Денес во Битола ме донесе концертот на Камерниот оркестар во чест на бардот на македонската народна песна, Јонче Христовски, за да настапам заедно со моите колеги музичари за овој голем човек.

Дојдов неколку часови порано, со една цел, да одам до познатата битолска населба Јени Маале, во која овој човек ја поминал младоста.
И да поминам покрај неговата куќа во која сега живее некое семејство кое ја купило и ја реновирало во духот на новото време.
Живеел на улицата Брегалничка бр. 6 во ова познато битолско маало, неколку чекори под просториите на КУД Илинден, каде заедно со Виолета Томовска ја започнале својата љубов кон музиката и фолклорот.

За оние кои што не знаат, Јонче и Виолета беа комшии во славното Јени Маале…или Генимале како што милуваат битолчани да го изговараат.
Од членување во КУД Илинден, до гостување во водечките емисии на големите ТВ во тогашната Југославија.
Славејќи ја македонската новокомпонирана песна и создавајќи нумери кои станаа евергрини.
Да споменам само некои…
Јонче за прв пат се прославува во 1964-та година со својата песна “Македонско девојче китка шарена”, чии препеани верзии потоа се појавиле и на англиски, германски, дански, италијански, руски, српски, француски и шпански јазик. Впечатливи му биле и изведбите на песните: “Животе мој”, “Ај засвирете ми чалгии”, “Запеј песна Македонко” и многу други во извонредно богатиот репертоар. Како најзапаметени и највпечатливи негови песни кои се до денес се своевидни химни меѓу македонскиот народ, со огромна популарност се песните: “Едно име имаме”, “Ако умрам ил загинам”, “Ој, Вардаре македонски”, “И ние сме деца на Македонија”, “Мој роден крај”, “Куќа имам на Пелистер”… и многу други.

Можеби е време да се направи споменик на Јонче во Битола, токму во Генимале или на некое друго место, само да имаме негов споменик….а време е и да најавам дека во контакт со неговата ќерка Невена, наскоро ќе објавам нешто што ќе значи многу за големиот Јонче и негување на спомените за него.
Мојот споменик е секогаш музиката, затоа очекувајте наскоро нешто навистина посебно. Овој концерт вечерва е само потсетник, а она што следува ќе остане траен спомен на големиот Јонче Христовски, роден битолчанец во 1931 година кој ќе биде запомнат по песните, по фолклорот во Илинден, а по преселбата во Скопје, како пејач и играорец на Танец , каде како кореограф изработил и создал кореографии за неколку ора, меѓу кои и Калајџиското Оро. Како одговорен за народната музика во ТВ Скопје, ја иницирал серијата “Распеани градови” во 1974, еден од најзначајните проекти на оваа ТВ.

Нека биде вечен споменот на него.
Се гледаме вечерва на концерт во Битола, а утревечер во Скопје.

Благојче Трајковски