Битола, 10.05.2019
Синоќа во Битола, во салата на Народниот театар со премиерата на „БАКХИ-краток преглед на распадот„ (по Бакхи од Еврипид), во режија на познатиот режисер кој собира награди на Балканот Игор Вук Торбица, се отвори 21 издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.
Публиката која го исполни лобито на театарот пред почеток на претставата, ја поздрави селекторот на фестивалот, актерот Петар Мирчевски кој истакна:
„Овој фестивал има толку посебна енергија и е надвор од рамките на на било кој друг тетарски фестивал, отпорен е на општествени промени и уметнички парадигми и дека е една од вистински убавите задачи кои ми ги донесе мојата професија.
Фестивалот за официјално отворен го прогласи Градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска која кажа дека Битола заслужува да има врвни уметнички настани и оттука нејзината безрезервна поддршка на фестивалот.
Директорката на фестивалот на НУ Ценатар за култура кој е и организатор на настанот, надвор од клишеата не ја поздрави публиката лично, туку со краток напишан текст кој се прочита во нејзино име, зошто таа на сцената на театарот ја очекуваше публиката, играјќи ја улогата на Дионис.
Еве го нејзиниот говор:
„Театарот е моето бојно поле, мојот храм и мојот дом.
Како актер вечерва фестивалот ќе го славам на сцената, во чест на сите гости и Вас драга публико. Мотото „…и продолжува„ е инспирирано од сите кои оваа година ме поддржаа, како сила и како ветер во грб за реализација на ова 21 издание на фестивалот, иако отсуствуваше главната очекувана поддршка од Министерството за Култура, зошто овој фестивал тоа го заслужува„.
Премиерата „Бакхи” покажа дека режисерот Игор Вук Торбица со својата 31 година може да испорача театар од светска класа. А битолскиот театар останува еден од водечките арбитри на негување на високоуметнички претстави кои можат комотно да го презентираат театарот на новото време на било која географска ширина од светот.
По премиерата, во Фоајето на Центарот за култура, битолчаните ФОЛТИН имаа свој настап кој беше дел од офф програмата на овој фестивал.
На првиот официјален театарски ден, кој е денес на програма се три претстави од официјалната конкуренција:
“Куќа од стотина”, актер е Јешим Озсој од Галат перформ театар од Турција почеток 19:00ч
“Марлен Дитрих” во улога на Ксенија Прохаска од Хрватска почеток 21.00ч
“Дневникот на лудиот” актер Бобан Алексоски од Северна Македонија, почеток 23.00
Жири комисијата е во состав:
Нина Мазур – член на жири
Софија Ристевска Петрушева – член на жири
Ментор Зумберај – претседател на жири
Од денешната офф програма најавуваме:
* Дебатен клуб „Монодрамата од двете страни за сцената„
13.00 ч. Мала сала на Центар за култура
Ќе се зборува на тема културната политика и местото на монодрамата и театарот во неа.
*Афтер парти ќе има во битолскиот клуб Порта џез каде свои сетови ќе имаат DJ Flooder & Андреј Мицајков.
Во прилог галерија од вчерашниот настан.
Ви стоиме на располагање за сите дополнителни информации и организација на интервјуа со нашите гости.
Љубица Ангелкова, пр на фестивалот