Градскиот часовник крие многу тајни. Една од нив е и плочата со старо грчко писмо која е дел од неговата конструкција и се наоѓа на неговата источната страна, веднаш до самиот влез од лево . На самата мермерна плоча која е забележлива дека дели од целата градба се втиснати букви кои според нашите сознанија не се обработени од никој и не ги имаме сретнато никаде низ материјалите кои ги поседуваме за овај препознатлив белег на градот.
Според пишувањата на Весна Кочанковска, градежен инженер и советник конзерватор во битолскиот Завод и музеј во нејзината студија за градскиот часовник има споменето дека Саат кулата е масивна градба чиј конструктивен склоп е од ѕидови, масивни спирални скали, дрвени меѓукатни конструкции пaндaнтифи и купола. Целиот корпус на објектот го сочинуваат ѕидовите кои според волуменот, опусот на ѕидање, материјалот и диспозицијата во објектот можат да се поделат на два дела. Првиот дел од темелите па се до терасата е составен од четири нормални еден на друг ѕидови со висина 27,9 м. и променлива дебелина. Во приземјето тие се дебели 168 см. додека на висина на бројчаниците 75 см. Овие ѕидови хоризонтално се укрутени со четири дрвени меѓукатни конструкции е една од
комбинирана масивна и дрвена под самата тераса. Нивната меѓусебна врска е зголемена и со внатрешниот ѕид на скалата, самите скали како и вградените
железни затеги анкерувани на фасадата, видливи под кордонскиот венец и над
влезот во кулата. Од тлото па се до подот на третиот кат карактеристична е ѕидарија од делкан и приделкан камен кон фасадата и необработен кон
внатрешноста на ѕидот со врзно средство варов малтер. Употребениот камен е од
различно потекло: гранит, пешчар или мермер од антички локалитети,
што значи дека и оваа плоча можеби потекнува од некое дамнешно време или е дел од некогашна античка кула која била на ова место?
Според познатиот битолски хроничар професорот Александар Стерјовски мермерната плоча е дел од самиот градски часовник уште од неговата изградба и не е поставена подоцна, а во врска со значењето или пишувањето на натписот на неа нема сознанија и би сакал во иднина некој посериозно да ја проучи и да се фати за работа.
Плочата од едната страна има вдлабнатина за која не можеме да претпоставиме дали таа била и функционирала како чешма или како постамент некаде низ Битола.
Да се надеваме дека некој од надлежните институции овај текст ќе го заинтригира и ќе ни остават нешто научно поткрепено во врска со натписот на мермерната плоча која е дел од градскиот часовник, а можеби и еден белег кој би бил интересен и за туристите кои го посетуваат нашиот град.