Со ПЕТ(ар) во ПЕТ(ок), специјално за „Бабам Битола“ Петар Ставрев секој петок од минатото на Битола и битолчани


Пред Спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола се поставени автодром, рингишпили и други справи за забава на најмладите. Со нив работат браќата Даниел и Благој Бакулеви, електроинсталатери – монтери со завршено Течничко училиште, а како занаетчии се регистрирани во Регионалната занаетчиска комора од Битола. Занаетот го научиле од нивниот татко Ванѓел, познат како „Скантата“. Интересно е што тој со оваа дејност започнал да се занимава уште од 1978 г. најпрвин 5 г. со Мамут Умеров, а потоа сам.

Ванѓел Скантата на помлади години

Ванѓел Скантата (65 г.) пред ДТВ „Партизан“ поранешната „Соколана“ далечната 1982 година постави дрвен објект (платформа) во облик на големо буре каде во неговата внатрешност тој возеше мотор, наречен „Ѕид на смртта“.

Скантата во внатрешноста на “Ѕидот на смртта”

Објектот беше висок 8,2 м, широк 9 м. Со внатрешен дијаметар од 20 м.

“Со моторот „Восход“ од руско производство возев 6 варијанти со брзина од 50 км/ч во траење од 15 мин. Во горниот дел можеа да се сместат по 300 гледачи кога јас во внатрешноста најпрвин возев во долниот дел, потоа горниот, па цик-цак и на крајот хоризонтално и вертикално. На еден панаѓур во Кочани на 22 и 23 октомври 1997 г. дневно возев по 26 тури, но вечерта го скршив зглобот на десната нога заради што паузирав 2 месеци. Наредната пролет пак возев на „Ѕидот на смртта“ и така се до 1998 г.

Вангел Бакулев Скантата

Две години потоа во Бугарија забавувајќи ја публиката со возење на моторот во внатрешноста на „Бурето“, го повредил бубрегот заради што морало да му биде изваден.

Забавниот парк на фам. Бакулеви

“И сега да имам материјал и луѓе што ќе го направат објектот би возел без страв, иако некогаш кога возев нудев и по 30000 марки награда некој од присутните гледачи или битолските моторџии да влези во „бурето“, но никој не се нафаќаше- вели Ванѓел Скантата евоцирајќи ги спомените од „Ѕидот на смртта“ кој некогаш беше голема атракција.