Хотелот СОЛУН
Централно градско подрачје
Сотир (1882-1967), Ристо (1887-1933) и Стефан (1892-1959), со своите две сестри Марија и Христина, уште како мали останаа сираци. Нивниот татко Тале Спанаков имал заедничка кафеана и ан со својот шура Вангел, но рано загинал. Мајката на сираците Спанакови, Анастасија, била многу храбра и со продажба на дел од земјиштето успеала да ги изгледа. Тројцата браќа парите што ги заработувале не ги трошеле. Кога потпораснале купиле голем плац со штала за крави. Подоцна ги продале кравите и изнајмиле кафеана. Од печалбата купиле плац кај поштата во Битола и во 1920 година почнале да го градат првиот битолски хотел “Солун” – раскажуваат Ружа, Милева, Тодорка и Никола.
Хотелот имал површина од 1.127 квадрати и двор од 320 квадрати. Тројцата браќа завршиле само четврто одделение, но биле многу итри оти од мали почнале како чираци, станале калфи, мајстори и на крајот газди.
– Хотелот “Солун” работеше по европски стандарди. Имаше и богата вонпансионска услуга. Располагаше со свој пајтон и чеза. Во 1936 година хотелот имаше и службена лимузина “форд”, службен возач кој ги превезуваше гостите. Во хотелот доаѓаа гости од Србија, Хрватска, Грција од цел Балкан, а во “Солун” преспал и кралот на Албанија, кога од својата земја преку Македонија бегал во странство – велат наследниците.
Инаку, тројцата газди направиле строга поделба на трудот: најстариот Сотир бил задолжен за економијата на придружните имоти и дејности, Ристо бил за работата на хотелот и за трговијата, а Стефан за односот со гостите и со муштериите.
– Браќата Спанакови, не живееја само од хотелот. Тие имаа и повеќе ливади, а го откупуваа и целото сено од битолско и го продаваа во Грција. Извезуваа коњи и јагниња во Австрија. Во својата шума во Брајчино сечеа дрва и правеа јаглен за хотелот и за скарата. Дел од јагленот им го продаваа на други трговци. Во хотелот беа ангажирани и нивните сопруги Јелена на Сотир, Катерина на Ристо и Блага на Стефан. Тие шиеја, переа и ги пеглаа чаршафите, го чистеа и другиот инвентар. Сите работеа од зори до мрак – раскажуваат нивните деца.
Тројцата браќа направиле три куќи, биле угледни меѓу сограѓаните и сите тројца знаеле по 5 – 6 странски јазици: еврејски, грчки, турски, влашки, француски, англиски, српски и бугарски. Биле бизнисмени, многу печалеле, малку трошеле и живееле скромно. Се што ќе спечалеле го вложувале…