓаните во некои држави. Затоа ОСТАНЕТЕ ДОМА, гледајте филм, читајте книга, бидете со своите. ВЕ МОЛАМ, без намера да внесам немир и паника, сериозно и крајно одговорно ве повикувам да ги почитуваме донесените мерки и препораки:

✅Сведете го на минимум Вашето движење и излегување надвор од домот. Тоа нека биде брзо, кратко и со почитување на она што се нарекува “Социјална дистанца”. Што помалку “муабети”, непотребни групирања, поздравувања и секако на дистанца еден од друг. Не се групирајте на работното место, ритуалот на пиење на утринското кафе со колегите, да го оставиме за некој месец. Болеста не можеме да ја спречиме, но можеме да ја намалиме или ограничиме брзината и начинот на ширење. Значајно е она што ние Епидемиолозите го повторуваме, кривата на епидемијата да биде блага и развлечена како здравствениот систем би можел да ги апсорбира и прифати заболените. Тоа е многу битно како не би го “блокирале и затрупале” здравствениот систем со нагло зголемување и голем број на заболени во кратко време.

✅Носете маска, (пред се да ги заштитите другите но и себе), кога сте во маркет, продавница, пазар, на шалтер, доколку се возите во автобус, такси и онаму гаде се групираат повеќе луѓе. Не е неопходно маската да ја носите цело време, пр. кога се движите. Маската променете ја барем два-три пати во денот. Отстранете ја без да ја допирајте надворешната страна.

✅Што почесто мијте ги рацете со сапун и топла вода (сапунот ја разградува липидната обвивка на вирусот и со тоа го разорува). Дезинфицирајте ги рацете со дезинфициенси на база на алкохол. Можете да носите ракавици кога пазарите, работите со пари, хартија и сл. но не го допирајте лицето и очите со ракавиците.

✅Почитувани, ни претстои период на голем предизвик, борба, непроспиени ноќи, одрекувања и жртвување, разочарувања, период во кои многумина ќе потклекнат, ќе се откажат, период во кој ни требаат храбри луѓе, период во кој ќе се преиспитаме, со себе, со блиските, со оние за кои сме мислеле дека се храбри. Но постојат и ќе се појават луѓе кои сакаат да помогнат, кои несебично ќе се стават на располагање, зошто сега е време на јунаци, сега е време за храбрите, одговорните, патриотите од сите бои и вери. Сега, на оваа генерација, еднаш на сто години и припаѓа одговорноста да помогне и да го заштити својот народ. Здравствените работници се на потег, ние сме тука за Вас, да советуваме, помогнеме, лечиме. Сега е Нашето време, време во кое треба да го покажеме и примениме она за што толку време сме се едуцирале. Убеден сум дека со Ваша помош и оваа битка ќе ја добиеме.

Д-р Тони Коњановски