Овие денови го контактиравме битолчанецот Горан Бојчевски, моментално еден од најдобрите кларинетисти во светот. Нас ни е гордост кога пишуваме за наши сограѓани кои со нивниот талент и упорност направиле многу низ целиот свет и со тоа достоинствено ја преставуваат нашата традиција и нашиот град Битола.

Го запрашавме да ни раскажи повеќе за него, како се започна, од каде дојде страста кон музиката и свирење на кларинет, дали има освоено награди, за големата популарност на неговото свирење на кавал и спојот на македонската езгија со музиката на Game of Thrones, далечината и носталгијата, колку му недостига Битола…

Не изостанавме да го прашаме и за неговиот брат Иле Бојчевски, битолчанецот на кој зимата не му можи ништо…

Со неговиот брат Иле Бојчевски

Тој веднаш не прифати и во еден здив ни одговори:

“Роден сум во Битола, каде го завршив основното и средно музичко училиште во разредот на проф. Панде Татарчевски, потоа продолжив на дипломски студии во Словенија, Љубљана. Магистрирав на престижниот универзитет Мозартеум во Салзбург, во класата на првиот кларинетист на берлинска и виенска филхармонија Алоис Брандхофер. Живеам во Словенија, каде што активно се бавам со концертирање и композиција.

Пишувам за најелитните европски универзитети, каде ги изведуваат моите дела, настапувам на сите позначајни фестивали во светот.
Страста на музиката ја наследив од мојот дедо, кој што беше самоук, но врвен музичар. Страста кон музиката е нешто што е вродено во човекот, и се бавам со музика цел живот. Имам освоено голем број на државни и меѓународни први награди, но мислам дека квалитетот на еден музичар не се цени само по освоени награди, туку пред се кон искреноста до музиката, и желбата до што поголема прецизност во неа.

Посветеноста и искреноста, љубовта кон неа е главна работа, наградите потоа доаѓаат сами. Концертите не ги бројам повеќе затоа што бројот на концерти е огромен. Можам да кажам дека секој концерт е посебно искуство и доживување што го прават уметникот уште побогат и позрел пред се. Велат дека домот е таму каде што е и срцето. Битола си ја сакам и ја имам во убави спомени.

Носталгијата е добар услов за творење на добри музички дела. Едно од нив беше изведено во главната сала на Мозартеум лани, каде што делото доживеа огромен успех. Редовно соработувам со Универзитетот и оркестарот. Делото го именував баш “Nostalgie”…

Мојот брат има голема страст во пливањето и навистина ужива во тоа. Јас го поддржувам во тој подвиг. Главната цел на човекот е да ја најде својата страст. Да го исполнува. Мене музиката, еве него пливањето 🙂

Со моето најново остварување, комбинација со музиката на The Game of Thrones целта ми беше да ја приближам македонската езгија до централна Европа и средниот век, преку звукот на кавалот. Музиката се рашири низ целиот свет и има голем интерес за неа. Кој е инструментот, стилот, од каде доаѓам и сл…

За празниците сум многу активен, и нема да можам да ја посетам Битола.

На сите сограѓанки и сограѓани би им посакал да се сакаат, пред се почитуваат, помагаат меѓу себе. Да ги прати среќа, љубов и здравје. И сите да уживаат на надобар начин во 2019 г.”

Ти благодариме Горан Бојчевски, ти посакуваме уште многу успех понатаму и горди сме што имаме битолчани како тебе…