Мате Шундовски е еден од зачетниците на спортското навивање во Македонија и особено во Пелагонија. Покрај во неговата Битола честопати доаѓаше и во Прилеп диригирајќи со навивачите на натпреварите на Победа или РК Тутунски Комбинат. Со својот препознатлив стил-облечен како диригент или маѓионичар, со шешир и палка, Шундовски ја подигнуваше атмосферата застанувајќи пред трибините со гледачи давајќи сигнал за навивање и скандирање.
Популарниот диригент на битолските спортски навивачи, Шундовски имаше екстравагантен, но препознатлив стил, со кој беше миленик на фановите и на спортистите.
Долги години со шешир и со палка во рацете вешто ја анимираше публиката во салата Младост и на стадионот под Тумбе-Кафе, при домашните настапи на Пелистер, а често и при гостувањата на битолските екипи.
Епитетот најпознат македонски навивач и ден – денес останува за Мате Шундовски. Несебично навиваше не само за родната Битола, туку и за екипите од сите други градови во државата.
Често доаѓаше и во Прилеп, за дерби на Тутунски и Победа. Облечен како диригент или маѓионичар, со шешир и палка, ја подигнуваше атмосферата. Застануваше пред гледачите и даваше сигнал за скандирање.
Се противеше на вулгарности, навреди, недолични песни како “Да се врати 63 година…” и сметаше дека доволни се концерт свирежи за деконцентрација на гостите.
Кога резултатот не одеше во прилог ја прекоруваше публиката.
– Зошто молчите? Во Англија два часа нема застој. Сега дајте поддршка!
Во деведесеттите, кога надојдоа навивачките групи, почна со повлекување, до смртта, 2006 година. Мате Шундовски почина на 72-годишна возраст.
Постхумно за него од сите нас, Мате Шундовски треба да добие споменик на почесно место пред Спортската сала во Битола, иницијатива која трае веќе неколку години и е предложена од битолскиот хроничар и фотограф Димитрије Гиновски.