Киро Димитровски – Дандаро (5 мај 1912 г. – 1 мај 1942 г.).

Роден бил во Битола на 5 мај 1912 г, во месноста Чифте фурни. Неговата фамилија била претставник на средниот сталеж во градот. Имал еден брат Борис и две сестри Паца и Нада. Неговата мајка се викала Васа, не најдовме податок за името на неговиот татко. Прекарот Дандаро, според кажувањето на неговата внука од брат Борис, го добил кога за време на партија карти со пријателите губел и во нервозата наместо „џандарот“ рекол “дандаро“ .

Пред Втората светска војна бил активист на Прокомунистичките синдикати, член и секретар на Месниот комитет на КПЈ во Битола 1939 година.

Киро Дандаро лево

Ја основал првата партиска техника на Месниот комитет на КПЈ во Битола во 1940 г.
Поради таа активност бил уапсен на 5/6 септември 1940 г. и осуден на 13 декември 1940 г.,

Бранител во судскиот процес му бил д-р Иван Рибар. Затворската казна ја издржувал во затворите Главњача, Ада Циганлија и во Казнениот завод во Сремска Митровица, од каде на 21/22 август 1941 г преку подземен тунел успеал да избега и станува борец на Фрушкогорскиот партизански одред од неговото формирање на 9 септември 1941 г.

Работел како типограф во печатницата на Централниот печатен орган на КПЈ, весникот “Борба” во слободното Ужице во октомври 1941 г.
Во единиците на НОВ и ПОЈ и Врховниот штаб, преку Златибор кон Нова Варош, успеале да ја евакуираат и печатницата до село Доброселце, а тој заедно со други соборци се префрлил во Босна и се приклучил во Витешкиот вод на Романискиот партизански одред.
Потоа бил политички комесар на Првата чета на Петтиот шумадиски баталјон на Втората пролетерска бригада на НОВ и ПОЈ. Во текот на ноќта на 30 Април и 1 Мај, во близина на селото Поткамен, кај Чајниче, Босна и Херцеговина, доаѓа до судир на единиците на партизаните и пешадиска чета на италијанската дивизија „Пустерија“. За време на овој напад загинува Киро Дандаро.

По ослободувањето, на 18 мај 1948 г. неговите посмртни останки биле пренесени и закопани во Битола, а тогаш основаната битолска печатница била именувана со неговото име.

Благодарност до внуката Гордана Ѓорѓевиќ за фотографиите од семејниот албум како и за спомените од животот на Киро Дандаро.