Силата на дисциплината и здравиот живот: Интервју со Цветанка Аврамовска Цеца, фитнес инструктор и нутриционист

од March 12, 2026 0 коментари

Во време кога сè повеќе луѓе се свртуваат кон здравиот начин на живот, фитнесот станува многу повеќе од обична физичка активност. Тој претставува баланс помеѓу телото и умот, начин за градење самодоверба и инвестиција во долгорочното здравје.

Нашата битолчанка Цветанка Аврамовска Цеца по професија професор и судски преведувач по Албански јазик, е жена која својата љубов кон фитнесот ја претворила во професија и мисија. Како сертифициран фитнес инструктор и нутриционист, таа секојдневно им помага на луѓето да ја подобрат својата физичка форма, но и да изградат здрави животни навики.

Мајка на две деца, со долгогодишно искуство во тренингот и натпреварувачкиот бодибилдинг, Цеца е пример дека дисциплината, знаењето и посветеноста можат да донесат резултати и во физичката форма и во животот. Во разговорот што следува, таа искрено зборува за својата фитнес приказна, работата со клиенти, значењето на индивидуалниот пристап во тренингот, како и за тоа зошто физичката активност е важна не само за телото, туку и за менталното здравје.

Како започна вашата приказна со фитнесот и што ве мотивираше да станете фитнес тренер?

Мојата приказна со фитнесот започна пред околу петнаесет години, кога тренингот беше пред сè начин да се грижам за своето здравје и физичка кондиција. По операција на препонска кила, постепено се вратив во теретана и токму тогаш почнав да ја откривам вистинската вредност на физичката активност. Со текот на времето, дисциплината во тренингот, правилната исхрана и здравиот начин на живот почнаа да носат видливи резултати, не само во мојот физички изглед, туку и во мојата енергија, самодоверба и психичка стабилност.

Како мајка на две деца, особено ми беше важно да покажам дека и по бременостите е можно да се врати формата со правилен пристап, трпение и посветеност. Кога повторно успеав брзо да се вратам во форма, многу луѓе од мојата околина го забележаа тоа и почнаа да ме прашуваат за совети. Со задоволство ги мотивирав пријателките и луѓето околу мене, им помагав со насоки за тренинг и исхрана, и токму тогаш сфатив дека фитнесот за мене повеќе не е само личен интерес, туку нешто што сакам да го споделам и професионално.

Така се роди желбата оваа страст да ја претворам во професија. Се стекнав со сертификат за персонален тренер од Федерацијата за бодибилдинг на Македонија, а потоа го надградив знаењето со курсеви за нутриционизам, персонален тренинг и специјализација по бодибилдинг на интернационално ниво преку ISSA. Во исто време се запишав и на Биотехничкиот факултет на насоката Храна и диететика, каде сум веќе трета година, со цел научно да го продлабочам знаењето за врската помеѓу исхраната и здравјето.
Денес фитнесот за мене не е само спорт, тој е начин на живот, простор каде што го наоѓам мојот мир, но и извор на енергија и мотивација да им помогнам на другите луѓе да ја откријат најдобрата верзија од себе.

Што би им порачале на луѓето кои сакаат да почнат со вежбање, но сè уште се двоумат да го направат првиот чекор?

Во моментот работам како персонален тренер во фитнес центарот Energym, каде што одржувам индивидуални тренинзи со клиенти. Паралелно со тоа, активно се подготвувам за отворање на моето сопствено фитнес студио, кое наскоро ќе започне со работа.

Во фитнес центарот Energym не само што работам со клиенти, туку таму ги реализирав и подготовките за моите последни бодибилдинг натпреварувања, што ми овозможи дополнително да го продлабочам моето практично искуство во областа на професионалниот тренинг.
Идејата за мало, приватно фитнес студио произлезе од мојата желба да создадам поинтимна, пријатна и фокусирана атмосфера за тренинг. За разлика од големите фитнес центри, каде што често има многу луѓе и одвлекување на вниманието, персоналниот тренинг во помал простор овозможува целосна посветеност на клиентот.

