Дали немањето одговор на ова прашање ќе доведе до повлекување на подарокот и грандиозниот сончев часовник на уметникот Мати Грунберг кој е конструиран специјално за овие гробишта ќе ја напушти Битола?
Советот на Општина Битола донесе одлука за поставување на овој споменик во центарот на комплексот Еврејски Гробишта во Битола. За оваа одлука е дадена согласност од Заводот за заштита на културното наследство. Но, според Градоначалничката Наташа Петровска, општинската администрација не е надлежна да го издаде конечното решение. Министерството за транспорт и врски и второстепената комисија за управни спорови при Владата со свои решенија потврдуваат дека надлежноста е општинска, а досегашната постапка пред локалната самоурава е уредна.
Со оваа рашомонијада конечно излегува на површина вистината дека судбината на Еврејските гробишта во Битола е веќе 58 години заглавена во правните лавиринти од кои нема да може да се излезе додека локалните и националните институции не превземат одговорност за надлежностите кои им се доделени со закон.
Што се однесува до Битола, некогашниот космополитски бисер на Балканот, неа и се заканува уште подлабоко пропаѓање во амбисот на заборавот и чмаење во безличноста, типична за балканските паланки. Овој пат ќе биде заборавена од светската еврејска заедница која изминатите неколку години живо се заинтересира за овој скоро изгубен историски центар на сефардската култура на Балканот.
Благодарение на заложбите на светски признатиот скулптор Мати Грунберг и посветениот амбасадор на Израел за Македонија, Н.Е. Дан Оријан и неуморната работа на нашата некогашна сонародничка Др. Рахел Шели Леви Друмер, во последните три години над десет илјади Евреи од Израел, САД, латино-американските и европските земји ја посетија нашата земја. Тие сите престојуваа во Битола, ги посетија Еврејските гробишта и донираа стотина илјади долари за зачувување на овие гробишта и нивно трансформирање во супер модерен спомен парк.
Меѓу овие посетители беше и Министерот Зе’ев Елкин, старешина на Министерствата за Ерусалем и Екологија на државата Израел. Тој зборуваше за значењето на Битола за историјата на еврејскиот народ и за Израел при комеморација на Депортацијата на битолските Евреи на 10 Март оваа година. Потоа маршираше со нас низ битолските улици, го посети индустрискиот двор на работилницата Пет, каде е сместен импозантниот сончев часовник наменет за Еврејските гробишта во Битола и ги посети гробиштата каде што чекореше по „Ерусалемската патека“, направена со средства донирани од Министерството за Ерусалем. Тој се сретна со граданочалничката Наташа Петровска на приемот којшто таа го оранизираше таа вечер по повод посетата на високиот гостин и донаторите кои ги дадоа средствата за изградбата на часовникот. Во сведоштво на амбасадорот Дан Оријан и присутните донатори, градоначалничката го увери високиот гостин во својата посветеност да ја приврши постапката за поставување на часовникот и дека наскоро истиот ќе биде поставен во средиштето на комплексот Еврејски гробишта. Од тогаш поминаа 6 месеци и до амбасадорот на Израел Дан Оријан и здружението АРХАМ не е доставено ниту едно писмено известување по барањето за решение за поставување на споменикот.
Овој допис е одговор на вчерашното јавно известување од Општина Битола во кое се вели дека Општината Битола ја покажала својата кооперативност на дело со тоа што во 2018 година донеле одлука на Советот за поставување на споменик на Еврејските гробишта.
Во истото известување на Општината се вели и следното: „Со посебно внимание се однесуваме и кон Еврејските Гробишта во Битола, но од самиот почеток укажуваме дека Република Северна Македонија има закони кои важат за сите, вклучително и за Здружението АРХАМ“.
Одлука која е донесена во Јуни 2018, Општинската администрација одлучи да не ја испочитува и до денес нити има издадено решение за поставување, ниту го има одбиено барањето на подносителот здружението АРХАМ и амбасадорот на Израел, Н.Е. Дан Оријан. Според известувањето кое го демантираме, причина за неиздавање на соодветното решение е ненадлежноста која е утврдена со увид во документацијата. Она што општината не го кажува е дека Градоначалничката ја имаше на увид докуметацијата на која се повикува ПРЕД да го поднесат предлогот до Советот за поставување на споменикот на дадената локација. Овој ист аргумент го изнесува во своето решение бр. од Министерството за транспорт и врски кога се изјасни за ненадлежно да спроведе одлука на орган на локална самоуправа. Сеедно, во фебруари 2019, општината Битола поднесе жалба до повисоката државна комисија да го разреши спорот на надлежност
Тогаш општинската администрација даде препорака за донесување на ова решение, а потоа се премисли и поднесе жалба против Решението на Министерството на транспорт и врски кое аргументирано одби да па сеуште се обидува да се прогласи за ненадлежна. Од документацијата која ја поднесе здружението АРХАМ заедно со барањето за поставување на споменикот се гледа дека обезбедените средства за самиот сончев часовник се странска донација, а наведено е и дека позицијата на часовникот е утврдена со идејното архитектонско решение за Спомен паркот на Еврејските Гробишта, кое го подготвија архитектите на АРХАМ со финансиска поддршка на Министерството за култура.Во моментот на донесувањето на оваа одлука овие факти не беа правна пречка, а како такви не ги смета ни Министерството за транспорт и врски, ниту второстепената комисија за управни постапки при Владата кога ги ценеше жалбените наводи на Општина Битола. Ниту скорешната промена на заштитниот режим на комплексот Еврејски Гробишта не може да влијае врз поставувањето на Споменикот.
Три генерации на совесни Битолчани го негуваат споменот на своите еврејски сограѓани како нераскинлив дел од космополитскиот дух на градот. Тие се обидуваа и се обидуваат да го спасат овој непроценлив историски и културен раритет од забот на времето и човечката негрижа. Нивните напори секогаш завршувале со делумни успеси бидејќи се одново се судираа со пасивноста на локалната власт и недостатокот за сенс за потенцијалите кои ги нуди негувањето на минатото. На жалост и оваа администрација не се разликува од претходните.
Во 1961 година, Народниот одбор на Општина Битола донел одлука целиот комплекс да се преуреди и таму да се создаде парк, кој би носел спомен-обележје и кој би бил под заштита на државата. Бил изработен и проект и направена првична пресметка, како и дел од средствата за уредување на просторот, но сепак ништо не било превземено.
Мариа Герас Дочовска