Пред извесно време се одржа мошне интересна и значајна
фото изложба и презентација на документарен филм за животот и дејствувањето на американската мисионерка Мери Метјус во Битола, во периодот од 1888 до 1920
година. За време на сиот тој претстој од 32 години таа преку својата мисионерска улога дала значаен придонес за помош ба изнемоштените, болни, ранети и сиромашни граѓани на Битола.

Сместена со неколку свои придружнички, оваа мисионерка станала оригинален сведок на поголем број настани што се случувале во Битола пред и по Првата светска војна. Безброј документи и фотографии таа ги оставила во своето семејство кое по извесен временски период ги обработила и поставила за
презентација на нејзината правнука Пеги Хенсон. Пеги на претставувањето на откриениот материјал присуствуваше заедно со американскиот амбасадор во нашата земја Џес Бејли и неколку свои соработнички. За сите присутни тоа беше своевидно доживување, зашто Пеги, престојувајќи во Битола
по втор пат за дирекно да го осознае животот на Мери во овој град и местото каде што се наоѓаше американскиот колеџ (во близина на М3,,Стево Патако”),

Мери Метјус заедно со жени на кои им помагала фотографирани пред училиштето
Американскиот колеџ, моментална состојба

имаше средби и со повеќе битолчани со кои наизменично разговараше за некогашната мисија на својата тетка, истовремено интересирајќи се подоцнежната судбина на многу други лица опфатени во богатиот материјал на Мери Метјус. Пеги од Битола, замина задоволна и пресреќна што нејзината тетка Мери Метјус во тој претстој во Битола заедно со останатите мисионерки, била сведок на низа драматични моменти и задоволна што истите имаше можност да ги презентира по еден подолг временски период.

Во приложените публикации
за животот и работата на Мери
Метјус, доставени на англиски и
македонски јазик, Пеги Хенсон опфатила досега непознати за пошироката јавност настани што на своевиден начин даде придонес за натамошно истражување на работата на американската и другите странски мисии што биле во тогашниот град Монастир во османлиска Турција. Во презентираните материјали Пеги пишува дека во дневниците на Мери Метјус опфатени се
четирите главни војни на Балканот. Младотурската револуција против Османлиската Империја на султанот (1908 г.), Првата балканска војна (1912 г.), Втората балканска војна (1913 г.) и најзначајната Првата светска војна. Потрагата по вистинската Мери Л. Метјус за Пеги се претвори во патување исполнето со мистерија, фасцинантност, но и восхит и радост. Дневниците и фотографиите се извор на описи на секојдневниот живот каков што бил во минатото, прикажувајќи ги турболенциите кои се дел од историјата на овој регион. Инаку, Мери била дете на родители од Нова Англија во Кливленд, Охајо, родена за време на граѓанската војна во САД 1864 г. Потекнува од многу религиозно конгрешанско семејство кое го ценело образованието на жените.

Секојдневните записи во дневниците на Мери Метјус го опишуваат процутот на викторијанската жена, која станува вистинска институција во таканаречениот – град на конзулите, во турболентната
балканска епоха. Во текот на нејзиното мисионерско патешествие таа морала да се штити од бомби и отровен гас, да укорува германски и француски генерали кои се осмелувале да ги пуштаат своите војници во близина на нејзините студентки и сираците и да бара и координира помош од конзули, генерали и од Црвениот крст наменета за измачувани во војните. Накусо кажано, преку нејзиното залагање за образование на девојки Мери Метјус имала прилика да врши работи кои во нејзината околина биле речиси исклучиво создадени за мажите: надзор, водење, заштита, снабдување со најнеопходни работи.

Во дневниците Мери Метјус ги брои бомбашките напади и бројот на бомбите од двете страни. Таа опишува на кој начин биле изгорени голем број села и како меѓусебно се однесувале и што си правеле етничките групи.
Самата Пеги Хенсон во приложените публикации зборува дека уживала во читањето на записите во дневникот на тетка и Мери и нивното споделување со нејзиното семејство и со пријателите. Таа напишала дека првите години од претстојот на Мери во Битола околните села биле полни со бунтовници – тогаш познати како бриганти. Тие се движеле низ планините и им се спротиставувале на турската власт. Клучен настан кој се однесува на отоманскиот режим се случил во 1901 г. кога една мисионерка, колешка на Мери Метјус, Елен Стон, заедно со својата бремена помошничка Катарина Цилка, биле грабнати и држени во заложништво 172 дена. Ова грабнување во некои далечни планини и долини во Македонија познато како ,,Аферата Мис Стон” привлече меѓународно внимание.

Елен Стон

Беше исплатена голема сума која ја собраа добронамерни луѓе од Америка и светот ослободувањето на Мис Стон и госпоѓа Цилка, а Мери замина за Солун да ја поздрави својата пријателка и член на Управниот одбор на училиштето и направила фотографија на семејството на Цилка. Во дневниците на Мери Метјус се нашле записи за Мустафа
Кемал, кој подоцна стана Ататурк, Енвер Беј, подоцна стана моќниот Енвер Паша на Турција, кој ја познавал Мери и ја испратил својата помала сестра Мелиха во нејзиното училиште. Објавени се и други значајни материјали од тој период како вистинско сведоштво на бурното историско минато на овие простори, како мисионерките се бореле и помагале за болни од епидемии, од бомбардирања и отровни гасови, против затворање на училиштето, нејзиното повлекување во Оберлин, Охајо, каде починала во домот на дедо ѝ и баба ѝ на Пеги во Ленкерстер, Висконсин, во 1950 год. Мери, исто така, доставувала пари и до овдешните фамилии кои им ги испраќале од Македонци ангажирани на работа во Америка.

Петар Ставрев