Локација: сегашен влез за ОУ Гоце Делчев, до некогашниот Руски конзулат отспротива зградата на СДСМ
Куќата на Мијалче Петров направена 1929 година. Мијалче бил керестеџија (трговец со градежни материјали) и со неговиот брат му имале дуќани на Широк сокак.
Материјалот за куќата бил донесен од Киев, бидејќи сакал да биде со врвен квалитет. Карактеристично за оваа куќа било тоа што сите ѕидови ги направил со слики, нешто слично како фрески. И дел од таваните биле нацртани. Куќата имала купатило на катот. Во визбата имал вградено огромни буриња за вино.
Тој бил трговец, додека неговата жена Пара била учителка, во секој случај имотни луѓе и со напредни сваќања. Познати биле и како Калиновци, што сигурно постарите битолчани го чуле овој прекар низ Битола. Најверојатно прекарот доаѓа од мајката на Мијалче , Калина.
Фамилијата имале и дуќани во чаршијата. Имале 4 ќерки, Каљопа, Љубица, Даринка и Блага.
Каљопа беше најстарата и беше родена околу 1912 г, до крајот на животот беше во Битола.Таа е последната од сестрите која живееше во куќата, со синот Никола и неговото семејство.
Интересен е податокот што Мијалче сите керќи ги школувал. што било невообичаено. Двете најстари се со средно, а другите две завршиле факултет. Едната Даринка е првата жена што во Македонија завршила англиски јазик.
И приказната оди вака: Имало некој плакат дека се врши упис за англиски јазик во Битола и нејзиниот татко Мијалче ја пушта Дара да студира во Белград.Таа ја основаше катедрата за англиски јазик во Скопје, после ослободувањето. Додека студирала таа учествувала и во демонстрациите на 27.3.1941 год.
Двете најстари ќерки живееле во Белград. Каљопи била мажена за градежен инженер, а Љубица при една посета си го запознала нејзиниот сопруг кој е истотака битолчанец и студирал воена академија во Белград . Во тоа време да се омажиш со офицер морало да дадеш пари на државата и Кралот. Свадбата била спектакл во Битола. Од сеќавањата на една постара особа која тогаш била девојче во тоа време раскажала дека цела Битола излезе надвор пррд порти кога се мажеше таа за Петар Михаилов, кој го напушта Белград и војската 1941 и се враќа во Битола. Од ослободувањето до смртта живеат во Скопје. Најмалата Блага студира медицина и е мажена со познатиот проф. Димче Тошев од Прилеп. И таа живее во Скопје. Сите ќерки се мажени за мажи кои завршиле факултети. Што би рекле дека припаѓале на интелегенцијата, ако се земе во предвид дека пола од населението во Македонија во тоа време било неписмено.
Сите сестри имаат синови. Каљопи еден, Дара 3, другите по 2. Кога почнала војната Каљопи се враќа во Битола и живела како вдовица со родителите и синот во оваа куќа. Работи во судот во Битола до пензија.
Сите деца од сестрите освен Никола Стојков, кој сеуште живее во Битола во нас. Недопирливи, се во Скопје. Сите го продолжија фамилијарниот пат и се со факултети, дури има и тројца доктори на науки. Најстариот потомок Владимир е роден 1939 година во Белград.
Куќата беше голема, голем двор, имаше приземје, спрат и убав гелендер од ковано железо.
На катот имаше приемен дел, во кој често кога ќе им дојделе гости, Каљопи им ставала душеци за да спијат .Од тој дел се одеше во трпезарија и кујна. Имаше и други големи соби, сите со високи тавани. Долниот дел беше како некоја летна кујна, магацинче и слично. Имаше и голем таван. Куќата беше велелепна и раскошна.
Куќата е срушена во 70-те години заради градба на Културниот дом. Последни станари беа Каљопи, синот Никола, Веска, Кире и Соња. Тие сите живеат во Битола.
Раскажување од Мимоза Фајдига
Фотографија Карабатак испратена од Зоран Виданович