РК Еурофарм Пелистер денеска соопшти дека нов член на нивниот клуб е унгарскиот репрезентативен голман, Мартон Секељи. 31-годишниот голман кој потпиша едногодишен договор и како и другите ракометари од ростерот на клубот, ќе се јави на првиот тренинг на 19 јули. Секељи минатата сезона ја мина во Порто, а претходно настапуваше за Балатонфуреди, Чурго, Татабања и Веспрем. За националната репрезентација собра 49 настапи. Во досегашниот дел на кариерата освои СЕХА Гаспром лига со Веспрем и двојна круна во Португалија со Порто. Беше прогласен за унгарски голман на годината во 2018 година. Клубот ќе го претстави по неговото пристигнување во Битола.

РК Еурофарм Пелистер ја информира јавноста дека египетскиот клуб Замалек од Каиро ја откупи клаузулата од договорот на Карим Хендави, кој имаше потпишана соработка со нашиот клуб до јуни 2022 година. Хендави во февруари годинава дојде во Еурофарм Пелистер и настапи во вториот дел од сезоната 2021/22. Клубот е исклучително благодарен на професионалец како Хендави и му посакува многу успех во понатамошниот тек на кариерата. Благодарност и до клубот Замалек за професионалниот пристап при откупот на договорот.

„ Сакам да му се заблагодарам на Карим Хендави за професионалноста во периодот минат во нашиот клуб. Неговата желба беше останување во Битола и почитување на договорот и единствена грижа му беше недостатокот на едукација за неговите деца во нашиот град. Египетскиот гигант Замалек ја плати високата откупна клаузула и моравме веднаш да реагираме. Со ангажманот на Мартон Секељи доведовме искусен голман, репрезентативец и верувам дека ќе бидеме компетитивни на голманската позиција“... изјави Димитар Митревски спортски директор на Еурофарм Пелистер.

РК Еурофарм Пелистер