Според пишувањето во книгата на еминентната професорка од САД со литваниско потекло Марија Гимбутас ,,CIVILIZATION OF THE GODDESS” (издадена во Сан Франциско 1991 год.) во времето кога пред 8000 г. цела Европа живеела во земуници, Македонците имале надземни куќи со врати, прозорци, оџаци, камини, огништа и покуќнина.
Нивните куќи биле прилагодени за една фамилија и обично имале по две простории, централна, каде престојувала и ноќевала фамилијата и помала, на бочната северната страна, каде воглавно се чувала храната, често сместена во големи глинени грнци.
Едни од тие надземни македонски куќи се наоѓаат на локацијата Велушка Тумба во близина на с. Породин. Тука сѐ уште се вршат истражувања и ископувања од страна на стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците и Музеј Битола, за кои можеме да констатираме дека не се постојани и се со големи временски прекини.
Велушка Тумба е археолошко наоѓалиште во битолското село Велушина. Претставува населба од неолитско време. Се наоѓа во непосредната близина на селото Породин, на 400 м од неговата јужна страна и на околу 2 км источно од селото Велушина. Претставува височинка – вештачки подигната тумба што личи на пресечен конус, со елипсовидна основа, поставена во правец исток-запад. Нејзините димензии изнесуваат: 250 м во должина, 150 м во ширина и 0,70 до 5 м во височина. Околниот терен е зарамнет и лежи во југозападниот дел на Пелагониската Котлина. Со оглед на перманентните земјоделски работи, со кои на првите слоеви на тумбата им се нанесени оштетувања, а и заради научниот интерес, во 1971 година се преземени заштитни ископувања кои подоцна, со мали прекини до 1984 година, продолжуваат како систематски. Со овие работи, главно изведени во средиштето на тумбата, е пронајден културен слој од 4 м исполнет со остатоци од живеeње распоредени во четири хоризонта, издвоени еден од друг со танки слоеви од насипана земја, хронолошки и културно поврзани. Во сите овие хоризонти се откриени остатоци од урнатини (куќен лепеж) и подови од куќи правоаголни во основата, градени од материјали и на начини карактеристични за неолитските живеалишта, со таа разлика што дрвената граѓа била масивна, а плетот како и да не бил практикуван. Подовите во последните два хоризонта биле од набиена глина, а во првите имале дрвена супструкција. Врз основа на подвижните наоди, а посебно на типолошките карактеристики кај керамиката (облици, орнаментика, техники на украсување), а потоа и кај култната пластика, во хронолшка смисла населбата е сместена во времето на постариот неолит. Стратиграфски најстариот хоризонт (IV) – Велушка тумба V, е од крајот на раниот неолит, хоризонтот III – Велушка тумба II, претставува преодна фаза, додека хоризонтите II и I, односно Велушка тумба III-IV, се од средниот неолит.