Младата Теодора Јовчевска, ученик во III година во гимназијата „Јосип Броз Тито“, ја реализираше својата прва самостојна изложба на уметнички дела, кои таа ги творела изминатите години.
Дваесетина цртежи, портрети и различни ликовни техники, се изложени во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола. На свеченото отворање, нејзиниот ментор, проф. Александар Поповски, наш истакнат ликовен уметник, посочи дека е виден напредокот на Јовчевска во изминатите три години, во кои таа постојано го надградува својот ликовен капацитет, особено во портретите.

Драган Ристевски, сопственик на галеријата, воедно и докторант по областа за надарени и талентирани, ја отвори изложбата и истакна дека потенцијалот кој во себе го носи младата Теодора Јовчевска, потребно е и натаму да се надградува, со цел нејзината творечка енергија да дојде до израз.

Галеријата „Ранко Струмениковски“, со својот извонреден потенцијал, особено им посветува внимание на младите уметници, кои на оваа локација имаат можност да излагаат свои дела.
Изложбата во наредниот период ќе биде посетена од ученици, како дел од наставата по ликовно образование.