Една од поубавите куќи во Битола е куќата на Бомболот. Се наоѓа на почетокот на ул.Цар Самоил веднаш до Дебарски Ан. Како што кажува и самото име Бомбол е симбол за големина и престиж. Бомболовци имаат потекло од крушевско. Подолг период фамилијата Бомболовци се развива во Прилеп. Најстариот Бoмбол бил Мирче Бомбол кој имал две машки деца Коста и Ордан. Коста имал три сина Ицко, Јован и Данаил. Коста Бомбол го завршува својот живот убиен во aн лоциран кај Пекмез пазар. Неколку од Бомболовци во тоа време биле студенти, кои студирале по разни факултети низ Европа. Ордан и Јован Бомбол ги завршиле студиите на правните факултети во Европа, а Данаил Бомбол завршил Технички факултет – машински оддел во Белгија во 1905 година.

 

По завршувањето на студиите се вратил во Македонија, со цел да работи тука. Во цела Румелија тогаш постоела само една француска компанија, која ги градела железниците, а чие седиште било во Солун, но во нивниот машински парк бил вработен француски инжинер. Отако се уверил дека повеќе нема да најде работа по завршувањето на Факултетот, повторно се вратил во Белгија да студира и за две години го завршил и градежниот смер на Факултетот. Во 1908 година повторно се вратил во Македонија. Но, во Отоманската империја на овој дел ништо не се градело. Бил принуден да замини во Бугарија, каде што се вработил во компанијата за градење на железници. На работното место политички се судрил со бугарската интелигенција, со кои работел во компанијата. Од нив бил навредуван со погрдни зборови и бил нарекуван „гасеница“. Така навреден, Данаил го напуштил работното место и заминал во Цариград, каде што се пријавил и барал работа. Бил испратен да работи за француската компанија „Compagnec Antrepries general ponvla construex-tonde route dans l’enpirotogon“ со седиште во Бурса.

Оваа компанија ги изведувала работите околу градбата на патиштата, што се граделе во Турција. Данаил имал можност да го види местото Бурса, за кое уште од деда си слушал приказни: „Кално валкај, суво шпаркај, да не одиш во Бурса по просо“, но токму приказната од дедо му го снашла и него. Со компанијата работел повеќе години, истакнувајќи ги насекаде своите квалитети и способности како инжинер. И во 1911 година, како главен инжинер, ја проектирал браната на реката Хулифер, во близината на Бурса. Данаил живее во Битола, додека другите Бомболовци остануваат Прилеп. Жената на Данаил се викала Тесалиа. Данаил бил висок и строен маж со тенки мустачиња, беспрекорна педантност и обавезна паларија. Починал на 85 години далечната 1965 г.

Имаа син Михаил, електро-инжинер кој бил Декан на техничкиот факултет во Битола и заедно со неговата ќерка Кристи (Христина Бомбол проф. на Технички факултет и еминентна личност за Битола-почина пред некоја година), последни живееле во оваа куќа. Послем Втората светска војна куќата била национализирана, во неа повеќе години живееја 5 фамилии, меѓу кои Паспаловци и Такули, пет фамилии во пет соби заедно со своите деца.И само едно ВЦ заедничко сите, исто како и за Бомболовци. Така беше во поранешниот режим. Бомболовци беа домаќинска фамилија, богати но скромни. Голема фамилија од која многу наследство и наследници останаа во Прилеп. Последната желба на Михаил била куќата се реновира и уреди, истото доживеа да го види. Ни ја остави на сите нас да се восхитуваме на нејзината убавина и да ни ја украсува нашата Битола, бабам Битола, за што ние битолчани на еден ваков симболичен начин му изразуваме почит и голема благодарност.