Битола некогашниот центар на Битолскиот вилает, економски и културен двигател на Вардарскиот дел од Османлиска Македонија, денес е оставен од онаа страна на заборавот и реалноста. Во заборав паднаа културните добра, кои сведочат за богато натрупаните културно историски слоеви на нашата национална историја. Во официјалниот список на заштитени објекти издаден од Управата за заштита на културното наследство фигурираат 144 објекти. Доколку би се спровеле опсежни акции за валоризација на културното наследство овој список би имал далеку поголем опфт. Колку за илустрација, на овој список отсуствуваат Џепането,

Млинот на Исмаил бег (изгоре),

Ислахането (се стави под привремен заштита),

и редица други објекти кои пропаѓаат.

Но што значи заштитено културно добро?

Тоа најчесто представува објект во распаѓање, на кој стои табла „Под заштита на законот“. Во некои други ситуации добива значење на ставена табла врз објект кој секој може да го користи по свое наоѓање и видување. Најчесто на овие објекти им се додаваат климатизери, се доградуваат врати и прозори онаму каде никогаш ги немало, се користат со крајна непочит и невнимателно. Патем терминот „Почит“ е термин пропишан со Законот за заштита на културното наследство, а во објаснувањето стои дека тоа се акции кои чинителот ги превзема а кои не смеат да одат на штета на заштитениот објект. Според реалната состојба на добар дел од објектите, самата држава покажува крајна непочит кон истите, безмалку не правејќи ништо за нивна конзервација и заштита, таа го забрзува нивното распаѓање. Можеби најдобар пример за ситуацијата каде заштитени добра се распаѓаат е Ќерим беговиот амам и Јени амамот.

Керим Бегов Амам
Јени Амам

Од друга страна најдобар пример за непочит од корисниците на објектите се Дебојот и Безистенот,

кои страдаат под креативните удари на новите сопственици, кои ги модифицираат по свое видување. Во безистенот имаме и пример како и државна институција го крши Законот за заштита на спомениците.

Државата особено активно учествува во урнисување на историската вредност на некогашната воена болница, денес ДСД Кочо Рацин, кој и воопшто на фигурира на списокот на заштитени добра. Објектот всушност е старата воена болница, изградена за време султанот Абдулхамид II. Градбата е започната некаде 1885 година а целосно е финализирана за време на валијата Ејуп Паша. Во овој објект бил поставен и првиот Рендген апарат во Македонија.

Некогашна Османлиска воена болница, сега Студентски дом

Институциите до денес не го заштитиле, а државата до сега безброј пати го уредувала и преуредувала ентериерот. Примери од овој тип има безброј и веројатно треба да се направи еден квалитетен и далекусежен инспекциски надзор со цел да се утврди фактичката состојба.

Која е реалноста?

Некаде помеѓу заборавот и трулежот есместена таа. Таа ни вели дека во економски нефункционална држава, за образование, култура и наука не може да стане ни збор. Реалноста ни говори дека дури и објектите кои се под заштита, еден по еден исчезнуваат, оние кои не се заштитени, стануваат актуелни откако ќе се разорат и разурнат до темели. Причините за ваквата реалност се бројни, почнувајќи од немање на доволно кадри, до немање финансии и политичка волја, се тоа е еден магичен круг. Во нашата земја евидентни се процесите на руинирање на образовниот систем, културата , економијата а сето тоа е во суштина вина на политиката која се практикува во изминативе две децении. Преку ерозијата на економско производните услови на земјата по распадот на социјализмот, се распадна и морално иделистичкиот постамент на сите останати општествени столбови. Науката, културата, образованието, станаа и сеуште се само мртво слово на хартија. Хартија која што нималку не вреди доколку зборовите испишани на неа не произлегуват од практиката и не решаваат практични проблеми.

Но од каде всушност започнаа овие проблеми?

Виновник за овие состојби се пронаоѓа во онаа категорија што овој систем треба да го управува, стимулира и надградува а тоа е политиката сфатена во широка смисла на зборот. Долго време наназад овие општествени столбови не беа ништо повеќе од проста декорација на партискиот режим. Украс кој со време се претвори, во вносно поле за бројни партиски кадри кои, само седеа и допринесуваа односно може да се рече дека сеуште допринесуваат кон општиот колапс.

Васко Гичевски, историчар.