Во таква атмосфера клиентите се чувствуваат поопуштено и посигурно, особено жените кои можеби за првпат започнуваат со тренинг или имаат одредени здравствени предизвици. Секој тренинг е внимателно планиран според индивидуалните потреби, физичката подготвеност и здравствената состојба на клиентот.

Предноста на ваквиот пристап е што секој клиент добива целосно персонализирано внимание – правилна техника на изведување на вежбите, континуирана мотивација, како и насоки за исхрана и здрав животен стил. Мојата цел е да создадам место каде што луѓето нема само да вежбаат, туку ќе се чувствуваат поддржано, мотивирано и сигурно на својот пат кон подобро здравје и физичка форма.

Колку е важно тренингот да биде прилагоден индивидуално за секоја личност?

Индивидуалниот пристап е еден од најважните фактори за постигнување здрави, безбедни и долгорочни резултати во фитнесот. Секое тело е различно и има свои специфики – возраст, физичка подготвеност, здравствена состојба, хормонален баланс, животен стил и цели.

Затоа тренингот не може и не треба да биде ист за сите.
Кога програмата за вежбање е прилагодена на индивидуалните потреби на една личност, резултатите се многу поефикасни, а ризикот од повреди значително се намалува. Во процесот на креирање на тренинг програма се земаат предвид повеќе фактори – возраст, почетното ниво на физичка кондиција, евентуални здравствени состојби, претходни повреди, како и целите што клиентот сака да ги постигне, било тоа да е намалување на телесна тежина, зголемување на мускулната маса, подобрување на кондицијата или општо подобрување на здравјето.

Посебно е важно индивидуалниот пристап кај жени, кај лица со хормонални дисбаланси, проблеми со тироидната жлезда или по бременост, каде што тренингот мора да биде внимателно структуриран и постепено прогресивен.
Како тренер, мојата цел не е само да водам тренинг, туку да го разберам телото и потребите на секој клиент. Само на тој начин може да се создаде програма која ќе донесе реални резултати, но и ќе помогне клиентите да изградат здрави навики кои ќе ги задржат на долг рок

Со какви луѓе најчесто работите и кои се најчестите цели што сакаат да ги постигнат вашите клиенти?

Работам со жени од различна возраст, од млади девојки до жени кои се мајки и имаат динамичен секојдневен живот. Голем дел од нив доаѓаат со желба да ја подобрат својата физичка форма, да зголемат мускулна маса (мојот омилен дел 😊) , да намалат телесна тежина или да го зацврстат телото . Многу често работам и со жени кои сакаат да се вратат во форма по бременост, или по подолг период на физичка неактивност.

Покрај естетските цели, се повеќе луѓе се свесни дека тренингот има огромно значење и за здравјето. Затоа чести цели кај моите клиенти се подобрување на општата физичка кондиција, зголемување на силата, подобрување на држењето на телото, како и намалување на стресот и зголемување на енергијата во секојдневието.
Исто така, сè почесто работам со луѓе кои имаат одредени здравствени предизвици, како проблеми со хормонален баланс, тироидна жлезда или проблеми со телесната тежина. Во такви случаи пристапот е многу внимателен и се комбинира правилен тренинг со насоки за здрав начин на исхрана и животен стил.

За мене најважно е клиентите да разберат дека фитнесот не е само краткорочна цел за слабеење, туку процес на создавање здрави навики и грижа за сопственото тело. Кога една личност ќе почне да го чувствува позитивното влијание на тренингот врз своето тело и психа, тогаш фитнесот станува дел од животниот стил.

Колку физичката активност влијае врз самодовербата и менталното здравје, особено кај жените?

Физичката активност има огромно влијание врз самодовербата и менталното здравје, особено кај жените. Редовниот тренинг не носи само физички промени, туку и значајни психолошки придобивки. Кога една жена започнува да вежба и постепено ги гледа резултатите од својот труд, подобра кондиција, поголема сила, подобро држење на телото – природно расте и нејзината самодоверба.

