hdr_vivid

Во разговори со постарите битолчани од 1955 година наваму често се поставуваше прашањето кои битолски семејства во конзулскиот период биле, на пример, значајни по нешто или се истакнувале со своите деловни – бизнис активности, односно биле најбогати па можеле да изградат убави куќи. По правило, тие битолски семејства се експонирале на Широк Сокак, зашто тука сé се случувало, а од искона човекот сака да прикаже колку успеал во животот, за да предизвика внимание, почит и престиж.
Мислам дека имав среќа што токму навреме, на неколку месеци пред неговата смрт, 1956 – тата, разговарав со печатарот Ристо Кириас, раководител на Интернационалната печатница (1909 – 1912) во која биле печатени книги на повеќе јазици. Остарениот, но мошне луциден Ристо и посебно неговата сопруга Ирена Киријас ми беа први и мошне драгоцени насочувачи во моето публицистичко ангажирање.

Всушност, тие ми го отворија перцето на сцената на историјата и шмекот на високите кругови од центарот на Битола, вклучувајќи го, секако, и Широк Сокак. Во сиве натамошни години задоволство ми беше да ги откривам интересните моменти и случувања, а секако, и личности поврзани со нив, во периодот 1850 – 1930 година.

Посебни резултати во откривањето на одредени настани забележав во разговори со луѓе кои можеа нешто да кажат за битолската катадневница и од еснафот на својот занает. Тоа беа драгоцени откривања на нешта кои ги нема во историските читанки или во официјалните документи. Посебно моето дружење со Милтон Манаки (1955 – 1964) да неполни девет години ми осветли многу настани и личности, цела галерија ликови фатени во темната комора на минливоста, преку неговиот објектив во фотографскиот бокс, или во прочуената камера 300″, со која, им вдахна бесмртност. И така годините минуваа, јас интервјуирав многумина од
моите соговорници кои веќе не се живи, а ракописи – насекаде околу мене. По сево ова, според еден постигнат критериум на автоперфекција, можам да презентирам настани и личности од сите области на битисувањето, кои нашто значеле за Битола и Македонија во последниве 150-тина години, напоменувајќи дека и јас (1932) сум современик набљудувач и коментатор на битолската понова историја.

По правило, битолските богати семејства Данабаш, Каринте, Дога, Герекаровци, Лала и други биле чифлигсајбии. Нивните чифлици, помали, или поголеми, беа во плодната Пелагонија и претставуваа основен и сигурен темел на богатствата што врз нив се надоградува. Ние, современиците, околу 1930-тите можевме да видиме големи амбари за жито околу куќата на семејството Иконом, што не значи дека Иконом се занимавал со трговија на житни култури. Напротив, побогатите семејства околу своите куќи немале амбари, иако нивната егзистенција ја одредуваа плодните или лоши години. Како и да разбере било, статусот на престижен граѓанин го одредувал пелагонискиот потенцијал.

Кога се говори за богатите семејства во Битола, во преодот од 19 во 20 век, приматот го држи семејството Икономо, денес зградата наречена „Магнолија“. За да се колку Икономовци беа богати, го поткрепуваме со фактот дека при задоцнувањето на платите на старешините како и за други потреби, Икономовци ја кредитираа Третата армија во Битола, како и фамилијата и високиот круг околу него на Битолскиот вилает. Значи, најуспешниот човек на семејството, Ѓорѓи Икономо, беше пријател со највисоките воени и политички раководители во Битола. Со тоа Ѓорѓи обезбедуваше и свое внимание. Треба да се знае дека ова семејство беше свртено кон Романија и значајно придонесе за влашката кауза. Ѓорѓи Икономо не само што беше банкар во Виена, со филијали низ Европа, туку во својата куќа го прифати австрискиот конзул. И уште еден податок: Браќата Манаки со посредство на Ѓорѓи Икономо и австрискиот конзул Аугуст Крал, сé до 1912 година, со касети за снимање филмови со прочуената камера 300, како и нивно враќање на промивање во Виена, се потприја на дипломатската пошта на австрискиот конзул Крал, да додадам дека и браќата Манаки беа осведочени борци за влашката кауза.

