Jazz Factory Festival 2026: Џезот како културно движење низ четири македонски градови

од April 7, 2026 0 коментари

Деветтото издание на Jazz Factory Festival ќе се одржи од 15 до 19 април 2026 година, потврдувајќи ја својата позиција како единствена национална џез платформа во Македонија. Фестивалот и оваа година излегува од рамките на класичниот концертен формат и прераснува во културно движење кое ги поврзува градовите, уметниците и публиката.

Програмата ќе се реализира во Битола, Скопје, Демир Хисар и Охрид, со учество на уметници од Франција, Израел, Албанија, Австрија, Унгарија, Полска, Црна Гора, Србија и Македонија. Покрај концертите, фестивалот вклучува и едукативни содржини, промоции на книги и професионални средби, со што се создава простор за развој и унапредување на џез културата.

Отворањето е закажано за 15 април во Битола, во Utopia, со прес-конференција, по што ќе следува промоција на книгата „Walking on Masochism“ од Иван Благојевиќ, директор на Нишвил џез фестивал, како и концерт на квартетот на Христијан Ристески.

На 16 април програмата продолжува на повеќе локации. Во НУ Народен театар Битола ќе настапат Tribevibers и составите предводени од Blal Ljujić Pierre од Франција и Mattan Klein со Gent Rushi Trio од Израел и Албанија. Во Pub Bourbon Street ќе настапи Aleks Jazz Quartet, додека во Скопје, во Audiokultura, ќе се одржи концерт на Oststyrian Rhythm Section од Австрија, проследен со промоција на книгата на Благојевиќ.

Третиот фестивалски ден, 17 април, е посветен на едукацијата и младите. Во Europe House Битола ќе се реализира програмата Jazz Factory for Kids, ќе се одржи мастер клас на Lukas Meissl од Австрија, а ќе биде доделена и наградата „Гоце Димитровски“ на Христијан Ристески. Вечерната програма во Народниот театар ќе донесе настапи на Voice and Bass од Унгарија и повторно Oststyrian Rhythm Section.

На 18 април ќе се одржи годишната конференција на асоцијацијата на џез фестивали, со што се зајакнува регионалната и меѓународната соработка, а вечерта во Домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар ќе настапи полскиот бенд JUMA.

Фестивалот ќе заврши на 19 април во Охрид, во JazzInn, со концерт на JUMA, со што ќе се заокружи ова петдневно музичко и културно патување.

Организаторите посочуваат дека Jazz Factory Festival не е само музички настан, туку платформа која ја развива џез сцената преку едукација, соработка и културна размена. Преку мастер класи, детски програми и конференции, фестивалот активно придонесува за афирмација на младите музичари и децентрализација на културните настани во Македонија.

Фестивалот се одржува под покровителство на Општина Битола и Делегацијата на Европската Унија во Македонија, со поддршка од повеќе културни институции и меѓународни партнери.

Повеќе информации за програмата и билетите се достапни на официјалната веб-страница www.jff.mk, како и на социјалните мрежи на фестивалот. Билетите може да се набават онлајн или на билетарата на НУ Народен театар Битола и во Pub Bourbon Street.

Babam Bitola

Comments are closed.