Секој мост, и на Драгорот и на Курдерес, имал свое име, кое не било трајно и дадено еднаш засекогаш. Под диктати на одредени околности, предходното се заменувало со ново, новото со поново, тоа со следно и така сè по ред, до последното. Имало можност на предходното да му се прикачи уште едно, па обете или последните неколку да бидат во паралелна употреба и со иста популарност.

Имињата не биле случајни и инцидентни. При инаугурирањето се поаѓало секогаш од прифатени принципи и зацртани правила, важечки за сето време, а применувани уште од првите мостови.

Првиот и основен принцип бил името да е во корелација со името на донаторот. Какво било неговото, такво било и на мостот. Оној што извршувал темелна реконструкција, која во многу случаи имала третман на нова градба, стекнувал привилегија, исто така, мостот да го понесе неговото име.

Првите драгорски мостови, кои потекнуваат од 15 век, познати се како Мостот на Дели Дахин и Мостот на Сунгур Чауш беј. Според истиот принцип именувани се и мостовите од следните векови: Мостот на Ахмед, Мостот на Синан кетхуда, Мостот на Мехмед Синан ефенди.

Останаа, за жал, незабележани имињата на донаторите на многуте реконструкции, според тоа и имињата на мостовите.

Локацијата, исто така, е еден од применливите принципи. Според него се именувани: Горното мовче, Мостот кај Каваци, Мостот кај Општината, Мостот кај Дивизијата, Мостот кај Ректоратот, Мостот кај Безистенот, Мостот кај Рибарницата.

Граѓани, кои работеле покрај мостови, а кои станале познати во средината, имале влијание врз именувањата. Со такви имиња означени се: Мостот кај Амбди, Мостот кај Лозанче, Мостот кај Мушон, Мостот кај Сали.

Градежниот материјал можел, исто така, да стане, именски индикатив. Во драгорската историја среќаваме мостови со овие имиња: Дрвеното мовче, Камениот мост, Железниот мост.

Мостот кај Мојсо*. Бил познат и како Мост кај Ташку аптекарот, но и како Мост бр. 14. Железен е и пешачки е и има неколку скали, какви што имал и Мостот кај Лозанче.

*локација над Сали мостот, ги поврзува долниот дел на битолската стара чаршија и Булевар 1-ви Мај.

Извадок од книгата Драгор на проф. Александар Стерјовски