Недела знае да биде уште еден обичен и досаден ден. Рековме да ја разбиеме монотонијата и да го искористиме убавото време кое итекако не исполни со позитивна енергија која би сакале да ја потрошиме каде ако нѐ на Пелистер. Да посетиме место каде би стигнале со лесен чекор и без брзање, а сепак крајот да биде со воодешувачки поглед и околина која како што викаат постарите битолчани да личи како да сте на друга планета. Ја одбравме турата од Ниже Поле по бандери до Пелистерските водопади, патека која сега ретко ја користат околу дваесетина планинари.

Стартот ни беше од Нижеполската џамија над која во правец со југозапад се издига само една тесна патека која нема шанси да ја промашите.

Погледот над с. Ниже Поле

Оваа патека маркација нема, но како ориентир ви служат бандерите на ЕВН кои се резервна можност доколку Антената на Пелистер изгуби струја која ја добива од друго место. На една од бандерите ќе забележите црвени стрелки и тоа ќе ве потсети дека тука треба да свртите десно, бидејќи лево патот продолжува до Мало Езеро.

Патеката е многу блага така да е наменета од 7-77 годишна возраст за време од 2-3 часа. Од цветната флора по пат не пречекаа малите качунки кои на пладне веќе беа целосно разгрлени.

По патот сега имате капинки, шипинки, смрека кои можат да надокнадат дел од вашата енергија

и пред крајот на оваа релација во подножјето на Баба Планина имате само една мала река од која слободно можете да се напиете слатка и чиста пелистерска вода.

Самото пристигнување на целта е само за себе посебно доживување. Карпестите облици кои потсетуваат на филмовите од планетата Криптон, мирот, чистиот воздух и беспрекорниот поглед кон подножјето на Баба Планина, кон Мало Езеро, Црвени Стени, Ниже Поле, заедно со делот каде во рана пролет се најубавите пелистерски водопади е чуството кое го носите од самиот почеток и сега веќе на крајот го доживувате.

Поглед кон Црвени Стени

Моликата го премина прагот од 1600 мнв и сега расте и на повисоко

Делот каде на пролет ги имате најубавите пелистерски водопади цо должина од над 20 м

Но како што искрено кажува индискиот филозоф Џиду Кришнамурти описот не значи да се опише нешто. Ние можеме да ја опишеме планината, но описот не е планина, а ако се внесете во описот, како што тоа го прават повеќето луѓе, тогаш никогаш нема да можете да ја видите планината.

Затоа да си повелите на ова убаво потпелистерско делче кое е само едно мало парче од мозаикот на Баба Планина. Ние си поминавме убо, сега вие сте на ред.

Ве поздравуваме…

Отровен плод од растението Туја