Битолскиот историчар и хроничар проф. Александар Стерјовски деновиве ја издаде неговата книга и тоа осма по ред од серијалот ,,Битолско десеткнижие“, која ќе биде промовирана на Денот на ослободувањето на Битола 4-ти Ноември.

Таа од претходните се разликува не само по темата, музиката, а и со непочитување на временската рамка, заокружната 1944 година. Тоа е направено намерно и смислено, најмногу со желба да се даде прилог кон одбележувањето на големиот јубилеј на „Музичкото училиште” – Битола – 75 години од основањето. Во отсуство монографија или посериозен научен труд за него, нека оваа книга биде честитка и топла благопожелба да продолжи со што помали проблеми во работата, со истиот елан и со уште поголеми успеси… запиша за да не се заборави, нашиот реномиран професор Александар Стерјовски на прв ден Велигден 24.04.2022 г.

Во книгата која брои 360 страни се опфатени Балканскиот полифоничен амбиент, традиционалните и европски инструменти и битолски инструменталисти, битолскиот музичен амбиент, хорови, оркестри, концерти, гостувања, почеток и работа на основното музичко училиште во Битола и др.

Книгата е поддржана од Конзулат на Република Србија во Република Македонија, уредник Горан Петровски и технички уредник Пеџе Илиевски во тираж од 300 примероци.