Приказните се за легендите и за легендите се кажуваат приказни за да си останат легенди. Во приказните им е местото затоа што во нив се зборува за големите човечки дела на тие кои заслужиле за нив да се кажуваат приказни. Ние кои сме имале привилегија да ги познаваме треба да сведочиме за нив за да не се заборават, за да останат за идните генерации .
Оваа приказна е за една од правите битолски легенди, ова приказна е за “Петар Милошевски ” првиот голман на македонската фудбалска репрезентација. Беше нејзин генерален директор кога трагично, во сообраќајна незгода го загуби животот на излезот од Куманово ноќта на 13.03.2014…
Како брат на Петар не би раскажувал за неговите професионални успеси кои сите ги знаат, туку за неговата човечка големина, која јавноста не ја познава многу, исто како и за нашиот приватен живот и нашето детство, од кое носам многу анегдоти и убави спомени од едно време кое не е толку далечно и различно од денес.
Ние сме деца сирачиња растени со многу љубов и малку пари. Растевме на ул.Солунска каде баба и дедо не чуваа како очите, додека нашата мајка беше на работа.
Нашето детство беше многу убаво и како сите деца од тоа време, игравме сѐ и сешто на улица која не беше асфалтирана.

Петар и Јован

Личевме на Лаурел и Харди . Петар беше ситен и многу бесен, а јас бев кроток и многу дебел. Покасно испадна обратно, но тогаш беше така. Од многу мал тој беше со топката во рацете. По цел ден ги бранеше шутовите и на многу повозрасните со кои игравме на улица. Немаше страв од ништо и кога многу ќе удреше никогаш не плачеше. Се сеќавам дека ми купија бел костум со машна, за да учествувам на детски фестивал каде што пеев. После некое време мајка ми не строса двајцата за излегување на шеталиште и му го стави белиот костум на Петар. Не помината пет минути тој се врати со костумот пола зелен. Мала работа, се фрлил на трева по некоја топка.
Кога имавме 9 и 10 години се преселивме во РЕМО 2. Се беше ново за нас. Во тоа време тој започна да оди на тренинг во младите на Пелистер. И јас отидов, ама фудбалот не беше за мене. Тој се враќаше од тренинг и пак одеше да игра фудбал со другарите. Со топката во раце беше по цел ден.

Малку подоцна не само што го покажа својот талент во Пелистер, туку беше повикан во Југословенската репрезентација суб 21.

Полека преминуваше во професионалец и додека јас се обидував да ја разберам тешката литература која ја читав, тој лежеше на својот кревет и ја одбиваше топката од ѕидот.
Во тие години знаеше да ги донеси дома неговите другарчиња од на фудбал, кои не беа од Битола, да каснат нешто, а нашата мајка да ги подзакрпи тренерките на сите.
Ако брат ми не донесеше никој, од дома ќе земеше некоја тегла ајвар и сирење и ќе отидеше кај другарите.

Јас на 19 заминав Шпанија и не бев свесен за огромната преобразба на Петар се додека тој за прв пат не дојде во Шпанија да ме посети. Сите мои книги од филозофија и историја, новели и религија ги прочита и ме надмина во сѐ. Во ’98 година ми се јави да одам Германија затоа што Борусија Дортмунд и ПСВ Ајдховен беа заинтересирани за трансфер. Во меѓувреме влезе во преговори со Трабзон Спорт и иако му беше многу тешко да отиде од Македонија потпиша и замина за Турција. Имаше многу повреди и како секогаш, никогаш не се пожали. Ќе излезеше на вечера со луѓе кои ќе го посетат, ако не го оставеја да плати, тој ќе застанеше кај првиот кој проси на улица и му ги даваше сите пари што ги имаше во џеб.Таков остана цел живот.Скромен, ненаметлив и авторитетен. Ние бевме разделени многу години и се гледавме само кога можевме. Ги памтам многу добро сите наши средби, но последната беше специјална.
Последниот пат јас дојдов како изненадување.

