hdr_vivid

Не е страшно кога ќе останеш сам, страшно е кога си без град. Тогаш, нема ни мајка, ни татко, ни брат, ни сестра. Таа духовна и емоционална празнина предизвикана од отсуството на својот град, е една од суштествените услови кои придонесуваат секој човек да има посебни чувства за својот роден крај.

Кога се зборува за Битола, уште повеќе се изразува чувството на припадност во градот, на своето потекло, бидејќи со тоа се симболизира една поврзаност со Широк Сокак, чаршијата, серенадите, традициите и историјата, вредностите и навиките, кои денес се помалку и помалку се практикуваат на овие простори. Она што сигурно постои кај нас, но и кај секој битолчанец, е љубовта кон својот град.

Битола не знае да ве отпушти и да дозволи да биде заборавена, таа ве прави зависни и секое запознавање со нејзините традиции и карактеристики поттикнува се повеќе да се интересирате и истражувате за неа, за нејзината историја, но и да учествувате во нејзината сегашност и иднина.

Тоа е потврда дека градот има дух, од кој не може да се побегне, а може само да се почувствува и доживее.

За Битола не мора многу да се пишува. Општо познато е дека е град со богата и интересна историја, но и град на конзулите, како во минатото така и денес, најопеан град во Европа.

Град на првиот театар на Балканот (кој е урнат), град на пајтоните, клавирите, модата, на првата балканска филмска камера
на браќата Манаки. Според некои фотографии се претпоставува и постоење на прв филхармониски оркестар на овие простори.
Во централното градско подрачје, на радиус од илјада метри се соединуваат храмови на пет религии: Православната црква Св. Димитриј Солунски, Исак џамија, Јени џамија, Католичката црква “Свето срце Исусово”, Аврата, Синагогата. Овие податоци, без претерување, дозволуваат да констатираме дека Битола е македонскиот град на културата и мултикултурата, град на светлината.

Покрај културно-историските епитети значајно е што Битола негувала, а и денес се труди да негува еден еснафски живот на зближеност на луѓето, на интензивни меѓусебни контакти и поврзаност на граѓаните, што секако, се должи и на нејзината големина и бројноста на населението, но и на хармонично поставените места во градот: Пазарот, Старата чаршија, Безистенот, Широк Сокак, Градското Шеталиште, Тумбе Кафе, Хераклеја Линкестис…

Извадок од книгата “Наследството од сликарот” на Никола Главинче посветена за неговиот дедо Борислав Траиковски 2009 г.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here