ОД „ПЕЛАГОНИЈА“ ДО „ПЕЛИСТЕР“
Спортското и рекреативно планинарење и скијање во Битола своите почетоци ги бележи во првите децении од 20 век. Првите обиди за формирање на планинарско друштво битолчани ги прават во 1931 година, но тој обид ќе биде неуспешен, зашто властите барањето го одбиваат. Обидот го повторуваат во 1933 година, но исто така, без успех.
За разлика од овие иницијативи поттикнати од вистинската љубов кон планинарењето и скијањето и пред се’ кон битолската гордост, Пелистер, властите во септември 1934 формирале планинарското друштво „Перистер” како подружница на скопското туристичко друштво „Југ”. Управата ја сочинувале пред се’ припадници на власта, општински и полициски службеници и некои граѓани на Битола. Во Битола делувале подружници и на белградското „Српско планинарско и туристичко друштво”, „Друштво планинара Јужне Србије” и др. формирани и финансиски поддржувани од тогашниот режим на Кралска Југославија.
Основањето на ПД „Пелагонија“
Едновремено, кај група битолски младинци понесени од напредни идеи, чии првични обиди за формирање на планинарско друштво неколку години претходно пропаднале, се зацврстила идејата за основање на чисто сопствено и независно планинарско друштво во кое би членувале граѓани со напредни идеи, од различно социјално и национално потекло.
Нови чекори за реализирање на идејата биле преземени во 1935 година околу Петровден, кога Борис Алтипармак, Вангел Караманди, Коста Догу, Сотира Самара и Ташули Ставревски, на Јоргов Камен одржале состанок и решиле да направат уште еден обид за формирање на планинарско друштво. Договориле да побараат од Фокин Зози (неговиот татко бил трговец и често престојувал со Словенија каде планинарското организирање имало поголема традиција) да им обезбеди правилници и програми од слични друштва, кои ќе им помогнат како пример при изготвувањето на документи за регистрацијата пред државните органи. Паднал предлог за претседател да се постави Јан Дубови, Чех, кој во тоа време работел во Битола како општински архитект. Изборот паднал врз него заради претпоставките за нови можни опструкции од властите доколку за претседател би бил избран некој од младинците врз кои режимот не гледал со симпатии. Дубови бил угледен граѓанин со блескава професионална биографија (автор на многу монументални зданија, меѓу кои и опсерваторијата во Белград), па така, неговиот избор бил дополнителна гаранција дека друштвото ќе добие дозвола за регистрација. Дубови изгледал погоден и за власта, зашто тој, како инженер во Општината, сметале дека ќе ги застапува нејзините интереси, односно дека активноста на друштвото ќе биде под контрола.
Боро Алтипармак, иницијатор за формирање на чисто сопствено и независно планинарско друштво и еден од основачите на ПД „Пелагонија“. Подоцна станува прв директор на првиот национален парк во рамките на СФР Југославија, НП „Пелистер“
Д-р Јан Дубови, првиот претседател на Планинарското друштво „Пелагонија“.
– Во тоа време во Битола важеше непишаното правило, челници на спортски и културно-уметнички друштва да бидат видни граѓани. Сите сметаа оти и нашето друштво ќе го прифати тој диктат и контрола од страна, но на општо изненадување – избравме личност од сопствените редови! Заради што бевме подложени на разни притисоци, одмазди и тормозења. И покрак се` – за прв претседател беше избран д-р Јан Дубови, Чех по националност – што беше доказ повеќе дека ние не бевме шовинисти и славољупци, се вели во едно запишано сеќавање на Борис Алтипармак.
