Денес на 12.12.2020 од 12:00 до 15:00 се реализираше втората акција за пошумување на ридот над Населба Баир во близина на Манастирот „Св. Четириесет Маченици“ (кај Кркардаш) во организација на неформалната иницијатива Зелен Баир.

Втората акција на ЗЕЛЕН БАИР се реализира благодарение на финансиската поддршка на ФОРУМ ЦСИД од Скопје кој издвои средства што ги користи како дел од институционалниот грант на Програмата Цивика Мобилитас, финансиска поддршка од здруженијата ЦЕРИ од Битола и Платформа Земи Здив, донација од неколку садници на Расадник ГРЕЕН, ЈП Водовод Битола преку чија поддршка беа набавени 120 садници на бор и зеленика и ЈП Комуналец Битола кои ја помогнаа акцијата со персонал и алати.

Поради севкупната здравствена ситуација со пандемијата од Covid 19 во Општина Битола организаторите донесоа одлука оваа акција да биде од затворен тип и истата се реализира со присуство на претставници и членови на здруженијата како и преставници на локални јавни претпријатија. При реализација на акцијата се почитуваа препораките и мерките за заштита и превенција од ширење на Covid 19 вирусот.

На 17 Ноември 2019 година беше реализирана првата акција на Зелен Баир и со неа беа засадени повеќе од 100 зимзелени садници. Успешноста на првата акција е повеќе од 60% односно околу 60 садници успешно се адаптираа на новите услови и се во одлична состојба и веќе го зазеленуваат просторот.

Свесни сме дека оваа со акција и претходната нема да придонесат кон драстични промени, но повеќе вакви акции може да ја направат промената. Овој простор е поранешна борова шума која била пошумена со работни акции на граѓаните од Битола, а е многу блиску до Населба Баир во Битола, па локалното население се сеќава на прекрасните прошетки до „малата и големата вежбална“. Затоа планираме оваа акција да прерасне во традиција, такашто секоја есен би организирале вакви мали акции за пошумување се додека не се пошуми целата површина на ридот (се разбира јавниот простор).

Главната цел на ваквите акции за пошумување да се изврши реституција на опожарената поранешна зимзелена шума, но и да ги поттикне граѓаните на Општина Битола повеќе да се грижат за животната средина и да се охрабрат да организираат вакви мали акции за пошумување во близина на населените места.
Се надеваме дека до наредната есен, ќе се создадат услови акцијата повторно да ја реализираме со јавен повик за учество на сите граѓани на Битола и истата да биде многу поголема од претходните две, но дотогаш останете здрави.