Битола по ослoбодувањето, набрзо почна бројчано да се зголемува со жители, всушност со ново население кое со себе носеше и свои неурбани навики кои не соодвествуваа со една традиционално градска средина.
Имено, се нарушуваа некои вредности кои им причинуваа штета на сите луѓе па затоа за да се сочува и заштити здравата животна средина, биле донесувани перманентно редица одлуки, наредби и други решенија од страна на Народниот одбор на Битола или Општинското собрание- Битола, па и Околискиот одбор кои биле истакнувани на видни места низ градот но и во работните простории на организации или установи.
Од сите сочувани примероци презентираме какви се забрани биле донесувани. Меѓу првите е Апелот со совети и упатства за заштита од болеста туберколоза, следуваат бројни летоци, со совети како да се препознае болниот од грип, како да се постапува при владеење на епидемија на грип, дури се препорачувало како да биде граѓанинот хигиенски услужен:
„Граѓанину! Барај да бидеш услужен во продавниците хигиенски! Потрошувачу! Бојкотирај ги нехигиенските продавници и локали”.
Во слична насока се и неколкуте плакати со следниве пароли:
„Да градиме бунари подалеку од ѓубриштата и ползуваме само хигиенските водоснабдителни објекти, да пиеме само чиста хигиенска ВОДА”: „Нечистата вода е да голем непријател на човекот. ЧУВАЈТЕ ГИ БУНАРИТЕ,
ЧЕШМИТЕ од загадување”.
Сите овие плакати се во формат 59 X 20 см. издадени од Хигиенскиот завод-Битола, Во релација со навиките на битолчани да чуваат во своите дворови домашни животни (кокошки, пајки, свињи и др.)
Градскиот народен одбор сигнализирал дека се појавила болеста чума меѓу кокошките (1947) за потоа да ги означи децидно одредените места за пазари (1948), а во 1948 Народниот одбор соопштува да се негува чистотијата, да се води сметка за противпожарните мерки (1950).
Во 1952 година Народниот одбор- Битола донесол неколку одлуки во заштита на човековата околина како што биле: распоред на движењето на моторните возила низ градот, одржување на хигиената во јавните локали, интернати, установи, домови, негување на парковите и зеленилото во нив. Со ист интензитет се настојувало и во наредната 1953 година да се заштити човековата средина од загадување и бучава. Така, донесените наредби и одлуки се однесуваат за возење на трактори гасеничари по одредени патишта, одлуки да се чистат оџаците, регулирање на градскиот сообрќај, одлуки за промет со штетни намирници чија декларација е неточна или расипани прехранбени артикли и сл.
Во 1954 година им се соопштувало на битолчани дека ќе мораат да ги малтерисаат зградите и да ги варосаат, да го негуваат зеленилото, да ги чистат патиштата од снег или од поплави, да ги одржуваат станбените згради и да се формираат станбени заедници. И во наредната година се повторуваат соопштенијата и наредбите за да се одржува чистотијата пред зградите,
работните простории, дури се определува место за гробиштата и сточното пазариште.
Истовремено го регулира продавањето на млеко по куќите. Домот за народно здравје од своја страна преку плакати им соопштува на граѓаните дека се врши вакцинација на децата против големи сипаници, дифтерија и тетанус.
Истата година (1955) преку плакат се презентираат поважните прописи од Законот за лов. Во едни се наведуваат и казните за оние што ќе ги нарушат забраните. Годината што следувала била обележана со штеточини, т.е. гасеници-жолтотрба и бел Глоговец, па затоа било повикано населението, особено во околијата, да се бори со тие штеточини и да ги искорени.
Во 1958 и 1959 година грижата на Народниот одор била да им соопшти на жителите на Битола да ги заштитат водоводните инсталации, да се преземат противпожарни мерки, а лицата што се занимавале со производство на алкохолни пијалоци и шпиритус се предупредувале да се држат при изработката до законските прописи. И овие години се наредувало задолжително да се чистат оџаците и просториите, како и пред просториите. и Советот за народно здравје наредува задолжително вакцинирање против стомачен тифус, а Советот за стопанство задолжителна вакцинација на кокошките против заразната болест-чума (1961). Истата и наредната 1962 година Советот за стопанство со наредба ги задолжувал граѓаните задолжително да ги регистрираат, вакцинираат кучињата што ги поседуваат, а сите други најавува дека ќе бидат уништени. Исто така, оваа година со одлука се штити редот и мирот на граѓаните од Битола. Покрај сите наредби што ги споменавме постои и наредба со која на сопствениците на зградите на главната улица им се наредува:
„Олуците од настрешниците да се спуштат 30 см. од тротоарите од разлог што при невреме се омета движењето на минувачите”,
а пак со Повик се кани граѓанството да земе учество во пошумување на голите ридишта.
Во врска со заштитата на човековата животна средина биле донесени и објавени следниве забрани: забрана за прекувремена работа (1947), забрана и казни за оние што кршат дрвја (1950), забрана да се продаваат стари алишта, забрана да се сечат плодни и неплодни дрвја (1951), забрана да се пуши
качак, односно сушен тутун б.м. (1951), забрана да се вади камен од реките Драгор и Курдeрeс (1953), забрана за разни ископувања на теренот од Битола (1955), забрана да се вршат некои дејности по одредени улици, забрана да се обавуваат занаетчиски дејности на ул. „Иван Милутиновиќ” (1956), забрана да се печат тули во реонот на Битола (1958), забрана да се продаваат кокошки на територијата на Битола (1961), забрана да се ѕидаат куќи со плитар.
Сите споменати забрани биле донесени од Народниот одбор на општината Битола или од некој соодветен орган на истата со цел да се сочува ликот на градот и удобството на луѓето коишто живеат во него. На тој начин се воспитувале или превоспитувале оние лица чии навики биле спротивни од споменатите наредби и забрани.
Така Битола си го чуваше својот лик на вистински град, со сите градски обележја-чистота, ред, мир, без бучава, без ѓубришта по улици, без силеџиство од
моторни возила и сл.
Извадок од Печатарството и издаваштвото во Битола, раководител на проектот проф. д-р Александар Стерјовски