Што се однесува до изборот на името на новото друштво, имало повеќе предлози: „Битола”, „Јоргов Камен”, „Букова Шума”, „Кајмакчалан”, „Пелистер”, „Молика”, „Драгор”, „Пелагонија” и др. По предлог на Борис Алтипармак друштвото било именувано како „Пелагонија”. На прв поглед не е соодветно име на рамница да биде име на планинарско друштво, но тоа било мотивирано од намерата за опфаќање на што поголем број членови, од целиот пелагониски регион. Покрај Алтипармак како основач, како соосновачи-потписници на барањето за основање на друштво, биле Јан Дубови, Фокин Зози и Атанас Стерјовски. Алтипармак во врска со ова има кажано дека, барањето било прифатено: „Како за чудо, божем така препуштени сами на себе, неискусни и без никаква поддршка, брзо ќе капитулираме и ќе се вклучиме во редовите на „Друштво планинара Јужне Србије” од Скопје. Во такви, мошне тешки услови за работа, во нашиот град се основаше првото независно планинарско друштво во Битола и во Македонија, што претставуваше настан од извонредно спортско, национално, а и политичко значење”.
На 31 декември 1935 година, во просториите на хотелот „Солун” се одржало Основачко собрание. Подготовките за него биле сериозно обмислени и спроведени. Низ улиците на Битола биле залепени информативни огласи со извесување за времето на неговото одржување и со повик за зачленување. Свечениот чин бил збогатен со повеќе дискусии од присутните, во кои провејувал ентузијазмот и амбициите „Пелагонија” да опфати што поголем број пред се’ млади членови кои ќе го развиваат и практикуваат духот на спортот, планинарството, скијањето, но и духот на заедништвото и солидарноста.
Д-р Јан Дубови бил избран за претседател, Тома Христов за потпретседател, Фокин Зози за секретар, а за благајник Борис Алтипармак. Во Управниот одбор влегле Никола Димитровски, Вангел Караманди, Коста Догу, Јован Беака, Сотир Трпчевски и Самуел Израел. Тегос Тегу бил избран за претседател на Надзорниот одбор, a покрај него членувале уште и Борис Цветковски и Киро Филиповски.
Првата управа на Планинарското друштво „Пелагонија” и други лица кои биле присутни на Основачкото собрание во 1935 година:
Прв ред од лево, седат: Мишко Светиев, казас (ситничар); Мирко Костовски, кројач; Коста Догу, новинар; Самуел Израел Лувра, трговски помошник; Славко Прчко, папуџија. Втор ред од лево, седат: Лазе Каваев, ученик; Борис Алтипармак, службеник; Фокин Зози, трговец; Јан Дубови, инженер; Тома Христовски, студент; Киро Филиповски, аптекар; Киро Здравковски, фурнаџија.
Трет ред од лево, стојат: Димитар Спирковски Еделвајс, кројач; Методија, амберџија (винар); непознат; Сотир Трпчевски, службеник; Славко Кукуловски, кројач; Вангел Караманди, трговец; Никола Ничота, студент; Петар Дурацов, дограмаџија; Тегос Тегу, фотограф; Борис Стојков, студент; Никола Димитровски, трговец; Јован Беака, чевлар; непознат; Атанас Стерјов Чакали, чевлар.
Собранието гласало и за избор на туристички водич, при што таа улога му била доделена на Атанас Стерјов Чакали. Првата канцеларија на „Пелагонија” се наоѓала на „Широк Сокак” (тогашна улица „Краљ Петар”) бр. 116.
СЛИКА СЕДИШТЕТО
Финансирањето се потпирало пред се’ врз прилози од членовите, но недостигот на средства во „Пелагонија” бил постојан. За подобрување на оваа состојба на 26 мај 1936 година друштвото се обратило до Министерството за трговија и индустрија и побарало материјална помош. На барањето било негативно одговорено, а како образложение било наведено дека министерството не било надлежно и дека барањето немало соодветна таксена марка. Материјална помош за иградба на планинарски дом била побарана во мај 1936 година и од Министерството за физичко воспитување на народот. Друштвото се обидувало на разни начини да дојде до пари, како на пр. со издавање на поштенска разгледница со мотив од Пелистер, врз чија позадина бил отпечатен повик за зачленување во „Пелагонија”.
