Уште од пред неколку века нашиот град бил украсен со конаци и резиденции на богати и познати турски Аги и Бегови кои и ден денес сеуште им даваат препознатлив изглед и стил на нашата Битола. Најубавите од нив се наоѓаат по течението на река Драгор, од левата и десната страна. Само заради постојаното струење на чистиот Пелистерски воздух тие се одлучуваат баш тука да градат а покрај Драгорот не за џабе била и познатата Дембел чаршија. Еден од најубавите турски конаци беше преадаптиран во Бугарски затвор за време на Втората светска војна.

Како што пишува во книгата на Владимир А. Ивановски „Битолските затвори“ неколку денови по доаѓањето на бугарската фашистичка полиција и нејзиното сместување во Битола, се одржува советување со повидни претставници од окупаторската власт и воените лица.

На дневен ред, покрај другото, се поставува прашањето и за изнаоѓање зграда за сместување затвореници, како и за затворскиот персонал со се управа. Потребно е еден централен затвор што ќе ги прима затворениците не само од градот и околијата, туку и од територијата на цела југозападна Македонија. Во него треба да лежат и оние лица кои се ставени вон законот од владата на царството на Бугарија.

Присутните тогаш дискутирале и давале повеќе предлози, но ниеден целосно не бил прифатен како адекватно решение. Им недостасува поопстојна мотивираност во склопот на основните затворски цели.
Според еден предлог, затворот требало да се смести во зградата на коњичката единица од разгромената југословенска војска близу до „Амамот“. И оваа сугестија не била усвоена поради тоа што тие згради се лоцирани сред градот и нема згодни околности за ноќни егзекуции на затворените осуденици на смрт. Освен тоа, во тој квартал постојат и извесни услози и за организирање бегства од затворениците. Зградата на централниот участок (некогашната Американска болница, па Бугарски участок во чија близина било тобакото на Богоја Силјановски кој спасил 4 девојки од прогонот во 1943г.) што се наоѓа во близината на „Саатот“, исто така не им одговара на окупаторските замисли. И таа се наоѓа во строгиот градски центар. Покрај тоа, овој участок наоколу нема ни ограда. Во него се влегува директно од доста прометна улица. На крајот од состанокот се усвоил предлогот да за централен затвор да биде приспособена зградата на бившиот интернат на битолската гимназија.

Предлогот бил образложен дека местоположбата е на крајот од градот, до самиот „Црн Мост“ и доста висока авлиjа го обградувала пространиот двор. Располагал со неколку помошни простории и доволни количества вода за интерни потреби бразда што протечува низ дворот и бунар со две-три силни изворчиња.
Присутните се договориле што побргу, во наредните денови да се пристапи кон реализирање на усвоениот предлог. Адаптирањето на зградата почнува според нацртот на еден поискусен полициски агент. На состанокот се зазема став и по однос на затворскиот персонал и управа.

Првобитно, зградата што е планирана за затвор била турска куќа. Пред 1903 г. е сопственост на Закирија-паша која ја има како конак сé до 1918 г. По наследствено право, подоцна му припаѓа на Кенан Зија-беј од Битола кој како таква ја ползува за конак. Куќата се состои од две згради. Едната е „селамлак“, а другата е конакот на турскиот бег. „Селамлакот“ служи за пречекување гости од машкиот пол и за преноќевање на господаровите познати и пријатели по вера; е свртен кон северната страна од градот, кон реката Драгор.

Реката Драгор со поглед кон Црн Мост и Пелистер, од јули 1906 година. Извадок од книгата „Битола низ стари разгледници” (669 разгледници од Битола од периодот на нивно прво појавување до денес) Автор: Димче Најдов Издавач: НУ Завод и Музеј Битола Фотографии: Приватна Збирка на Битолски разгледници од авторот ISBN 978-608-4754-01-5
Конакот на Зекирија Паша, па Кенан Зија-беј

Другата зграда, конакот на турскиот господар, го претставува неговото вистинско раскошно живеалиште. Таму го поминува својот личен живот ги проведува обичните дни, јадење, пиење, спиење. Всушност, овде се наоѓа и неговиот харемски дел каде што во здодевност и чмаеж ги проведуваа дните повеќе жени, млади „ануми“ и „кадани“, постојано жедни за живот на слобода. Двете згради биле подигнати одделно. Нив ги дели висока и дебела авлија, покриена со турски ќерамиди. И „селамлакот“ и конакот имаат засебен влез со тешки дрвени порти.

