Јасминка Чакар претставува една од клучните ликови во сферата на македонската пијанистичка уметност во втората половина на 20. век, пијанистка која, според многубројните уметнички особености, како и достигнувањата во текот на повеќедецениската уметничка кариера, може да го носи атрибутот доајен на македонскиот пијанизам.

Родена е во Битола на 4.07.1939 година како трето дете на угледното семејство Чакар. Музичката дарба ја наследува од двајцата родители, а првите обиди за музицирање ги остварува уште на пет годишна возраст на армониката на постариот брат Иван. Основното музичко образование го започнува во Музичкото училиште во Битола. По завршувањето на основното училиште на 13 годишна возраст (1952), следејќи ги стапките на двајцата браќа, за понатамошно школување заминува во Загреб. Овде повторно го завршува Основното, а потоа и Средното музичко училиште (кај проф. Ира Шварц), а во 1959 година се запишува на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Дарко Лукиќ. По дипломирањето во 1963 година, животниот пат повторно ја води во Македонија. Најпрво се вработува во Музичкото училиште во Битола, а во 1966 година се доселува во Скопје каде ќе го помине својот уметнички и животен век. Првата работна обврска ја добива во Скопскиот Балет и Опера како корепетитор (1966). Со основањето на Вишата музичка школа (денес ФМУ), Јасминка Чакар во 1967 година станува дел од професорскиот кадар во оваа високообразовна музичка институција каде што предава пијано и камерна музика. Во 1976 година се стекнува со звањето магистер по пијано на ФМУ во класата на проф. Владимир Крпан, чиј соработник е повеќе години при неговиот педагошки ангажман во Скопје. Во текот на педагошката дејност во нејзината класа дипломирале над 40 млади пијанисти. По формалното заокружување на работниот век во 2003 година, Јасминка Чакар продолжува да работи со студенти на втор и трет циклус студии на ФМУ.

Паралелно со педагогијата, Јасминка Чакар остварува исклучително богата уметничка дејност. Неброени настапи дома и во странство ги исполнуваат страниците на нејзината уметничка биографија. Освен солистичките изведби, нејзиниот животен концертантен опус содржи и огромен број пијано-придружби остварени со речиси сите истакнати македонски вокални и инструментални уметници (76). Најмногубројни се пијано-соработките со Милка Ефтимова-мецосопран (174 настапи), Никола Атанасов-флејта (45), Славица П. Галиќ-сопран (24), Душка Тасеска-чело (29), Љупчо Соколов-виола (23), Нина Среброва–пијано (15), Леонид Пејсахов-виолина (13) итн.

Непроценлив е нејзиниот придонес и во остварувањето на меѓународната соработка, успевајќи да реализира успешни творечки контакти со огромен број реномирани странски изведувачи (37), меѓу кои Aндре Навара-чело, Станислав Аполин-чело, Вернон Хил-флејта, Аурели Блашчок-виолина, Михаил Хомицер-чело, Марине Јашвили-виолина, Лудовит Канта-чело, Тонко Ниниќ-виолина, Ирена Графенауер-флејта, Минео Хајаши-чело, Јован Колунџија-виолина, Трипо Симонути-виолина, Миленко Стефановиќ-кларинет и уште многу други.

Иако најголемиот број од остварените настапи се однесуваат на пијано-придружби на вокални и инструментални солисти, во текот на својата петдецениска уметничка кариера Јасминка Чакар има одржано 66 рецитали и полурецитали, 15 солистички изведби со оркестри, околу 30 соло концертни точки, и над 60 настапи во неколку камерни ансамбли. Своите пијанистички квалитети, покрај концертните простори во речиси сите градови во Македонија, Чакар ги има презентирано пред музичкиот аудиториум во повеќе културни центри на поранешна Југославија (Белград-7, Приштина-7, Загреб-6, Сараево-5, Будва-5, по 2 настапа во Љубљана, Херцег-Нови, Суботица, Нови Сад, Ниш, Крушевац, Ѓаковица и по еден во Опатија, Лесковац, Корчула, Јајце, Бања Лука, Врхника-Целје), но и во повеќе европски метрополи како Рим-6, Виена-2, Париз-2, Лондон-1, Бредфорд-1, Норвич-1, Сицилија-1, Неапол-1 и Солун-1.

Она што и дава личен печат на нејзиниот уметнички профил е фактот дека пијано-придружбите ги остварува без партитури што се должи на нејзината исклучителна музикалност и способност за брзо читање и меморирање на нотниот текст, како и вонредната умешност за импровизирање. Уште една од карактеристиките кои ја одликуваат е постојаната подготвеност да свири во секакви пригоди: на значајни концертни настапи, но и на настани од различни поводи – хуманитарни собири, концерти за млади, промоции, конгреси…. секогаш високо професионално, полетно, со полна инспирација и ентузијазам.

Од големо значење е нејзиниот придонес за афирмацијата на современото македонско творештво кај нас, но и во светот како резултат на нејзините интенции во репертоарот секогаш да има застапеност на композиции од македонски автори. Огромен е репертоарот и голем е бројот на камерните ансамбли, чиј член била Јасминка Чакар.

Како уметничка фигура со особени заслуги за подемот на македонскиот пијанизам и музичката култура воопшто, Јасминка Чакар е добитник на многубројни признанија и награди, меѓу кои 13 Ноемвриска награда (1979), 11 Октомвриска награда за долгогодишни особено значајни остварувања во областа на културата и уметноста (1999), Златна лира за животно дело (2007), Награда за животно дело во областа на музичката педагогија (2008, 2010), Награда на Мајка Тереза (2009) итн.

Во петдецениската уметничка дејност таа успева да ги задржи своите стилско естетски определби во изведбата на разновидниот музички репертоар. Токму нејзината изведувачка сестраност е и нејзината клучна особина што, покрај талентот и неисцрпната енергија, обезбеди постамент во македонската музичка уметност, како пијанист со цврсто етаблиран уметнички статус.

Автор: Проф. д-р Аида Ислам

Извор