oznorWO_vivi

На сегашната Рузвелтова бр. 1 или некогашна улица Бенито Мусолини (за време на бугарската окупација), Генерал Бојевич во српско, каде што започнува еврејското маало Ла Маале во кое живееја познатите еврејски фамилии Челебон, Мизрахи, Калдерон, Барух, Масот и други, заедно со Еврејското училиште за девојки и подоцнежен регрутен центар Хашомер Хацаир (Пионерски дом) за Евреи кои се враќаат назад во светата земја – Израел (Алија) или со нивна помош се приклучуваат кон партизанските одреди, битолчани добија некаков си културен центар со име на контроверзна личност, соработник со нацистите и усташкиот Анте Павелич што и нас ни е срам да го потпишиме.

Нејсе, ние повеќе ќе се задржиме на приказната и нашите познавања за оваа куќа. Во последно време како што се сеќаваат постарите генерации, оваа куќа му припаѓаше на фамилијата Папакоч, кои станаа сопственици најверојатно после Втората светска војна и тоа еден од нив, Таки Папакоч.

Кој се фамилија Папакоч

Со развојот на фотографијата во светот се повеќе се проширува нејзината магија и потребата луѓето да си го видат на хартија својот лик, своите најблиски, а со тоа и да се документираат најразличните настани од секојдневието што ги опкружува. Таквата магија што го опфаќа човештвото се проширува и во Битола, заради што се отвораат неколку фотоателјеа, а нивните сопственици од ден на ден ја зголемуваат својата работа. За да се доближи уште повеќе фотографијата до луѓето, потребно е да се отвораат фотоателјеа на погодни места и локации, онаму каде заинтересираните најнепосредно ќе ја остваруваат својата цел, да бидат засекогаш овековечени.

Во Битола такво погодно место е главната улица на која се лоцираат неколку фотографски дуќани. Лицата што се ангажирани во нив се мошне комуникативни и ценети, зашто
беспрекорно ги исполнуваат желбите на заинтересираните за кус временски период да ја добијат посакуваната фотографија. Едни од познатите ателјеа на Широк Сокак е на браќата Кочо и Таки Папакоч.
Дури во врска со нивната беспрекорна работа започна да се шири и една анегдота меѓу битолчани. Имено, ако некој немаше работа, едноставно го трошеше времето, ќе му речеа – ОДИ СЛИКАЈ СЕ КАЈ ПАПАКОЧ.

Тоа на извесен начин значеше дека ќе имаш барем некаква корист од тоа, односно максимално корисно ќе го употребиш неангажираното дотогаш време. Потврда за ваквата, на извесен начин би рекле анегдота, за дејноста на двајцата браќа е и нивната голема популарност што ја уживале во Битола. А, истата ја стекнаа со деноноќен ангажман во студијата, со коректна комуникација со граѓаните и, воопшто, со наметнување на својот професионализам во областа на фотографијата. Подоцна ќе дојде до израз и нивниот уметнички сензибилитет, што кај Кочо беше евидентиран и со освоени награди на разни фотографски натпревари и конкурси. И двајцата како цел живот да го поминаа во своите ателјеа на Широк Сокак, како постојано да беа на услуга на граѓаните кои се повеќе и повеќе се воодушевуваа од можностите што се фотографирани, овековечени засекогаш.

Вештините на овие двајца браќа да привлечат што поголем број консументи, исто така, доаѓа до израз, заради што не постои човек што ќе влезе во нивните ателјеа, а да не биде фотографиран, а подоцна, кога ќе ја прими снимената фотографија, да биде задоволен од неа. Паралелно со тоа пораснува и интересот да се направат фотографии од поголем формат и истите да се постават во своите домови или работни простории. За потребите пак, од снимање на фотографии за документи од секаков вид да не зборуваме – Папакочите се тие што имаат полни раце работа, најпрвин заради својата успешна дејност, а веројатно и заради локацијата што ја овозможуваше Широк Сокак. Некогаш беше и интересно да се види и нагласи дека се влегува во ателје и дека неговата фотографија е истакната на излог кој стануваше примамлив за сите минувачи. А на Широк Сокак ги имаше безброј, секој ден и во секое годишно време.

