Ана Синицки, светски позната оперска пејачка со потекло од Битола. Нејзина веб страна и инфо на http://anasinicki.com/

и фб фан страна https://m.facebook.com/AnnaSinicki/?ref=bookmarks

Здраво госпоѓице Синицки, Ви благодариме за вашето одвоено време, дали може во кратки црти да му се претставите на нашата публика?

Ви благодарам за поканата поздрав до сите читатели на Бабам Битола. Јас сум оперски уметник со македонско т.е. битолско потекло. Родена во Белград, магистрирав оперско пеење на Јеил Универзитет во САД, а претходно дипломирав на три факултети во Белград. Настапував низ САД и Европа, како во оперски претстави така и на концерти. Во март 2017. год. го објавив моето прво ЦД „Ми Алма“ (Моја душа) кое претставува спој на класичната и популарната музика со цел оперскиот глас да му се приближи на поширок аудиториум. ЦД-то содржи авторски нумери и 2 обработки во различни жанрови, на 7 е јазици, и овде по прв пат имам улога и на композитор и текстописец. На битолската публика и се претставив во 2010 год. во рамките на фестивалот „Битолско лето“.

Вашето потекло е од Битола. Дали може да ни раскажите повеќе околу тоа?

Моите родители се од Битола а јас како дете ги поминував сите зими и лета во Битола, имам многу убави спомени и емотивно сум врзана за овој град.

Што Ви имаат раскажувано вашите родители за Битола и што од тоа вас ви остана највпечатливо?

Битола е градот на Конзулите, со гордост секогаш ќе се сетам на тоа но најголем впечаток ми се секако луѓето кои секогаш ме дочекуваат со топлина и насмевка.

Колку време се занимавате со музика и кои се вашите идни планови?

Со музика се занимавам од најраното детство, прво на отсек за клавир а после на отсек за пеење, почнав од основно музичко училиште и дојдов до магистратура на Јеил.

Моите идни планови се врзани за настапи во Србија и низ Европа, како во оперски улоги така и концертно.

Дали имате нешто што точно Ве врзува со нашата Битола и каде во неа се чуствувате најубаво?

Ме врзуваат спомени и луѓето.. Секоја прошетка низ Широк Сокак ме враќа во детството.

Колку пати имате престојувано и настапувано во Битола?

Секое лето и зима како дете ги поминував во Битола а настапував последен пат во 2010. год. на Битфест.

Ја имате на вас впечатливата убавина на битолската градска жена која е надалеку прочуена. Дали мислите дека тоа е поврзано со вас и вашето потекло?

Гените секако играат голема улога во моите погледи на светот. Јас потеклото секогаш гордо го истакнувам во прв план каде и да сум. Сигурна сум дека стилот и ширината на Битола и нејзините граѓани имаа големо влијание во формирањето на мојата личност.

Вашите песни се полни со емоција. Дали во иднина планирате да отпеете една песна за најопеаниот град во светот, за нашата Битола?

Тоа е одлична идеја. Бидејќи се занимавам и со компонирање и пишување стихови можеби ми дадовте идеја да една таква песна напишам баш за Битола. Инаку на многу мои настапи се трудам да вклучам македонски песни и тоа има голема наклонетост кај публиката.

Дали на наша покана заедно со други битолчани кои исто така се далеку од својата Битола би настапиле заеднички на голема заедничка манифестација?

Одлична идеја, би ми било големо задоволство !