Велосипед

Милтон на разни начини ги изненадуваше битолчаните. Една година по неговото доаѓање во Битола тој предизвика големо изненадување во градот. Низ главната битолска улица “Широк Сокак” помина едно утро на направа каква што битолчаните, барем многумина од нив, дотогаш не беше видена- велосипед. Велосипедот беше донесен од Италија, преку Јанина. Тоа беше механизам сосема сличен на денешните. Имаше две еднакви тркала, за разлика од неколкуте велосипеди со големо предно тркало, што дотогаш беа донеле од разни земји трговци или луѓето од разните конзулати кои постоеја во тоа време во Битола. Шеесет и две години Милтон речиси не слегол од велосипедското седло, и сега,
понекогаш, стариот снимател во својата осумдесет и четврта година поминува на велосипед низ Битола.

Прв велосипедски клуб во Битола. Во средината (четврти од десно) е Милтон Манаки. Снимени се на патот што води кон Железничката станица. (Битола, 1906)

Мотор

Речиси пред четириесет и пет години Милтон донесол во Битола мотор. Тоа бил “Индијан”, за она време модерна и брза машина. Дотогаш во Битола имал мотор само еден инженер, Чех. На неброените фотографии правени на почетокот на овој век, па до денешни дни, забележани се моменти од разни велосипедски и моторциклистички трки во Битола и во Македонија. Цела историја на две спортски гранки кај нас се наоѓа во архивот на Милтон Манаки.