Во очи на Новогодишните и Божиќните празници би сакале да споделиме со Вас сè она од што нашата компанија беше дел во 2019 година.
Она што нè води напред и она што е наша мисија е да подадеме рака кога е најпотребно, да поддржиме настан, да решиме проблем, да подариме кога некој најмалку очекува, да ја направиме Битола, Пелагонискиот регион, па и Македонија подобро место за живеење.
Во нашата фабрика минатата година пристигнаа повеќе од 500 барања за донации, спонзорства и поддршка за настани на кои се трудевме да одговориме позитивно во наjголем дел, секогаш кога можностите ни го дозволуваа тоа.
Оваа година дадовме повеќекратна парична помош за да се извршат разни операции и лекувања, уредивме неколку училници, променивме санитарија во неколку основни училишта и тоа во: „ОУ Александар Турунџев“, „ОУ Д-р Трифун Пановски“, „ОУ Браќа Миладиновци – Мусинци“, „ОУ Св. Климент Охридски“, „ОУ Даме Груев“, „ОУ Гоце Делчев – Могила“, „ОУ Коле Канински“, „ОУ Ѓорѓи Сугарев“ и др.
Покрај донацииите, како нераскинлив дел од општеството, постојано се обидуваме да помогнеме и да го подобриме квалитетот на образованието. Оттаму произлегоа и разните видови на соработка со основните и средни училишта и факултетите. Имено, потпишавме меморандум за соработка со средното државно училиште „Јосип Броз Тито“- Битола, отворена е првата паралелка за дуално образование со средното училиште со СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола. Успешно реализиравме проект со Машинскиот факултет во Скопје, подржавме две научни конференции во организација на Правниот факултет од Кичево, дополнително организиравме две работилници со студентите за практичната примена на Законот за работните односи, а исто така имаме активен договор со Универзитетот „Св.Климент Охридски” Битола при што доделуваме стипендии за најдобрите студенти и до сега се стипендирани 9 студенти од кои мнозинството го сочинуваат студентите од Техничкиот факултет во Битола, додека годинава беше вклучен и Економскиот факултет – Прилеп. Покрај ова, досега сме имале и повеќе од 30 практиканти (интерни или екстерни), кои се стекнуваат со искуство и со навики кои понатаму ќе им помогнат при наоѓањето на работа како и при вклопувањето во организационата структура на било која компанија.
Поддржуваме настани кои се во организација на граѓански здруженија и тоа: ИМКА Битола, платформата ЗЕМИ ЗДИВ, МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР – Битола, Здружение на слепи лица – Прилеп, ХЕПАР Центар – Битола, Здружение на психолизи РИЛУКА – Битола, Здружение на граѓани НОВИ ПЕРЦЕПЦИИ, Друштво на писатели БИТОЛСКИ КНИЖЕВЕН КРУГ Битола, Здружение „Златно Перо“ – Битола, Здружение на лица со посебни потреби Емануил +, Здружение на лица и деца дијабет тип 1 ИСКРА – Битола, Здружение за возобновување на православните традиции БАДНИКОВИ ПОВОРКИ Скопје и многу други. Исто така, активно сме вклучени во кампањата #СакамДаОстанам со финансиска поддршка и теренски активности.
Во текот на оваа година спонзориравме повеќе културни настани организирани од Центарот за култура во Битола како: музика од светот, концертите во организација на камерниот оркестар во Битола, Илинденски денови, фестивалот за деца ТРА ЛА ЛА, концертот на Владо Георгиев, Бела Ноќ и многу други настани, а исто така дадовме спонзорство на повеќе спорстки клубови, натпревари и настани, меѓу кои и првата градска трка во Битола „ТРЧАЈ БЕ“.
Меѓудругото, секоја година имаме редовни донации за ЈЗУ Клиничка болница „Д-Р Трифун Пановски“ – Битола, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух говор и глас и други проблеми во развојот Кочо Рацин – Битола, ЈАВНА УСТАНОВА ДОМ ЗА ДОЕНЧИЊА И МАЛИ ДЕЦА Битола и многу други донации на лица со здравстевени проблеми или ранлива социјална категорија.
Ова е само дел, од она што компанијата го прави и преку што се труди да придонесе за овој град, потпомагајќи го јавниот сектор, граѓанските здруженија, физички лица и соработувајќи со малите и средни претпријатија.
Секако, наш главен приоритет и наша најјака страна се нашите вработени. Оваа година како и претходните, беше година на отворени можности за напредок, професионална надоградба, патувања, доделени бонуси и зголемени плати. Ние знаеме, дека сме дел од овој регион и сите проблеми со кој се соочувате сите вие се и наши проблеми. Со сите овие акции сакаме на дело да покажеме дека го сакаме овој град, овој регион, оваа држава, овие наши луѓе и среќни сме и се надеваме дека и останатите ќе го следат нашиот пример бидејќи само така, здружени, со добра мисла и цел ќе може да направиме промена во општеството.
За крај, како компанија и тим од 6000, сакаме да им ги честитаме на сите граѓани, вработени, пријатели и соработници Новогодишните и Божиќните празници со желби за добро здравје, многу среќа, бериќет и успех. Бидете позитивни, соединети, сложни и запамтете дека само оние кои се радуваат и го ценат она што веќе го имаат – може да имаат многу повеќе.