И уште еден податок врз оваа тема: Имено, Ѓорѓи Икономо по секоја средба со високи турски раководители од армијата и вилаетот носеше „свежи” податоци за конзулот Крал. Впрочем, Ѓорѓи со позајмувањето пари, а понекогаш можеби и со рушвет го држеше турскиот врв во своите раце. Што се однесува до конзулот Крал тешко би можело да се поверува дека тој не пројавувал интересирање за разговорите на Ѓорѓи со Турците, до толку повеќе, што живееја во иста куќа и беа мошне блиски или по битолски речено, биз – бизе, односно на ,,ти”. Се сеќавам дека и во 1950-тите пред куќата на Икономовци сé уште постоеше старинскиот масивен бел портал, единствен на Широк Сокак и Битола, како сведок на богатството спечалено од банкарската мрежа низ Европа. Имаше тешка врата, а од левата страна – одајче наменето за чувар, односно обезбедувањето на куќата тогаш наречен гаваз.

Постарите битолчани кажуваа дека во тоа одајче често го гледале познатиот битолски гаваз Папа Јон. Интересно ќе е да забележам дека Папа Јон бил повремено ангажиран како обезбедување и во другите конзулати, на пример рускиот, што недвосмислено потврдува дека Папа Јон бил професионален гаваз, со сите нишани: Висок и строен, со строг поглед и негувани мустаци и обврзно со кубура во појасот.
Порталот и дворните ѕидови на Икономо беа урнати во 1949 година кога од лицето на Битола несмасно исчезна, беше урната горната чаршија Пекмез пазар.
Второто престижно семејство на Широк Сокак беше Данабаш. Тоа беше едно од најмаркантните битолски семејства, што се експонираше на Широк Сокак, семејство кое од обичен бакалски дуќан направи чудо: тенекиња со злато. Данабаш изградија репрезентативна куќа на Широк Сокак (денес до ресторанот „Корзо“). Најнапред стоките од Цариград ги продавале во Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Дебар, Корча и други градови во вилаетот. Одржувале деловни врски со турските големци, аги и бегови, кога требало давале и рушвет – подмитување. Потоа, патот за нивната стопанска експанзија беше отворен кон Австрија, Албанија, Англија, Грција, Египет, Франција и Германија, каде што во поголемите центри имале свои претставници.

Сочувана е педантна многу пари
преписка од тие трговски врски на девет јазици (Историски архив на Битола). Спечалиле многу пари и ја прошириле својата дејност и со промет на житни култури, купувани, главно, од Турци чифлигсајбии. Браќата Петар и Јанку Данабаш биле лихвари, со камата од 1 до 4% а се занимавале и со банкарство. Биле уште и сигурносни пренесувачи на
печалбарски влогови од Азија, Европа и Африка, со наплатување на 10 отсто од услугата.

Биле свртени кон Атина, а со тоа имале целосна поддршка на грчкиот пелагонискиот владика кај турските власти. Најексклузивниот, најуспешниот битолски трговец од крајот на 19 и почетокот на 20 век, еден од двајцата браќа – Петар Данабаш (1870 – 1928 година) доживеа лоша сетнина. Имено, беше убиен на спиење, на 28 јули 1928 год., во 58 -та година од животот. Тоа беше крај исполнет со три судбоносни осумки. Да ја споменам, пристојно е, вечната синтагма ,парите се отепувачка” која и овој случај ја потврди. Еден од споменатите на Широк Сокак беше Евтим Каринте, во чија куќа, покрај убавата сопруга и ќерката Елени, се негуваше францускиот јазик. Впрочем, тој период е карактеристичен за Битола со напливот на франкофонијата. Очигледно, францускиот јазик со примат на светски јазик, не само што беше кул како по… тренд ,,ала франга”, туку и неодминлив вокабулар во трговската кореспонденција.

Како и другите битолски богати семејства, така и семејството Каринте имаше свои пријатели и познати во власта, често високи функционери, кои на имендени беа визитари. Така, се случи во пролетта на 1900-тата, на гости кај Каринтевци да дојде висок турски службеник во централната полициска станица наречена „Учкатли“ (трикатница наспроти аголот, денес лотарија на Македонија), урната во Првата светска војна. Тој не беше сам, дојде во придружба на својот внук по татко матурантот – кадет во Воената гимназија во Битола, Мустафа Кемал, подоцна именуван Ататурк. Бидејќи и Мустафа комуницираше на француски јазик, семејството веднаш го прифати младиот Турчин со сини очи и модерни погледи како Европеец. Неколкуте посети на домот на семејството Каринте резултираше со силно експонирана младешка љубов меѓу Мустафа и Елени, ќерката на Евтим Каринте. Но, тоа е посебна приказна.

Текст и фото Д. Д. Такец, Перформансите на Широк Сокак