Ротари Клубот Битола Широк Сокак во соработка со IWConnect, по повод Меѓународниот ден на жената, на ден 10.03.2023 година (петок), со почеток во 17:00 часот, во Порта Џез, го организираше настанот насловен како: „Храбри наместо совршени“.
Секоја година 8-ми Март се слави како Меѓународен ден на жената низ целиот свет. Денот ги одбележува културните, политичките и социо- економските достигнувања на жените во различни области. Тоа е значаен повод за сите кои се вклучени во борбата за родова еднаквост.

Овогодинешната тема за Меѓународниот ден на жената е дигитализација на сите: „Иновациите и технологијата за родова еднаквост“. Ова мото ја истакнува улогата на иновативните технологии во промоција на родовата еднаквост, како и задоволување на потребите за здравје и личен развој на жените и девојките. Целта на овој настан беше да им се оддаде признание и да се почитува придонесот што жените и девојките го даваат во технологијата.

Идејата за одбележување на овој посебен ден, прерасна како иницијатива на IWConnect, Netcetera, Cythero, Сумнал и ФИКТ, кои заеднички ја одбележаа борбата за родова рамноправност, преку методологијата на човечки библиотеки.

Повеќе од 30тина присутни од средните училишта и од факултетот за информатички и комуникациски технологии, имаа можност да слушнат различни животни приказни, да научат нови работи, нови технологии, дигитални вештини како и да се инспирираат никогаш да не престанат да работат на себе и постојано да учат. По медотологијата на човечки библиотеки на интересен и несекојдневен начин присутните имаа можност да се запознаат со приказните на наши успешни сограѓанки.