Кусо време по основањето, друштвото изготвило „Правила” те. статут за поставеноста и начинот на организирање. Документот бил одобрен на 13 март 1936 година од страна на Министерството за физичко воспитување на народот. Уште во првите месеци од постоењето, друштвото „Пелагонија” изработило свој печат и испечатило членски книшки. Печатот бесплатно го изработил Петар Попов, кој имал негова печаторезница.
Меѓу првите кои се зачлениле и добиле членска книшка, освен погоре споменатите лица од раководните и управните органи, биле Стојче Маслинковски, дограмаџија; Андре Буже, трговски претприемач; Лазо Елезовиќ, поштенски службеник; Коста Бакалица, амберџија (винар); Лука Секуловски, чевлар; Евантија Волчева, ученичка; Дора Секуловска, ученичка; Ирина Црвенкова, ученичка; Вангел Василевски, молер; Сотир Димитровски Зимбиљо, дограмаџија; Петар Бојаџиевски, чевлар; Круме Трајков, собаџија; Златан Скоберне (интересно е што во зимата 1945 година дел од воениот рок тој, заради планинарското искуство, го поминал на Пелистер); Кочо Христов, чевлар; Методија Светиев, ученик; Панде Димитровски, колар; Панде Неделковски, кројач; Јорго Попов, ученик; Ицо Попов, ученик; Спирко Спирковски, ученик; Цане Спирковски, ученик; Момчило Спирковски, ученик; Ратка Спирковска, ученичка; Виолета Спирковска, ученичка; Ташули Караманди и др. Неколку месеци по формирањето, веќе во мај 1936 година, друштвото имало 198 членови.
Годишно собрание на ПД „Пелагонија“, одржано на 13 декември 1936 година.
Хроничарите забележале дека освен спортско-рекреативната дејност, тоа било и општествено ангажирано во отпорот кон денационализаторската политика на тогашната власт, па затоа се трудело да опфати што поголем број напредни младинци и граѓани. Како потврда на таквата определеност, една година по основањето за нов претседател е избран Лазар Елезовиќ, поштенски службеник, Србин по националност. Во врска со тоа, вреди да се напомене едно искажување на Борис Алтипармак: „Тоа беше доказ дека не бевме ,бугараши” и не ги мразевме Србите, како што обично бевме клеветени пред власта. Co еден збор, беше јасно дека во Друштвото беа зачленети и левичари и десничари, а и едните и другите се истакнуваа со својата планинарска активност, така што во Друштвото не беше фаворизиран никој посебно, во смисла на национална припадност или политичка обоеност”. Подоцна, за трет по ред претседател на Планинарското друштво „Пелагонија” е избран Стојче Маслинковски, дограмаџија. Hero на претседателската позиција го наследува Димче Спирковски, терзија, кој на должноста се задржал и по бугарската окупација на Битола.
Управата на Планинарското друштво „Пелагонија” од 1937 година. Прв ред, од лево, седат: Сотир Димитровски Зимбиљо, дограмаџија; Борис Цветковски Магеро, трговски помошник; Димитар Спирковски Еделвајс, кројач; Борис Алтипармак, службеник; Мишко Богоевски Светија, казас (ситничар).
Втор ред, од лево, седат: Непознат; Андре Буже, трговски помошник; Паскал Петровиќ, учител; Пецо Талев, кројач; Непознат; Томо Гинов, керестеџија; Стојче Маслинков, дограмаџија.
Трет ред, од лево, стојат: Михајло Рошков, казас; Миле Пецаков, трговски помошник; Непознат; Александар Лозанов, градинар; Петар Бојаџиевски, чевлар; Пецо Ивановски, казас; Методија Лазаревски Бенката, трговски помошник; Киро Здравковски, фурнаџија; Васил Светиев, казас; Стевче Шијаков, службеник.
