Прва егејска ударна бригада била формирана на 18 ноември 1944 година во селото Драгош, Битолско. Била формирана од дел од македонските воени единици што се одделиле од ЕЛАС и од дел од бригадата „Гоце Делчев“. Во нејзиниот состав влегле: Костурски, Лерински, Воденски и Придружен баталјон со тешкото вооружување, активна до 2 април 1945.

Илија Димовски Гоче, командант на Првата егејска ударна бригада

Командант на бригадата бил Илија Димовски – Гоче, политички комесари: Михаил Пангов Керамитчиев и Динко Делевски, а началник на штабот бил Стив Георгиев – Димов.

Виктор Мешулам Бустрик му го предава знамето на командантот Илија Димовски Гоче

Во време на формирањето, бригадата броела околу 400 вооружени борци, а 600 други чекале вооружување. Во наредниот период бројот на борци и старешини достигнал околу 2000.

По формирањето на организации на КПМ во одделните единици се одржала Првата партиска конференција на бригадата, во Битола на 22 ноември 1944 година. Бригадата ги разбила балистите во селото Острец, Битолско меѓу 4 и 5 декември и ги ликвидирала со гонење на 6 и 8 декември.

Подоцна била упатена кон Полог на 3 јануари 1945 година, за ликвидирање на заостанатите балистички сили и по тридневен марш на 6 јануари стигнала во Гостивар.

Дефиле на Првата егејска ударна бригада низ Широк Сокак

Младинската организација на бригадата избрала 5 делегати и тие учествувале во работата на Вториот конгрес на НОМСМ, во Скопје, од 6 до 8 јануари 1945 година.

Дефиле на Првата егејска ударна бригада низ Булеварот 1ви Мај

Во Полог стационарно се поделила на неколку дела: во Гостивар, во селата Врапчиште и Баница (Гостиварско) и во Тетово. Во двомесечните акции на просторот од селото Зајас, Кичевско, до Полог и кон Шар Планина биле ликвидирани над 400 балисти и нивни соработници во текот на јануари и февруари. Од новопристигнатите борци биле формирани уште два баталјона.

Дефилето се одвиваше пред Пожарната станица во Битола , каде што сега е поставена меморијална плоча. Ова место е симболот од почетокот на НОБ во Битола бидејќи тука беа убиени првите германски војници во 1941 г. кои беа погребани на ова место.

На почетокот на март бригадата била преместена во Скопје, а на 7 март била поделена на два ешалона: првиот ешалон преместен во Гевгелија, а вториот во Битола и потоа расформирани на 2 април 1945 година, а борците прераспределени во други воени единици.

На свеченоста по повод доаѓањето на Егејската бригада во Битола, Борко Темелковски Лилјак, Методија Андонов Ченто и Страхил Гигов (8-ми Ноември 1944 г.)

Делот од нејзиниот состав што бил прекомандуван на теренот во Гевгелија и Битола имал задача да ја штити македонско-грчката граница, каде останала до своето расформирање.

Спомен таблата кај битолската Пожарна
Фото Викимедија

Надворешни врски

Благоја Талески, „Првата егејска ударна бригада“

Наводи д-р Марјан Димитријевски „Македонската војска 1944-1945“, Скопје, ИНИ, 1999 г., стр. 80-82

Википедија

Фотографии Милтон Манаки