Тешки зими Битола доживувала често, па и во времињата што доаѓаат. На 27 јануари 1954 година термометарот покажувал 29,4° С под нулата и студот, не само што траел цели 29 дена, ами бил проследен и со изобилни снежни намети, кои достигнале висина од 52 см. Слично е и во следните години: на 9 февруари 1956 минусната температура била 26,0; на 27 јануари 1963 –27,4; на 20 јануари 1967 –27,8; на 9 јануари 1979 –28,0; а на 22 февруари 1985 –27,7 итн. И на 8 април 2003 год., кога не му е време и кога требало да е насекаде раззеленето, имало екстремно ниска температура, и додека во Струмица таа изнесувала само 1 степен под нулата, во Берово –18, во Битола слегла како во најстудена зима, дури на 19,4 степени Целзиусови.
Во текот, пак, на февруари 2005 год. во Пелагонија била измерена температура и до минус 25 Целзиусови и било создадено т.н. „поларно езеро“, кое жестоко ги стегна и Пелагонија и Битола во голем студ, па во такви услови се предлагал прекин на наставата во училиштата. Голем студ имало и во јануари 2006 год., кога температурата падна на 27 степени Целзиусови под нулата, па како заштита од замрзнување на водоводните инсталации, водата од водоводот битолчани ја трошеле повеќе отколку тоа што го правеле во лето. Неподносливиот студ била причина и за смртта на неколку жители од Зоолошката градина во Битола.
Во однос на времетраењето на студот, мерен во месец јануари, забележани се овие параметри: во 1929 год. –27 дена; во 1935 год. –29 дена; во 1938 год.–28 дена; во 1940 год. –29 дена; во 1949 год. –26 дена; во 1950 год. –28 дена; во 1954 год. –29 дена и во јануари 1967 год. –31 дена.
Височината на снежната покривка, пак, била следна: на 7 февруари 1954 год. –52 см; на 3 февруари 1962 год. –63 см.; на 23 јануари 1963 год. –52 см, на 1 јануари 1975 год. –55 см; на 5 декември 1983 год. –84 см и таа била апсолутна височина што била забележана.
Извадок од книгата Злосреќи на проф. Александар Стерјовски