За многу од нас 2020 беше лоша година, но во секое лошо има и по малку арно. Голем дел од нашите гастарбајтери де во Скопје де низ ЕУ си се вратија дома во Битола и заедно со нас ја поминаја голготата која ни ја донесе модерниот свет и тоа се заради еден изеден лилјак. И тоа во Кина. Еден од битолчаните кои си дојдоа „на граТ“ е сценаристот на Фчерашни Новости Божидар Божиновски ака Моџо ака Божо итака натаму. Шансата ја искористивме и со малку забава и чешит ја завршуваме оваа 2020 година. После читањето на овај текст задолжително да се консултирате со лекар или фармацевт.
Битолчанец во Скопје кој Короната го врати назад во Битола да му ја троши на дедо му пензијата. Да беше боречка можеби немаше ни да заминиш натаму? Шојма Скопје шо нема во Битола и дали му караш на Короната и брат му Ковидо?
Да имаше деда боречка пензија сега ќе бев во Сојуз на борци – подмладок претседател. Ги имам гледано и „Битката на Неретва“ и „Битката на Сутјеска“, „Отпишани“, а ако треба и двајца сведоци ќе најдам да кажат партизан дека бев. Најголема грешка од партизански денови ми беше шо не тргнавме на Софија со Тито. Ми вика „Другар Моџо, а да тргнеме на Софија“ ко вчера да беше памтам. Му викам „Друже Тито, шо бараш ти во Софија, од Илиенци да се облекваш? И тебе вкусот ти се избугари“. И не тргнавме.
Шојма Скопје? Работа, шо да има. Ко на печалба го гледам то ама никако да спечалам. Убо шо сега можи и на интернет да се работи па малку сум ваму малку таму. Малку во дневна, малку во кујна. Убо на деда шо му нема текнато патарина да клај.
И Короната и Ковидо ги искарав, појќе ми е за оние шо заминаја и млади деца и постари и за фамилите. Другите шо да прајме се пазиме, дома ко Миле Јанакиевски три години шо е во домашен притвор се осеќаме. Појќе од ковидо Бугарите нервно ме осакатија ама ај пошто почнувам да се нервирам со нив доста е…
Деновиве е актуелно доделувањето на шпоре на најблиските членови на семејството. Дали би биле среќни доколку организирате наградна игра каде ќе добиете шпоре кое за климатизер ќе може да го смените во наредната фаза за субвенционирање?
Шест души сме дома, ко кинези на гурбет шо живеат. Пет награди да паднат мене ќе ми падни да чистам после лотаријата. Клима имаме фала Богу, на 24 рати ко Бентли да купваш, шпоретот е на 50% батерија две работат, две не рингли. Решо да не речам. Од општина шо да дат. Ништо нека не дават само да не земат толку, со усул малку да му се сневиди.
Дали во 2021 конечно ќе добиеме битолско пиво и симит погача во Битола? Можеби ќе ни се посреќи и со бурек со зденка.
Оживување на Битолска пивара и изградба на првиот пивовод ми е во кампањата за градоначалник Битола 2021-2025 која почнува под слоганот „Ќе напрам од Битола Прилеп“. Секој дом и јавна иституција да добијат пиво пошто во ова држава тешко трезен се живеј. Приклучокот е бесплатен при што се инсталира и пивомер и на крајот од месецот доаѓа сметка од ЈП Пивовод (во формирање) која ќе може да се плаќа и преку интернет.
Симит погача ти е уствари „Шо го јадиш тосто без леб“. Нема то да добиеме ама има пица бурек, пастрмајлија бурек, бурек со влакно, бурек со брокула… И со то се претера.
Каде за Новата?
Не кажвам да не дојди милиција, малер сум. Инаку дома, каде, во шест затвара сѐ, ко на киндер парти да е само шо никој не е расположен. Догодина ЗДРАВјЕ на плоштад ако идат Силви Бенд.
Шо ќе му посакате на нашите читатели во Новата 2021 година се разбира нешто друго освен среќа, радост, успех во работата и ЗДРАВјЕ?
Бериќет шо би се рекло. Ај малку озбилно, ова година не беше многу за заебанција. Видовме дека здравјето е најважно, а можи и со пари да се купи (да не пцујам и тука) па така би им посакал здравје и поправедна држава каде шо сите ќе можат да се еднакви, а не животот да ти зависи до 14.000 евра шо поштен чоек можи само да ги сонва.
И да читат книги.

Битола силно граби напред на секој план. За три години се асфалтирани 3 улици во градот и 9 во Долно Оризари. На Копанки за првпат во историјата имаме 360 степени камера. Како ја гледате Битола во 2021 година со очите на Иван Исцелител и предвидувањата на гледачот Славе од Кравари?
Ваквата селективна меморија не уништува! А помошното црево за Ротино? А сливникот? А улицата пред Водовод шо беше асвалтирана година и пол? Со пинцета да ја праеше побрзо ќе ја напраеше.
И да се врати Снешко Белич од најлон да заличи малку градот.
И на Битола би и посакал закрепнување, сега кога многумина се вратија тука шо од Скопје, шо од странство и сфаќаат дека нигде не е ко дома да ја искористат таа енергија и знаење за нешто да тргни тука. Има Битола многу да даде, само им треба мала помош и ентузијазам на младите.
И на крај дали со вакцината Битола ќе биди поинаку?
Со или без вакцина Битола ќе биди ПОИНАКУ. Доста беше исто па исто, сега има шанса да е поинаку. Ако ништо друго барем календарот над шпоре ќе го смениме пошто се згужваја во ликот светците на овај од пареа.