На оро со баба Анца

На свадба на нашата братучеда. Никој не ме чекаше, само братучеда ми знаеше дека ќе дојдам и мајка ми имаше претчуство и им велеше на сите дека Јован ќе дојди, а никој не и веруваше. Овие моменти беа едни од најубавите кои ги памтам со целата фамилија. Баба ми Анца стана на оро да игра со нас. Со радосни солзи во очите не гледаше оти тогаш бевме заедно сите. Тоа беше вистинско и незаборавно и чувство во 25-те заеднички години со цела фамилија .

Со братучеда Маика

Следниот ден беше последниот ден. Тој ден зборувавме со голем ентузијазам за проектот за стадион во Битола и за колку многу можи да сѐ направи за младите и за спортот во Битола и тоа со многу малку средства. Имаше извонредни идеи.
Како вчера се сеќавам беше недела кога зборувавме последниот пат по телефон. Ми рече: “Бато знајш, го запознав Влатко Стефановски”…

Петар и Влатко Стефановски

За мене Влатко секогаш бил пример на голем човек и музичар. Тој се вратил дома и на својата жена за Петар и рекол: “Да ти кажам каков човек запознав, “ЧУДО” од човек.”

Анегдоти и сведоштва

Во една прилика двајца кабадаи решиле да видат колку сила има голманот Петар и почнале безпотребно да го провоцираат. Тој ладен камен, не возвраќал. Решиле физички да го нападнат и го удриле. Петар се вратил дома и рекол дека паднал, а во себе мислел “Прости им Господи оти не знаат што прават”. Двајцата насилници насекаде се фалеле дека Петар Милошевски го истепале. Подоцна некој кој ги слушнал им рекол: “Што ако сте двајца, ако Петар сакаше да ви врати тоа ќе беше друга приказна.”

Некои луѓе кои имале мака му биле потребни пари за операција на нивното дете во странство. Му се обратиле на Петар за помош. Петар се распрашал кај сите доктори кои ги знаел и им дал толку пари колку што му требале со напомена да не биде спомнат никаде…
Поминувајќи некое време нашата мајка се движеше по улица. Од една страна и пријде едно непознато дете кое ја гушна и му рече ” Тетке, вашиот син ми го спаси животот, цел живот ќе му бидам благодарен и ќе се молам за него “…
Нашата мајка и ден денес не ги познава луѓето на кои Петар им помогна. Сеуште многу не се знае што правел, за кој и како… Вакви сведочења има и наоколу во светот каде што бил. Турција , Кипар или каде и да е ќе најдите по нешто. Света Гора одеше со душа, за да се моли и и да бара божји благослов, кој секогаш го бараше кога сакаше нешто да направи. Беше сакан заради својот талент работа и невидена скромност како и човечки вредности кои не постојат ден денес .

Се сеќавам кога стигнав пред Соборен Храм во Скопје. Ја фатив мојата мајка за рака која во тој момент имаше тешка болест.Таа храбро ми рече : Синко да бидиме мирни и соземни. Ноќеска сон видов: “Сакав свеќа да запалам за брат ти, а тој беше толку високо што не стигав, Господ да ми даде сила да издржам на нога, оти има многу луѓе .

Имаше 40 свештеници на опелото, бројни делегации од Кипар и од Турција кои дојдоа за последен пат да се поклонат пред него. Другиот ден после погребот, утрината во шест сатот, газдата на еден од фудбалските клубови за кои играше во Турција, ако муслиман, беше забележан како со отворени раце се моли пред неговиот гроб. Малку се тие кои во своите четириесет години на овај свет направиле толку многу во сета смисла на животот…

ВЕЧНА ТИ СЛАВА БРАТЕ !

Би Ве замолил вас, сите вие кои го мислите истото како мене, го сакате и чувствувате, да се придружите на иницијативата за името на стадионот во Битола. Тоа мислам е единствен начин Битола да му се оддолжи на Петар Милошевски кој е вистински пример за човечка големина.

Текст и фотографии Јован Милошевски-брат на Петар Милошевски 13.03.2018 г.