Познатиот битолски адвокат и музичар, Петар Георгиев – Калица во една своја песна го опеал копнежот по некогашна Битола каде се шетало, седело и пиело кафе на Дембел чаршија. Иако познатата Дембел чаршија, која се наоѓала веднаш покрај реката Драгор, на местото каде што денес се наоѓа Судот и СВР, одамна ја нема, сеќавањата за неа не бледеат. Многу млади и не знаат со што била позната таа Дембел чаршија, но како и многу други граѓани од овој град, раскажуваат шеги и досетки што се случувале низ неа, бидејќи таа била наречена Дембел, односно Мрзлива чаршија зашто пред нејзините кафеани, гостилници и дуќани, претежно се седело и пиело чај и кафе со локум. Се вели дека кога некогаш избувнал пожар во неа и сите почнале да бегаат, еден од “дембелите” му рекол на колегата со кого седел на истата маса да избегаат зашто чаршијата гори. А, овој, мрзеливо и монотоно му возвратил: “Не ти е мака што зборуваш”. И, си продолжил да гледа сеир. Со ова како да се кажува се за оваа Дембел чаршија и нејзините посетители.
Низ чаршијата имаше многу улички, дуќанчиња, покрај Драгор и кафеани во кои седеа агите и беговите и поимашните трговци, гледајќи ги жените на офицерите и другите битолчани што минувале крај нив. По тоа чаршијата и била позната и станала незаборавна – вели битолчанецот Ицо Попов.

СЕЌАВАЊА

И многу други возрасни битолчани прераскажуваат настани што се случувале во Дембел чаршија и тоа за периодот кога турското ропство било во распаѓање и кога во градот се’ поголемо било присуството на странските дипломати и конзули. Во чаршијата имало на столб и два часовници кои покажувале различно време – ала франга и ала турка, односно едниот (турскиот) покажувал два часа порано според времето во Турција, а другиот според европското, односно француското време. Но, оние што седеле во чаршијата како да не ги интересирало времето. Муабетеле и пиеле со часови. Други како да работеле за нив, тргувале, произведувале и ги развивале занаетите. Се носела стока од други поголеми градови, пристигале и клавири.

– Дембел чаршија е позната и по Десоецо – велат некои битолчани, прераскажувајќи ги сеќавањата на него. Имено, тој Турчин од прилепското село Десово, по кое и се нарекол Десоецо, имал неверојатна видовитост и на многумина им предвидувал што ќе им се случи. Па и ден-денес многу битолчани за некое очекување не велат “не сум Ванѓа па да предвидам”, туку “не сум Десоецо па да знам што ќе се случи”.

СПОМЕНИ

А, такви случки имало многу. Се пеело и низ песните на пајтоните, низ тесните сокачиња и другите чаршии што ги имало во градот.
Радмила Момидиќ – Петкова од Заводот и музеј со години опстојно и совесно ја истражувала битолската чаршија. Евидентирала и многу белешки од патеписи за неа. Објавила и повеќе научни трудови. Во еден свој труд има напишано дека “битолската чаршија се вбројува во редот на најголемите сочувани чаршии во Македонија, во која денес има над 600 дуќани, лоцирани во 27 улици”.
Денес делови од таа чаршија ги нема. Разрушени се за изградба на станбени единици, државни објекти или слободни простори. Останале спомените за нив. Постарите битолчани раскажуваат за тоа некогашно минато на овој град, зборуваат дека некогаш по скали се слегувало во реката Драгор, се фаќала риба и веднаш се пржела, кажуваат за Евреите кои продавале печени јајца за мезе. Многупати зборуваат и за дембелите, за луѓето од Дембел чаршија. Денес ја нема Дембел чаршија на тоа место каде што била, но невработените млади, лоцирани низ кафулињата на Широк сокак како да потсетуваат на тие некогашни времиња, на карактеристичната содржина во Дембел чаршија. Дел од нив имаат амбиции да заминат низ Европа. Процесите да тргнат во обратен правец зашто ако некогаш “Европејци” доаѓале во Битола, денес нејзините млади имаат способности да се ангажираат низ Европа. Не се дембели, односно мрзливци, но немаат шанса за ангажмани во странство. Затоа и пред неколку дена младите преку свое здружение организираа марш низ битолската главна улица насловен “Македонија без визи”, односно за свет и живот без граници. Преку тоа можеби Дембел чаршија засекогаш ќе остане во спомените и сеќавањата, во минатото, зашто низ ова современо, динамично време, одамна животот на дембелите (мрзливците) е изминат.

Петар СТАВРЕВ за Вечер 2006 г.