Членовите на културно- уметничкото друштво „Илинден” од Битола, како учесници на Фолклоријадата во Уфа, Русија, беа дел од најдолгото оро заиграно досега низ светот.
2.700 учесници од 37 земји од светот и припадници на 71 различна националност беа дел од ова оро. Со овие бројки на учесници беа срушени два гинисови рекорди. Едниот рекорд е по број на националности кои играа на орото, а другиот по број на држави. Оваа бројка од 37 земји кои активно учествуваа, се искачи на 57 зашто се приклучија и туристи од други држави кои го следеа фестивалот.
КУД „Илинден” имаше и настап во официјалната програма на главната фестивалска сцена на оваа светска Фолклоријада, шеста по ред која годинава се одржува во Русија. Големиот фолклорен фестивал се одржува од 4 до 11 јули во Република Башкоростан. Единствен претставник од Македонија е фолклорниот ансамбл од Битола кој постои скоро седум децении и го афирмира македонскиот фолклор и традиција на бројни фолклорни фестивали ширум светот.
Извор Мкд.мк