– Внимавај, тука можеш да се изгубиш дури и ако ја познаваш Битола како својата дланка.
Ми го вели ова постар питомец. Сè уште не сум ја запознал Битола доволно добро.
– Солун е десет пати поголем од Битола – велам неразбирајќи точно што ми зборува питомецот.
– Не зборувам за таква големина – се смее тој – Битола ќе те изгуби во своите приказни. Биди внимателен!.. пишува Александар Русјаков во неговото последно издание ХОТЕЛ МЕЃУ ДВЕ ВОЈНИ.

И навистина е така. Секоја куќа со своја приказна, секој чикмак со посебна убавина, секој битолчанец со негова приказна, а нас не гази времето и итаме по еден и по друг тоа заедно да го собериме. Ете веќе седма година по ред. Големи предизвици за нас се градбите кои не постојат повеќе, а некогаш биле дел од аристократска Битола, душата на градот која на парчина ја откинаја несовесните власти уништувајќи се пред себе. Ја срушија Пекмез чаршија за да имале плоштад, ја срушиле црквата св. Елена и Константин за да не ја гледале од плоштадот итн. итн.

Хотел Ројал, објектот лево

Ова е семејна приказна за Георги Митрев Чукалка (1882-1964) кој беше по потекло од село Илино, Демир Хисарско. Порасна во Битола во фамилија со многу браќа и сестри. Беше многу заинтересиран за школување, но за жал неговиот татко тоа не го дозволуваше и го испрати да го учи чевларскиот занает. И покрај тоа што многу добро го изучи занаетот, младиот Георги не беше задоволен од моменталната ситуација во Македонија и со братот Глигор во 1901 г. заминува за Америка на печалба. Браќата живееа и работеа во градот Рочестер, држава Њу Јорк, САД.

Фамилијарен фотографија на Георги со родителите, браќата и сестрата.

После 17 години поминати во печалба преку Солунското пристаниште браќата се враќаат со параброд во Македонија. Во 1920 г. Георги се ожени со Евгенија од фамилијата Пешка чија фамилија беа сопственици на познатата слаткарница Милка на Широк Сокак. Со парите спечалени во Америка, браќата купуваат неколку куќи, еден хотел и еден ан (гостилница).

Портрет на Георги Митрев Чукалка пред заминување за САД

Хотелот Ројал беше многу добро опремен и покрај собите за спиење имаше огромна сала со четири билијард маси. Една друга поголема просторија беше наменета за забави каде обично имаа средби аристократи избегани од Русија после Октомвриската Револуција. Хотелот имаше и свој автомобил со кој гостите беа пречекувани на железничката станица во Битола. Нажалост по завршетокот на Втората Светска Војна комунистичката власт го национализира целиот недвижен имот на браќата и им остави само по една куќа каде можат да живеат со своите фамилии. Малку подоцна хотелот Ројал кој се наоѓаше на Широк Сокак и анот кој се наоѓаше во близина на Ат Пазар беа срушени.

Георги Митрев Чукалка со сопругата Евгенија Пешка

Георги и Евгенија имаа повеќе деца од кои некои починаа на мала возраст, но најголема болка им предизвика смртта на синот Петар во 1947 г. кој студираше медицина во Софија. Разочаран од состојбата во која се најде неговата фамилија после сите загуби, Георги ја продава куќата и заминува во Скопје каде купува комфорен стан кој на жалост не беше вселив со повластени станари од комунистичката партија. Поминаа 9 години пред истите да се иселат од станот. Во меѓувреме Георги со сопругата и двете помлади ќерки живее во многу скромни станбени услови во Скопје се до земјотресот во 1963 г.

Автомобилот пред Хотел Ројал со кој беа пречекувани гостите

Веднаш по земјотресот Георги со Евгенија и помладата ќерка Јелица доаѓаат во Битола да живеат со најстарата ќерка Василија која беше мажена со Светозар Тасевски, инаку автор на многу збирки поезија и проза.
Во 1964 г. неговата ќерка Марија, архитект по професија, добива монтажна барака каде се преселува целата фамилија назад во Скопје додека Јелица, професор по клавир, останува да работи во Музичкото училиште во Битола. Архитектот Марија Митрева ги има изработено скиците за изградба на познатиот споменик на депортираните Евреи од фашистите за време на војната кој се наоѓа пред Уредот.

Архитектот Марија Митрева ги има изработено скиците за изградба на познатиот споменик во облик на Менора

Георги Чукалка умира во Скопје во декември 1964 г. и нажалост не дочека да се всели во купениот комфорен апартман кој беше ослободен од станарите дури во 1965 г. Во него остануваат да живеат сопругата Евгенија и најмладата ќерка која во Скопје работеше како професор по клавир во Музичката Академија. Во меѓувреме, Марија, единствената жива ќерка на Георги, се омажи за архитектот Џорџ Нез од САД кој беше испратен од ООН на помош заради изградба на Скопје по земјотресот. Таа заминува за САД во 1965 г. каде живее со сопругот и има две ќерки. Тие се живи и моментално се наоѓаат во Денвер, Колорадо.

Последна фотографија на Георги Митрев Чукалка (Нова 1964 Година)

Ројал беше позната надалеку билијардска сала на браќата Чукалка или Чукалковци. Кафеаната имаше и летна бавча што излегуваше на Широк Сокак бр.80.

Летната бавча на хотелот Ројал

За време на Втората светска војна „Ројал“ работеше како ресторан со музика каде повремено беше ангажиран виолинистот Левако. Есента на 1943 година во полната сала на „Ројал“ со домашна публика и бугарски офицер, во поодминатите ноќни саати се случи голема тепачка. Искра што ја запали атмосферата на закрвавени погледи меѓу двете популации, домашните и офицерите, во алкохолизирана состојба, кревајќи чаша еден битолчанец ја спомна Америка („Ројал“ беше изграден со печалбарски пари од Америка).

Забава во летната бавча на хотелот Ројал, фото Манаки

Штом беше спомната Америка, бугарските офицери рипнаа и се нафрлија на таа маса од каде дојде здравицата. Ова беше прелевање на чашата и сите домашни рипнаа. Настана големо меѓусебно толчење во кое Бугарите го извлекоа подебелиот крај, а брзо стигнаа обете полиции, и воената и цивилната, си ги прибраа истолчените но и другите од цела кафеана на жесток „распит“.(сеќавање на Такец во Перформансите на Широк Сокак). Преку оглас во српски весник далечните 30-ти години сопственикот го издава хотелот под бесплатен наем само тој да продолжи со истата намена и работа.

На крајот овај објект функционираше како Младински дом, по што беше срамнет со земја за да се направи стамбена зграда во која станови добиваат структурите од ОЗНА и УДБА. Така и за жал засекогаш се избриша еден убав дел од славниот Широк Сокак кој денес само на старите фотографии го препознаваме. Но тука се нашите приказни со кои нема да дозволиме да се заборават, заеднички ќе ги прераскажуваме и „ќе се изгубиме“ во нивната големина и убавина…

Голема благодарност до Јован Тасевски, Марија Митрева и нивната голема фамилија.