По создавањето на кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Кенан Зија-беј ја држи куќата уште некое време за свои потреби, а потоа му ја продал на друго лице поради отселувањето во Турција.
Новиот сопственик на куќата, веројатно поради не сакање да живее во конакот на бегот, привремено ја отстапува за да се ползува како „Сиротински дом“ (сиропиталиште Богдај).

Во него се згрижувале сиромашни деца сираци без родители. Растеле под строг режим и недоволна исхрана. Подоцна сопственикот се предомислува и ја дава под наем заради обезбедување редовен приход. По извршените спогодувања, и ја дава на катастарската управа на битолската општина која имала потреба од сместувачки простор. Распоредот на нејзините канцеларии не е познат.
По неколку години општинската катастарска управа се преселува во нови простории. Дирекцијата на битолската гимназија се заинтересирува за напуштената зграда. Има намера да отвори интернат за свои ученици кои не се од Битола. Се преминува кон реализирање на поставената цел.
Гимназискиот интернат почнува да прима први ученици во учебната 1934/35 г. 24) Познат е под името „Интернат на државната реална гимназија во Битола“. И тоа е една потврда за асимилационите настојувања и тенденции на окупаторите кои не згаснуваат во сите времиња, па ни тогаш.
Интернатот се издржува од редовните месечни влогови
на учениците, примани како „питомци“, и од државни додатации. Секој ученик кој влегува во интернатот плаkа месечна такса од 225 — 450 динари.
Капацитетот не е голем. Имал 40 легла. Располагал со следните простории на горниот кат: 5 спални за учениците
– „питомци“; една спална за воспитачите; една помошна просторија за чистење чевли и една општа, нехигиенска училница во коридорот. Се оспособуваат следните простории: кујна, трпезарија, мијалница
(само со студена вода), гардероба со шкафчиња, амбуланта со
лекови за прва помош и една канцеларија за администрацијата.
Освен воспитачите интернатскиот персонал го сочинувале: готвач, перачка, служител и домаќин.
Интернатот останува така, без некои позабележителни
измени, до учебната 1940/41 г.

Во јули 1942 г., откако се извршуваат потребните приспособувања и уредувања, официјално во овие конаци е основан Обласниот централен затвор кај „Црн Мост“ во Битола. Во него бугарските фашисти до ослободувањето на Македонија од окупаторите затвораат и малтретираат народни борци заради што после Втората светска војна е срамнет со земја и на негово место на север — со улицата „Кнез Симеон Трновски“ (или порано: булевар на Престолонаследниот Александар), „Црн Мост“ и реката Драгор; на запад улицата „Отец Пасиј“ (или порано: улица „Аристид Бријан“), на југ со улицата „Шар Планина“ (или порано: улица
„Тополска“) и исток каде
што се сечат улиците „Кнез Симеон Трновски“ и „Шар Планина“ е поставен споменик.

Извори:

БИТОЛСКИТЕ ЗАТВОРИ Владимир А. Ивановски

„БИТОЉСКА ГИМНАЗИЈА“, Извештај за школску 1936 37 годину”, Битољ, 1937, страница 51.

„ИЗВЕШТАЈ ДРЖАВНЕ РЕАЛНЕ ГИМНАЗИЈЕ У БИТОБУ ЗА
школску 1939/40 ГОДИНУ“, Битољ, 1940, страница 40.

* „Селамлак“ е изведен од турскиот збор „селам“ што го означува поздравот „добредојде“, и оттаму: „селамлак” – „за добредојде“, односно за добредојде на гостите и пријателите во куќата на турскиот господар.