Мусака со спанаќ Обично оваа тава ја приготвувам со зелје, поретко со блитва, а со спанаќ првпат.
Преубав и лесен ручек, не знам зошто до сега не сум го користела спанаќот на овој начин,
туку стално сум се задржувала на класичниот спанаќ приготвен со ориз и цели јајца.
Состојки
600 г исчистен спанаќ
400 г мелено месо
половина главица кромид, ситно исечкан
1 рендан морков
2-3 чешниња исечкан лук
1 филџанче ориз
половина лажица црвена пипер
половина лажица мешан сув зачин
сол, црн бибер и масло
Прелив
3 јајца
150 мл јогурт
Прво запржете го исечканиот кромид, додадете го и морковот и лукот. Откако ќе се запржат, додадете го меленото месо да се испржи. На крајот додадете ги зачините и оризот и измешајте. Во истата тава, ставете 3 филџани вода, нека зоврие водата, па додадете го спанаќот. Покријте со капак за побрзо да слегне спанаќот, ќе му требаат 10тина минути. Откако ќе слегне спанаќот, додадете уште 1 филџан вода, вода треба да има колку да се покрие содржината во тавата. Вака приготвената тава ставете ја да се печи непокриена на 250 степени околу 15 минути, па извадете ја и прелејте ја содржината со мешавина од јајца и јогурт, вратете ја назад да се запечи уште неколку минути. Сервирајте со кисело млеко. На здравје.
—