Единиците на Дванаесеттата германска дивизија на 9-ти април 1941 година влегле и ја окупирале Битола.
На 18 април 1941 година во Битола влегле единиците на Петтата бугарска армија. Бугарскиот фашистички окупатор веднаш ја воспоставил својата власт во Битола . За битолчани започнаа деновите на голем притисок, терор и денационализаторска пропаганда.
Како последица на настанатата состојба, на 2 август 1941 година, партиската организација и СКОЈ во Битола организирале масовни Илинденски демонстрации, ставајќу му на знаење на окупаторот дека не го признаваат и дека ќе се борат до неговото прогонство.
Членовите од КПЈ ја извикувале паролата “Да живее слободна Македонија” која со воодушевување била прифатена од широката народна маса. Со тоа било оневозможено овај голем празник на македонскиот народ да биде искористен од страна на окупаторот за неговите други намери и цели.
Илинденската демонстрација во Битола во 1941 г. ја осмислил и раководел Народниот херој Стеван Стив Наумов на кого му се придружил Стерјо Ѓеоргиевски и други.
Илинденските демонстрации биле предвесник за започнување на востанието во Македонија против фашистичкиот окупатор. На почетокот од месец Октомври 1941 г. голем дел од нивните учесници и организатори од страна на бугарската полиција биле уапсени и затворени.