Игор Трајковски Фоја, уметник од Битола меѓу сценаристите на ТВ серијата Преспав , 4-та сезона.
Здраво Игор. Дали можете да ни раскажите како се најдовте во тимот на сценаристи во серијата Преспав?
Здраво и до вас, најпрво Среќни празници до вашите читатели и едно големо благодарам што одвојувате простор на вашата платформа за оваа тема. Пред повеќе од година дена, месец ноември 2018 започнавме рaзработка на ТВ проект на режисерот Георги М. Унковски во кој копродуценти се продукцијата ОХО, продуцентите на ТВ Серијата Преспав.
Режисерот го прочитал моето долгометражно сценарио под работен наслов „Ноќта“ кое беше одбрано мегу 10-те сценарија кои беа подржани од страна на Филмскиот фонд на Македонија, за развивање на конкурсот во 2018 и врз основа на тоа решил да се сретнеме и да започнеме соработка.
Инаку јас истото тоа сценарио го развивам со Иво Трајков, Македонско-Чешки режисер во чија класа ги завршив постдипломските студии на Филмската академија во Охрид. Воедно Иво Трајков своевремено му бил ментор на режисерот Георги М. Унковски на ФАМУ во Прага, па ете и тој факт до некаде нѐ спојува.
Проектот за кој се сретнавме е сеуште во фаза на развој и не можам да откривам детали. Но можам да нафрлам дека станува збор за проект кој третира современи содржини, а начинот на кој се третирани е доста интересен и жанровски и суштински, па искрено се надевам дека ќе доживее екранизација.
Тоа беше првата средба и соработка со Пеце Талески, главниот и извршен продуцент на ОХО, односно ТВ Серијата Преспав.
Веќе пролета 2019 ОХО започна со припреми за 4-та сезона на Преспав. Јас добив шанса да се приклучам на тимот на сценаристи предводен од сценаристот Сашо Кокаланов и продуцентот Пеце Талески.
Низ работилниците кои се одвиваја во продукцијата ОХО учествуваат Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева
како сценаристи и Пеце Талевски како извршен продуцент. Јас најпрво го запознав системот за работа кој веќе подолго време го практикуваат на овој проект, сѐ прилагодив на истиот и активно зедов учество во креирање на структурата за четвртата сезона. Преку овој процес стигнавме до тоа во 20-те епизоди од 4 та сезона, 2 епизоди да се со комплетно мое сценарио.
Како е чувството и почеста да се пишува за една од најпопуларните ТВ серии во моментот?
Па иако станува збор за пишување, секој проект зависно дали е тоа сценарио за игран филм, сценарио за краток филм, документарец или пак во случајот ТВ серија, бараат различен пристап.
Иако во суштина се работи за пишување на филмско сценарио, форматот и медиумот драстично се разликуваат, па оттука се разликува и системот на изготвување.
Да, Преспав е доста популарен и успешен македонски проект. Самиот факт што се емитува 4 та сезона кажува дека Преспав во моментот поставува стандард во мекедонскиот телевизиски етер. Секако дека е супер да се биде во тимот кој победува, но ова искуство јас не можам да го издвојам само како такво. Низ процесот на работа во ОХО најпрво имав шанса да се запознам со сценаристите Сашо Кокаланов, Алек Попов и Делјана Манева кои се од Бугарија, Артин Селамани и Огнен Неделковски со кои ги разработувавме и развиваме сценаријата заедно со Ана Дескова од продукција. Низ сиот тој процес мора да признам дека многу научив, како од сите поединци така и од самиот систем за работа. Со еден збор пишувањето за ТВ е тимска работа па од првичната идеа до крајната реализација има низа фази кои мора да се поминат за да се добие конечен производ.
Дали можете да ни опишете каква е атмосферата на снимање на една епизода?
Како да гледаш епизода од Преспав ама од 7 сабајле до 7 на вечер. Атмосферата на сет е пред се позитивна и професионална и покрај тоа што се снима една епизода на ден има моменти кога целата екипа слатко ке се изнасмее на некој гаф од глумците. Мора да споменам дека крајниот производ на сценариото е во тесна поврзаност со глумците. Да не ги споменувам и издвојувам сега еден по еден, но секој еден од нив со својата професионалност и усогласеност во улогата придонесуваат во конечната верзија на сценариото. Секако дека сценаристот на сет има пасивна улога и ако е сѐ како што треба тој си ја завршил работата пред да почне да се снима епизодата.
Тука и режисерот е тој кој ја има диригентската палка, но доколку има потреба во некои моменти дури и сценаристот може да биде активен на сет. Јас и за двете мои сценарија имав соработка со режисерот Георги М. Унковски. Можам да издвојам дека соработката со Георги се одвиваше одлично на ниво на разработка на сценаријата, а резултаите од сработеното може публиката сама да ги оцени.
Дали имате и нешто друго да додадете?
Па се надевам дека опфатив поголем дел од тоа што значи да се биде дел од тимот на сценаристи, и поопширно да се биде дел од проектот Преспав. Сакам да ја поздравам цела екипа на Преспав, ОХО продукцијата преставувана од продуцентот Пеце Талески и секој еден член на тимот кој е дел од таа приказна. За мене работењето на овој проект преставува едно огромно професионално и емоционално растење и можам да кажам само се нај. Ова интервју сакам да го заокуружан со посебен поздрав до сите студенти од првата генерација на ФИОФА (Филмската академија од Охрид) кои се заталакани во лавиринтите на системот и сеуште се борат за нивните дипломи и покрај тоа што си ги завршиле целовито нивните обврски пред повеќе од година дена. Да се надеваме дека како што Преспани наоѓаат начини и магични решенија и во најтешките за нив моменти, дека и за овој проблем на овие обесправени студенти меѓу кои сум и јас, некоја од надлежните институции ќе пројави интерес кој ќе има светла разврска. За убо, за арно.