Денес 9 мај 2023 година во 75-тата година од животот почина познатиот карикатурист, новинар и естраден работник Миле Милевски
Работниот век го помина како новинар во весникот на трговското претпријатие „Јавор “ од Битола, а беше познат по тоа што работеше како тапанар и пејач во групата „Боцкин“.
По повод неговиот јубилеј 50 години магазинот за хумор и забава „Без навреда“ го објави следниот текст:
50 ГОДИНИ ЈУБИЛЕЈ
– Миле Милевски е роден во социјализмот, жртва на демократијата, без споменик на коњ покрај Драгорот кај на Сали мостот.
– Првата карикатура ја објавил во „Остен“ 1969 година. Ја нацртал во студентската населба „Медицинар“ во Скопје. Карикатурата била посветена на еден заболекар кој во количка полна со клешти и други дрангулии оди по улица и вика: Заби поправам. Уште тогаш пред 50 години Милевски предвидува што ќе се случува во здравството денес.
– Објавувал во Студентски збор, Нова Македонија, Трудбеник, Битолски весник, Јеж, Паулиха – Љубљана, Дело, Без Навреда, Слободен печат…
– Учествувал на повеќе светски фестивали и светски галерии во Скопје, Истанбул, Акшехир, Антверпен, Токио, Пескара и Толетино – Италија.
– Безброј карикатури. Над 1500 афоризми.
– Награди: Секоја објавена и хонорирана карикатура.
– Над 100 хумористично-сатирични раскази.
– Повеќе од 50 хумористично-сатирични песни, препеви.
– Член и оснивач на групата БИК (Битолски карикатуристи).
– Беше десет години инвентар во „трудо“, а сега е вработен во ПИОМ.
– Религија: Се колни во извршителките и се крсти за здравје и слава на нивната неславна професија.
– Автор е и изведувач на песната „Минаа 30 лета“ за која го има напишано текстот посветен на вечната болка – печалбарството.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре 10 мај 2023 година од 10 до 12 часот во црквата „Св. Димитрија“, а погребот ќе се изврши на буковските гробишта.