Брзиот растеж на Друштвото предизвикал завист кај другите планинарски друштва, подружници и секции во Битола, кои на разни начини се обидувале да ја попречат неговата активност. Тие до полицијата и до Планинарскиот сојуз испраќале писма со обвинувања дека „Пелагонија” ги уништува нивните маркации на Пелистер и сл. На членовите на „Пелагонија” им било попречувано користењето на патеките обележани од страна на друштвата „Перистер” и „Српското планинарско и туристичко друштво”, дури им било забранувано и да минуваат покрај планинарскиот дом „Бегова Чешма”. Имало и физички пресметки. За да ги избегнат конфликтите, членовите на „Пелагонија” трасирале и обележувале нови планинарски патеки, при што особена активност покажал Лука Секуловски.
Изградбата на „Копанки“
Во 1937 година, Друштвото избрало нова управа која презела иницијатива за изградба на планинарски дом во месноста „Копанки”. Меѓутоа и оваа иницијатива наишла на пречки. Подружницата на „Српското планинарско и туристичко друштво” почнала да врши притисок врз властите, со цел да се спречи изградбата на планинарската куќа. Спорот добил и судска разрешница, а „Пелагонија” добила – дозвола за градба!
Во тој период Друштвото нараснало на 240 членови. Почнала и градбата на домот „Копанки”, но исклучиво со сопствени парични прилози и волонтерска работа, затоа што пропаднал и вториот обид да издејствуваат 30.000 динари од Министерството за физичко воспитување на народот. Исто така, биле растурени поштенски разгледници преку кои се повикувале граѓаните да помогнат во изградбата. Таа започнала и се одвивала со многу голем ентузијазам, со волја и верба дека работата ќе биде завршена.
Стариот дом „Копанки“ кон средината на 20 век.
Се работело со радост, се пееле песни. Забележано е дека Стеван Наумов – Стив при копањето на канал за дотек на вода, ја запеал „Интернационалата”, при што му се придружиле речиси сите членови на Друштвото. Меѓутоа, во тој момент во близина имало некои луѓе од полицијата, членови на „Српското планинарско и туристичко друштво” кои таму биле на излет, па го слушнале пеењето. Во наредните денови во Управата на градот биле повикани некои членови да дадат изјави и да сведочат дека при копањето на каналот се пеела политички неподобна песна. Еден од повиканите бил и Коста Догу кој изјавил дека не слушнал пеење на таква песна. Слични изјави дале и другите членови на Друштвото, така што ова иследување завршило без последици.
Скијање
Во 1938 година во рамките на Планинарското друштво „Пелагонија” била формирана секција за скијачи, делумно опремена со скии, прва од таков вид во Македонија. Членовите на „Пелагонија” учествувале во скијачките натпревари. На еден таков натпревар низ улиците и околината на Битола во 1938 година, организиран од другите друштва, учествувале повеќе граѓани и воени лица, a учество зел членот на скијачката секција на „Пелагонија”, Панде Димитровски. Имал скии кои уште во 1933 година сам ги изработил. Натпреварот го следеле речиси сите членови на Друштвото, дојдени за да го бодрат. Димитровски освоил едно од првите места. Неговиот успех многу позитивно влијаел врз зачленување на нови лица во „Пелагонија“. Сепак, најголема пречка во развојот на скијањето бил недостигот на скии, кои биле скапи и тешко можеле да се набават. Заради тоа, Панде Димитровски за потребите на скијачката секција бесплатно ги изработувал, рачно, од варена бука.
Во почетокот на март 1940 Планинарското друштво „Пелагонија” организирало еден невообичаен скијачки натпревар за кој пишувал тогашниот печат. На него учествувале осум членови на друштвото. Патеката водела од „Санаториумот” (тн. „Штампаревац”, односно „Детското одморалиште”), преку врвот на Пелистер, па Мало Езеро и Големо Езеро, Сапунџица, гребенот на Баба преку Муза и Неолица, Лавци, до Битола. Трасата со должина од околу 48 километри била обележана со мали разнобојни знаменца. Учествувале Борис Алтипармак, Димитар Спирковски, Спирко Спирковски, Петар Бојаџиевски, Васил Дамјановски, Вангел Василевски и уште еден член за чие име хроничарите не оставиле запис. Натпреварот се одвивал во лоши временски услови, па семејствата и блиските на натпреварувачите им советувале да го одложат планираниот потфат, на што тие одговориле: „Не плашете се, ние ќе ја совладаме природата”.