Папакочите постепено ја зголемуваат популарноста и стануваат познати личности во градот, зашто практикуваа интересна активност што постојано се ширеше со маѓична димензија и распространетост. За ваквиот успех на браќата Папакоч голема заслуга има и нивниот татко Јанаки Папакоч чие потекло е од Епир – Грција, а тој е роден 1886 година во село Гопеш, Битолско. Татко на Јанаки бил Јорго, а мајка Анастасија – Сија, додека неговата жена е Александра од фамилијата Хрисик од Битола. За да го практикува успешно фотографскиот занает, Јанаки учи занает во Кожани и со тоа што прв ја започна работата со фотографијата го трасира патот по неа и на неговите двајца синови – Кочо и Таки.

Уште во 1911 година Јанаки има свој фотографски дуќан во Гопеш и тој е единствен од фамилијата што тогаш го има овој занает, зашто неговите други 5 сестри не се интересират за работа во фотографскиот дуќан. Виорот на Балканските војни и превирањата што се јавуваат на овие терени не ја одминуваат и фамилијата на Јанаки Папакоч. Ги интернираат во Бугарија од каде Јанаки подоцна заминува во Кожани каде исто така, отвора фотографски дуќан. Таму му умира неговиот првороден син Јорго, додека во 1921 година се раѓа нивниот син Кочо. Во 1925 година фамилијата се враќа во Битола и го купува дуќанот на Широк Сокак бр. 82. Истата година во новокупениот дуќан ја продолжува својата фотографска дејност, а во наредната 1926 година се раѓа нивниот син Таки. Фамилијата се населува да живее веднаш до Широк Сокак, на улицата Томаки Димитровски, што на извесен начин, беше возбудливо децата од најмали години да се непосредно до дуќанот на нивниот татко. Почесто беа во дуќанот отколку во својата куќа, а набргу и двајцата започнуваат да го изучуваат фотографскиот занает, интересирајќи се да дознаат што се случува во темната комора, просторија, каде нивниот татко поминува саати и саати. Нивната сестра Драга, исто така, го положува фотографскиот занает. Но, двајцата синови, Кочо и Таки, не само што од најмлади години го изучуваат занаетот, туку ја продолжуваат желбата на нивниот татко да го практикуваат и живеат од него. Во тој фотографски дуќан извесен период работат таткото и двата синови, но потребата од нивни посебни ангажмани се повеќе се наметнува. Во 1952 година се жени Кочо, а неколку месеци по него и Таки. И пред смртта на Јанаки, во 1961 година, браќата одлучуваат секој за себе да се ангажира заради што и го купуват соседниот дуќан со број 84.

Во тие два дуќани на Широк Сокак двајцата рака, Кочо и Таки, работат се до нивната смрт, каде прават студиски снимки, најчесто портрети, или фамилијарни фотографии. Ваквите портрети не само што импонираат со квалитетна изработка, туку преку нив, а особено Кочо, сакаат да ги наметни и своите видувања за уметничко претставување на портрети, а манифестирање на играта што ја создаваат светлото и темнината. Секако, до израз доаѓа и нивната успешна лабораториска обработка фотоматеријалот што го набавуваат од најреномирани производители. Кочо извесен период станува и дописник на некои југословенски весници, а истовремено во приватниот живот се ангажира и во областа на филателијата и нумизматиката. За своите уметнички дострели во фотографијата браќата Кочо и Таки добиваат и своевидни награди.(1)

Големото богатство на Папакоч на крајот се раситнува и продава, а фамилиите не живеат повеќе во Битола

Богатството на фамилијата Папакоч во последните неколку години започна да се раситнува и продава, а поголем дел од нив, ако не и сите не живеат повеќе во Битола . Помеѓу битолчани е познато дека нивна беше и бензиската пумпа Вингс (сега БитОил) заедно со придружниот објект од левата страна кои сега се во друга приватна сопственост.

Истата судбина ја доживеја и куќата на ул. Рузвелтова која е продадена и сега му припаѓа на фамилијата Мојсови, познати низ Битола со нивните аптеки Мојсови. Претходно овај објект се издаваше како пивница, па Травел Паб и хотел Широк Сокак на ЈК Травел, за сега, после некој период биди некаков си културен центар со име на контроверзна личност и непријател за битолчани и целата македонска јавност.

Како куриозитет на крајот Ви ја преставуваме лична карта на Димитар Папакоч од 1943 година во која се гледа дека царството Бугарија ја признавала народноста Македонец.

Личната карта е испратена од синот Јанаки Папакоч.

(1) Петар Ставрев – извадок од зборникот на трудови Битолските фотографи и битолските ателјеа, Народна Техника и Фото клуб Стив Наумов од Битола.


Уште еднаш, да резимираме, не сме против било какво здружение, против сме доделувањето на некои имиња кои се контроверзни и непријателски кон македонскиот народ и битолчани .


Поврзано :