Понекогаш се вели дека за добар мајстор и да се изодат многу километри не е залудно, доколку работата се заврши квалитетно и на задоволство на муштериите. Ако некогаш за разни сервисни поправки на лесни возила битолските сопственици одеа во Скопје, Белград, па и во Солун, денешните сервисери во градот со квалитетната работа и односот ги привлекуваат муштериите, кои веќе немаат потреба од патување кон други места, зашто механичарските и електричарските сервиси на возилата може овде да ги извршуваат.

Браќата Даути имаат два сервиси еден до друг на ул. „Игњат Атанасовски” број 51а. Постариот Башким (47) е сопственик на авто сервисот „Даути” , а неговиот шест години помлад брат Лирим на авто – електричарскиот сервис „Лирим.

Двата се наоѓаат еден до друг, во приземјето на нивната куќа над горното „Веро“, кои се чини се надвор од градот, иако во населбата каде што се лоцирани има повеќе нови станбени згради преполни со лесни моторни возила. Со својата квалитетна и успешна работа браќата Даути може да се рече дека се вистински пример за потврда на знаењата со кои располагаат од механичката и електричарската сервисна работа. Затоа и не требаше многу да се распрашуваме каде се наоѓаат тие.

Многумина ги познаваат, а таму ги посетивме неколку дена после Рамазан Бајрам кога баклавата им беше завршена, но „слаткиот“ и искрен разговор што го водевме не разблажи повеќе од неа. Најпрвин од Башким ги добивме потребните податоци и тоа дека нивниот дедо Бедула има потекло од битолски Острец, но татко им Ашим е роден во Битола, каде и тие живееле најпрвин во „Маџар маало” на улицата „Босна, а веќе 6 години располагаат со новите сервисни работилници опремени за секаков вид поправки.

Фамилијарни луѓе се, познати занаетчии, чии врати на сервисните простории се секогаш отворени, а муштериите се добродојдени.

-Работа имаме доволно, но животот е скап. Не можи да се тргни некоја пара на страна, како што некогаш правеа нашите предци. Сепак ние сме задоволни затоа што сме сигурни дека така ќе
бидат и нашите муштерии, кои не посетуваат. Ни доаѓаат муштерии, не само од Битола, туку од Демир Хисар, Ресен, па и други места. Работата не ни е тешка, зашто имам знаења за неа, а располагаме и со потребни алати за тоа – вели Башким.

Разговараме и со Лирим. И тој исто така не запознава со карактеристиките на својата електричарска дејност.

-Возилата денес се поусовршени, но поправките се неминовни. Треба доста знаење, а ние веќе располагаме и со потребното искуство за тоа – истакнува Лирим.

Разговараме, а возила доаѓаат. Едно, па уште едно. Тие веднаш ги прашуваат за што се дојдени, зашто разговараат со нас, а ние може да причекаме.

Ги разгледуваме просториите и така шетајќи се со нив се обидуваме и понатаму да дознаеме нешто за нивната работа. Велат дека ќе работат и натаму, но сакаат децата да им изучат некое училиште „Да не се мачат вака како нас”- споменуваат.

Сакавме да разговараме и за други настани од нивниот живот поврзани со занаетчиските активности, но муштериите беа тука, а тие сконцентрирани кон нив.

За повеќе разговор друг пат, можеби кога ќе навратиме на кафе, кое сигурно ќе ни биде „слатко”, како и разговорот што го извршивме во оваа прилика.

Текст и фотографии на Петар Ставрев за весникот “Занаетчија” бр.5 на Регионалната занаетчиска комора Битола.