Еден ден пред натпреварот пред канцелариите на Друштвото имало музика и многу народ кој дошол да ја изрази поддршката кон натпреварувачите. Стартот бил пред изгрејсонце. Од „Санаториумот” пешки стигнале до врвот, каде ги ставиле скиите. Водата што ја носеле за пиење замрзнала. Поминале покрај замрзнатите Мало и Големо Езеро и некаде кај Неолица веќе ги фатил мрак. Доцна ноќта стигнале во Битола. Заради лошото време, во текот на целата траса се држеле заедно, што придонесло сите успешно и безбедно да ја минат опасната и долга траса. Така, вложувајќи огромен физички напор, по изминати седумнаесет и пол часови непрекинато движење, во Битола стигнале во 21 часот, при што биле пречекани со големо одушевување. Немало прогласување на класичен победник, но при тоа победил нивниот ентузијазам и единството, другарството и хуманоста што со тој чин ги афирмирале.
Сличен ваков натпревар бил организиран наредната година, на 2 март 1941. На него учествувале, меѓу другите, двајца натпреварувачи од „Пелагонија” и двајца од „Српското планинарско и туристичко друштво”. Покрај нив на трасата се појавиле уште двајца планинари од Нижеполе и неколкумина непријавени скијачи кои учествувале вон конкуренција. Скијачите биле испратени од пред канцелариите на „Пелагонија” од мноштво народ. Некои носеле и транспаренти со пароли во спортски дух. Стартот бил следниот ден во 4 часот и триесет минути наутро, од планинарската куќа на „Пелагонија” кај „Копанки”. Претпоставувајќи дека ќе има невреме, двајцата натпреварувачи од „Српското планинарско и туристичко друштво” се откажале уште на стартот. Натпреварот започнал по многу лошо време. Водачот на натпреварот, Димитар Спирковски, ги бодрел младите скијачи и им го покажувал правецот на движење. Имало силен и студен ветер. Лицата им мрзнеле, што било причина уште двајца натпреварувачи да се откажат уште пред да стигнат до Малото Езеро. Петар Бојаџиевски, Вангел Василевски и Петар Лазаревски го продолжиле натпреварот. Василевски во еден момент паднал во провалија, но не се откажал. На потегот кај гребенот меѓу Малото и Големото Езеро водел Бојаџиевски. Упорни во намерата да истраат и со тоа да го афирмираат Планинарското друштво „Пелагонија”, себеси се довеле во голема опасност, но сепак патеката од 38 километри успешно ја поминале и тоа Петар Бојаџиевски како прв, втор Вангел Василевски и Петар Лазаревски како трет. Во чест на натпреварувачите, истата вечер Друштвото „Пелагонија” организирало свечена забава, на која им биле доделени награди.
Благодарница на Борис Алтипармак доделена од ПД „Пелагонија” за сето она возвишено и убаво што го направил за „Пелагонија“ и за идеологијата на планинарството во Битола.
Признанието му е доделено на 2 март 1941 год. во салата на Офицерскиот дом, при прогласување на победниците на натпреварот во скијање одржан на Пелистер.
Скијачки натпревар на Неолица, 1940 година.
Дружење
Друштвото било популарно и прифатено од младите не само заради планинарските и скијачките дејности, туку и заради пропратните активности што опфаќале организирање на разни забави, вечеринки и седенки исполнети со македонска национална програма. Во 1938 година Борис Алтипармак ја напишал и поставил театарската пиеса „Планинари”, изведена на македонски јазик.