Тренингот е исто така одличен начин за намалување на стресот и подобрување на расположението. Физичката активност го стимулира лачењето на хормони како ендорфини, кои го подобруваат расположението и создаваат чувство на задоволство и енергија. За многу жени, теретаната станува простор каде што можат да се посветат на себе, да се ослободат од секојдневниот притисок и да пронајдат баланс помеѓу обврските и личната грижа.

Особено кај жени кои се мајки или имаат динамичен животен стил, тренингот може да биде важен момент на лична грижа и време посветено на сопственото здравје. Кога жената се чувствува силно и здраво во своето тело, тоа директно се одразува и на нејзината психичка стабилност, енергија и целокупна самодоверба.

Затоа секогаш нагласувам дека фитнесот не треба да се гледа само како средство за промена на изгледот, туку како важен дел од целокупното физичко и ментално здравје. Кога тренингот станува дел од животниот стил, придобивките се чувствуваат во сите аспекти од животот.

Што би им порачале на луѓето кои сакаат да почнат со вежбање, но сè уште се двоумат да го направат првиот чекор?

Најважно е да се направи првиот чекор. Многу луѓе се двоумат затоа што мислат дека мора веднаш да бидат во добра форма или дека тренингот мора да биде многу интензивен. Вистината е дека секој почеток е постепен и секој човек има свое темпо на напредок.

На почетокот најважно е да се создаде навика за движење и да се биде трпелив со сопственото тело. Не треба да се споредуваме со други луѓе, туку да се фокусираме на сопствениот напредок. Дури и малите чекори, кога се прават континуирано, со текот на времето носат големи резултати.
Исто така, многу е важно да се започне со правилен пристап – со соодветен тренинг, добра техника на вежбите и постепено зголемување на интензитетот.

Кога тренингот е правилно структуриран и прилагоден на личните можности, процесот станува пријатен и мотивирачки.
Тежинскиот тренинг е еден од најважните облици на физичка активност, особено за жените по 30-тата година. Со текот на годините, природно доаѓа до намалување на мускулната маса и забавување на метаболизмот, што често резултира со полесно таложење на масно ткиво и потешко одржување на телесната тежина. Токму затоа тренингот со тежини игра клучна улога во одржувањето на силно, функционално и здраво тело.

Со редовен тежински тренинг се зголемува мускулната маса, се забрзува метаболизмот и се подобрува целокупната телесна композиција. Освен естетските придобивки, ваквиот тип на тренинг има и значајни здравствени бенефити, ја подобрува густината на коските, ја зголемува силата, ја подобрува стабилноста на зглобовите и го намалува ризикот од повреди.
Кај жените над 30 години, тежинскиот тренинг е особено важен и поради хормоналните промени кои постепено се случуваат во организмот.

Редовниот тренинг со отпор може да помогне во подобрување на хормоналниот баланс, зголемување на енергијата и подобрување на општата физичка и ментална благосостојба.
Многу жени сè уште имаат погрешна претстава дека тренингот со тежини ќе ги направи „преголеми“ или премногу мускулести. Во реалноста, женското тело има сосема различен хормонален профил од машкото, па тежинскиот тренинг најчесто резултира со затегнато, силно и функционално тело.

Затоа јас често го препорачувам токму овој тип на тренинг, бидејќи не само што помага во обликување на телото, туку има огромна улога и во долгорочното здравје, виталноста и квалитетот на животот.

Фитнесот не треба да се гледа како обврска или краткорочна цел, туку како инвестиција во сопственото здравје и квалитет на живот. Секој човек заслужува да се чувствува силно, здраво и задоволно во своето тело, а токму редовната физичка активност е еден од најдобрите начини да се постигне тоа.

Интервјуто е поддржано од:

Babam Bitola

Comments are closed.