Гумите под назив „Ред Гума Ред Промаја“ (РГРП)“ кои се отпорни на дупнување својата премиера ја имаа на јавните патишта во склоп на изложбата „IAA Mobility“ во Минхен и не е случајно што тестот за издржливост одлучија да го направат во нашиот град Битола.

Имено реномираниот производител Мишелин пред неколку години го започна сериското производство на гумите без воздух „РГРП“ и пробно ги користеше низ улиците во ЕУ, се до моментот кога нивниот вработен кој е наш битолчанец – Перо Бетееро (испратен на работа преку Лексика во истата фирма во Германија) , го забележа тестирањето и им напомена дека доколку овие гуми се квалитетни треба да го поминат тестот никаде на друго место ами само низ битолските улици.

Во меѓувреме, Мишелин за да го прифатат предизвикот се здружија со Џенералс Моторс и го донесоа возилото во Битола за да започне тестирање на гумите кои не можат да се дупнат, а се наменети за патнички автомобили.

Тестирањето тука помина многу лошо. Немаше улица каде тие имаа можност да ги испробаат вистинските перформанси. Дури после возењето на неколку од поновите улици гумите се носеја на балансирање поради големите нерамнини. Покрај гумите, германскиот производител си ги уништи и бандашите од возилото, предницата. На раскрсницата од новата ул. Илинденска со 7-ми Јули го дупна и картеро од маслото кој бил запнат на вентилот од едно битолско Јавно претпријатие, кој е оставен 20 см. да стрчи над асфалтот. Пресудна беше дупката на ул. Иво Лола Рибар каде излета целото тркало и со голема брзина се истркала до новата чешма кај Офицерски, каде буквално се залепи на самата вратничка.

Возилото на Мишелин со шлепот на Мајоро беше испратено до граница каде било сместено во посебен контејнер само за да се сокрие неговата состојба на патот за Германија.


Веста е измислена и дел од забавната рубрика ЛабавО. За жал состојбата на улиците во Битола не е измислена