Битолско минато

СО ПЕТ(АР) ВО ПЕТ(ОК)

Петар Ставрев специјално за Бабам Битола

За просветниот работник Ѓорги Лазаревски, педагог, писател и претседател на „Пелагониските културно-научни средби“ – Новаци, добитник на повеќе награди за својот творечки труд, меќу кои и наградата „4 Ноември“ на Битола, за минатата година, интересно е да се знае дека во учебната 1955-56 година од преголема љубов кон музиката, своерачно направи негов кларинет.

Од дебела трска од Пелагониското блато направив писка, потоа изработив пифла и ја монтирав на гајдуница. Добив некој звук кој не наликуваше ниту на кларинет, ниту кавал, ниту гајда. Подоцна десетина пати го преправав и усовршував и со него им свирев на младите и соселаните. За запишување во Учителската школа во Битола, на приемен испит кај проф. Велко Петровски – Паскали свирев на веќе усовршениот рачно направен кларинет. Потоа професорот ме препорача да се запишам и во Музичкото училиште каде добив вистински кларинет – ни рече Лазаревски.

Ѓорѓи Лазаревски е роден 1939 год. во с.Бач. Како учител и педагог работи во повеќе места, а од 1987 до 1995 г. работи како учител за дополнителна настава по македонски јазик и култура во Германија. Таму ја истражува изградбата на Германските гробишта од Првата светска војна над Битола и постановката на музичкиот механизам на Градскиот саат како благодарност за тоа.

За него може да се констатира дека е неуморен работник. Има објавено неколку монографии, книги, романи, текстови на Википедија за неколку пелагониски села, а како претседател на „Пелагониските културно-научни средби“ – Новаци, дава придонес за афирмација на литературните творци од тој регион.

За него Вера Стојчевска Антиќ има напишано дека со шепот ги реди зборовните текови, толку приемливи и сватливи. Рачно направениот кларинет како да му даде импулс со љубов да ја извршува својата педагошка и литературна дејност.

П. Ставрев