БИТОЛА, ул.Рузвелтова бр.18 тел.075 22 47 22, Нов пазар 075 44 57 40

Долноселци

Најголем прилив на населеници во Генимаале имало уште во турско време.
Моите предци кога дошле во Генимаале во 1893 година, затекнале покрај староседелци, многу населеници кои пред десетина години се населиле посебно во источниот дел на Генимаале. Овие населеници биле повеќето од битолските села, таканаречени „долнoceлци“. Овие населеници доаѓајќи во Генимаале со себе, не само што ја донеле целокупната селска покуќнина,
туку повеќето од нив ги довеле и стадата овци, говедата, посебно воловите, коњите и магарињата. Ги донеле и орудијата за обработка на земјата. Се разбира, претходно купиле куќи (изградиле куќи) и земја.

На овие жители Градско Поле им влевало сигурност за опстанок. Градско Поле што се наоѓало на левиот брег по течението на реката Драгор па се до североисточниот дел претставувало мека за новите населеници. Обработливата земја што била најблизу до Генимаале била запоседната од искусни бавчанџии. А подалечниот дел од Градско Поле бил запоседнат од искусни нивјари. Сепак, голем дел од Градско Поле чекал нови стопани.

Во Градско Поле никнале повеќе ѕидани колиби

На турските власти ова новодојдено население им одело во прилог. Јакнело економското стопанство. Производите на земјоделците и тоа како им биле
потребни не само за жители на Битола туку и за воени цели. Ете така! Животот морал да продолжи. Во Градско Поле никнале повеќе ѕидани колиби. Со цел да се има покрив над глава било за заштита од врнежи на дожд, а и за заштита од летни горештини. Се разбира складирање производи. Новообработливите површини, поделени со длабоки ендеци, трасирани од двете страни со меѓи, била означена приватната сопственост на бавчанциите и нивјарите. Сепак, кажуваше дедо ми, дека во Градско Поле имаше неоткупена земја на претек. Ете така! Работа се отвори за луѓето и за воловите. Во тоа време во Генимаале посебно во долниот дел на населбата пет-шест семејства покрај тоа што ја обработуваа својата земја, се бавеа и со орање на чуждите бавчи и нивје. Во тоа време, морам со задоволство да раскажам дека некои колиби на доверливи стопани им служеле како отскочна штица на нашите дејци, односно на војводите и комитите кои доаѓале на заседанија за важни одлуки. Тие слегувајќи од пазувите на Ниџе Планина, незабележително низ Градско Поле најпрво престојувале кај доверливи семејства.
Кај овие семејства се одморале и хранеле. Кажуваше дедо ми дека потоа заминувале на закажаното место да донесуваат важни одлуки. Тоа тајно место е сегашното училиште „Кирил и Методиј“ каде е истакната и спомен плоча на западниот ѕид на училиштето.

Горноселци

Во Генимаале како населеници имало и таканаречени горноселци. Овие населеници бегајќи од зулумот, слегувале од ридските села на Демир Хисар. Најмногу биле смилевци. Повеќето смилевци се населиле во повисокиот дел на Баирот околу „Шарена Чешма“ и нагоре од „Арапка Чешма“. Десетина семејства смилевци се населиле во Генимаале. Сите тие се семејства не се одлучиле да купуваат нивје и бавчи. Мажите си работеле на своите занаети како мајстори ѕидари и бојаџии. Повеќето од нив работеле како ѕидари. Остатокот на населеници од Демир Хисар работеле како фурнаџии, бакали и слаткари. И од овие населеници имало десетина семејства. Додека мажите работеле на своите занаети, жените биле строги домаќинки. Не смееле да одат в чаршија да купуваат тоа што им требало. За се што требало да се купи било за јадење, за облека и за чевли се грижеле строгите мажи. Пример: посебно за да порачаат чевли се грижеле мажите. Па така секогаш чевлите им биле еден до два броја поголеми. Жените староседелци (градски) им се потсмевале. Жените кои се сметале дека се градски не смееле кога сакаат да шетаат низ чаршија. Посебно каде што биле дуќаните на касапите.

Наеднаш не се станува „градски“

Во Генимаале исто како во цела Битола, населението не било само од придојдени жители. Во Генимаале мнозинско население било од староседелци од памтивек. Со стекната градска култура и со посебни традиционални сфаќања. На новодојдените населеници им било јасно дека не се станува наеднаш „градски“. Нели тие кога се населувале во Генимаале си ја донеле целата селска покуќнина. Си ги доведоа колите и коњите. Па, Бога ми дури и магарињата! За да опстанат во генимаалската средина морале така да постапат. Друго чаре немало. Сепак, се измешале односот и културата градско- селска. Новодојдените имале што да покажат. Нивните селски носии и нивната донесена покуќнина претставувале стопостотен фолклор. Тоа можело да се види и да се почувствува. Штом кинисувале на слава или на свадба во своите родни села, не само нивната носија туку и дотерувањето на коњската запрега привлекувале внимание кај староседелските граѓани. Со дотерувањето на коњската запрега привлекувале внимание кај староседелските граѓани. Со дотерувањето на коњите со нови
амути, со ѓердани околу вратовите, украсени со разнобојни топчести бувки и ситни ѕвончиња, наџиџани ѓердани, сето тоа за да се запазат коњите од почудувањето. А примитивните седишта на колите наредени со штици, послани со разнобојни волнени јамболии, го сочинувале стопостотниот селски фолклор.

Извадок од книгата Генимаале на Методија Христовски

еден коментар

  1. Pocit kon Metodija Hristovski sto ovekovecil del od makedonskoto obelezje.Jas,kako Ginimalec ubavo se sekavam kolkava coecnost postoese megu tie Makedonci.Na primer,gi pametam Trajanovci,si cuvaa nekolku kravi,Ama,tolku imaja visoka svest vo odglduvanjeto na taa sermija sto nie samo mozevme da gi gledame i sakame a ne-da gi pocuvstvuvame posledicite vrz okolinata od tie zivotni.Ulicite,cisti-ogledala.Bavcite-pred nos ama krazbi,bog da cuva.Cicko Trajko-Gazibaro,poljak.Ni padna topkata megu krastavici i,dojde cicko Trajko,ne da ne kudi tuku
    , kako komita-ilindenec,da ni drzi cas po patriotizam za,na krajot,nikogas bez da prasame ,ne sme vleguvale vo tug imot.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here