Веќе во 1939 бројот на членови на друштвото „Пелагонија” ја надминал бројката од 300 лица. Од вкупниот број околу една третина од членовите биле од женски пол. Ширејќи ја активноста, друштвото почнало да организира приредби и културни манифестации од поголем обем. Тоа било начин за почесто дружење на членовите, можност за поголема меѓусебна информираност не само за спортско-планинарски, туку и за општествени и политички случувања, а едновремено и можност за привлекување на нови членови. Една таква музичко-драмска претстава била организирана во 1939 година во „Соколаната” во Битола, при што биле изведени неколку скечеви и била испеана тн. „химна” на Планинарското друштво „Пелагонија”.
Соберете се сите планинари,
сите планинари и планинарки,
времето е ведро, сонцето изгрева,
ѕвездите се гаснат, нов ден почнува.
Ние сме спремни, сите готови,
нашата душа е радосна,
нашите срца играат во градите,
оти одиме кај Копанките.
Чешмата горе везден си течи,
оној погоре дрвца си сечи,
некој подолу мевце си печи,
целата шума, цел ден се`ечи.
Некој вика „ехо“, оној таму „ео“,
од сите страни Пелистер се ори,
амо се слушаат разни гласови
од планинари и планинарки.
За нас нема нигде одмор,
ние не знаеме што е умора,
одиме само со песни и свирки,
нашето лице е насмеано.
Инаку, „химната” ја компонирал Методија Светиев, a изведбата била на македонски јазик. Тоа било доволна индикација полицијата да ги засили мерките за следење на активноста на членовите на Друштвото.
Во текот на Втората светска војна дејноста на Планинарското друштво сосема замрела, зашто во текот на бугарската окупација не постоеле никакви услови за планинарење, а Друштвото не можело да ја извршува својата основна функција.
Преименување во „Пелистер“
Нов почеток Планинарското друштво „Пелагонија” бележи десетина дена по Четвртоноемвриската преродба на Битола. Веќе на 16 ноември 1944 година Друштвото го обновува своето постоење, но сега веќе во ослободена Битола.
Во 1945 година Друштвото го организирало Првиот ски-натпревар во ослободена Македонија со старт од врвот на Пелистер и цел на градскиот плоштад, што било поздравено од јавноста со восхит и почит кон организаторите и учесниците.
Во повоениот период името на Друштвото од „Пелагонија” се менувало во „Македонско планинарско-туристичко друштво, Матица Битола”, потоа во Планинарско спортско друштво “Пелистер”, за денес да функционира како Здружение планинарско-спортски клуб „Пелистер”.
Во повоениот период друштвото останува водечка планинарска организација во Република Македонија. Тоа е организатор и на првиот ски-натпревар во ослободена Македонија, одржан во февруари 1945 година.
Според Ицо Попов, еден од првите членови на ПД „Пелагонија“, на иницијатива на Боро Алтипармак во Битола бил повикан ски-учител од Бугарија, Тоа бил Петар Ковачев, првак на Бугарија во скијање, кој одржал курс за алпско скијање за битолчани. После курсот имало натпревар кое се одржал на 04.02.1945 год. на потегот од врв Пелистер (пирамида) – Мало Езеро – Ниже Поле – Дихово – по текот на Драгор – Довлеџик – Црн мост – Кино „Балкан“.
Ученсници на натпреварот, од лево кон десно: Гого, Саќа, Пеце, Васко, Цанцуро, Салепо, Перо, Ицо Попов, учителот Петар Ковачев, Ѓорги (Јорго) Попов, Златан, Кире, Спирко и Боре.
Скијачки натпревар организиран во 1945 година на врвот Пелистер.
Големата активност не остана без резултати. Со помош на пошироката заедница, ПСК „Пелистер“ ги изгради планинарскиот дом „Копанки“, домот „Димитар Илиевски – Мурато“ на Големо Езеро, жичницата и лифтот на ски-центарот „Копанки“, а од неговите редови излегоа најголемите имиња на македонското планинарство и скијање.
Скијачки натпревар во велеслалом одржан во 1946 на Неолица.
Дел од раководството и членството на ПСК „Пелистер“:
Горе, од лево кон десно: Сашо Атанасовски, Панде Димитровски, Татјана Илиевска.
Извор ПСК Пелистер