БИТОЛА, ул.Рузвелтова бр.18 тел.075 22 47 22, Нов пазар 075 44 57 40

„Градовите се како луѓето; старите имаат карактер, новите градови се без него.“ Стагнер

Секој град е посебен на свој начин… Секој град има свој автентичен белег, препознатлив печат, единствен мирис… Рим го има мирисот на борбеноста и вечноста… Лондон го има мирисот на разумот, итрината и влагата… Амстердам го има мирисот на слободата на духот, либералноста и еднаквоста. Секој град е свој на свој начин, незаменлив и остава вечна трага кај посетителите, како во срцето, така и во рецепторите за мирис.И како секоја бајка што почнува… Во една мала држава, постоеше еден мал град… Град со различни имиња, град каде се менуваше културата, град каде се мешаа културите и религиите, град на различностите, град со посебна „врста“ на народ, град со мирис на зрелост.

Битола Бабам Битола.
Низ вековите се среќавала под различни имиња: Манастири, Монастир, Битољ… за денес во 21 век да го има опеаното име – Битола. Е посебна е оваа моја Битола. Почнувајќи од нејзината автентична архитектура, на старите градски куќи, со високи чардаци и големи тераси, под кои биле испеани најубавите серенади од младите момци, за своите љубени битолчанки. Секоја стара битолска фамилија, морала да ги следи тогашните високи стандарди на аристократското општество и задолжителна покуќнина бил клавирот, како еден од најпрепознатливите инструменти за Битола. Неибежни за пофалба се и многубројните конзули кои престојуваа во овај град, модерните кочии кои ги развозуваа битолските господа со штотуку „изгланцани“ чевли, прекрасните и софистицирани млади дами кои го посетуваа прочуеното Француско училиште и гордо, со исправена глава поминуваа покрај битолските кабадаи. Да, наделеку познатиот збор, „кабадаја“ – кованица од турските зборови „каба“ – груб и „даха“ – горд, збор кој со надменост и подигната веѓа излегува од секоја битолска уста. Неблагодарно би било да не го споменам и големиот Кемал Мустафа Ататурк, кој токму во овај град ја доживеа својата прва љубов со битолчанката Елена, но и токму тука ги постави темелите на својата идеологија и на неговите идеали. Но покрај сѐ, Битола била и нешто друго, неповторливо и благородно, таа била центар на мултикултура и мултиетништво. Во слога живееле луѓето од сите националности и сите вери, живееле во мир и почит, живееле во разбирање и помагање, живееле во духот на Битола. А за тоа говори и архимандритот Антонин Капусти, кој во 1865 година, напишал дека Битола „е голем град, нов, добро изграден, трговски, но и со различен народ и со многу различни обичаи…

А во Битола… Па во Битола времето застанува и дозволува секој прав битолчанец, и денес, на раат и во мир да го испие своето кафе на Широк Сокак. Времето ни дозволува да ги посетиме и старите дуќанџии во една од најстарите македонски чаршии, да го восприемеме повторно мирисот на старата Битола, преку мирисот на печките каде сеуште се кова железо, каде сеуште се печат кикири и леблебии, да го осетеме мирисот на турската баклава и вкусот на бозата која режи во грлото. Повторно времето работи во наша корист, и ни дозволува да направиме долга прошетка по Градскиот парк, чии темели се ставени уште во времето на Отоманската Империја. А таму, носот го преплавуваат мирисите на боровите, елките, липите, мирисот на пресно косената трева и мирисот на утрешниот ручек на станарите на блиските куќи (чкембе чорба на битолски начин!). Времето ни дозволува и да ги посетиме нашите блиски, да седнеме пред нивниот двор, и така, по битолски „да маниме едно кафе“, под што се подразбира јако турско кафе, со јака дневна доза на новини од битолската чаршија (читај: трач).

Секој град е посебен на свој начин. Но Битола… Битола е посебна на секој начин. Но нешто што не се заборава е мирисот на Битола. Тоа е колаж на мирисите, мирисите оставени пред векови назад и мирисите на денешниот ден… Тоа е богатството на овај град, кој не дозволува да биде обземен од туѓи мириси и да го загуби својот препознатлив знак.
Битола пулсира…
„Битола со својата опширност може да се натпреварува со Солун, а пак со чистотата и редот многу го надминува„Виктор Иванович Григорович, првиот русин што ја посетил Македонија.

Полина Ѓоргиева адвокат во адвокатското друштво “IPSO IURE”

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here